Идната година ќе биде година на економско заздравување и почеток на фискална консолидација, истакнаа на прес конференција премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими презентирајќи го Предлог- Буџетот за 2021 година.
Вкупните приходи на Буџетот за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари (3,4 милијарди евра), или за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс за 2020 година. Расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари (4,024 милијарди евра) или за 2,1 отсто пониско во однос на вториот Ребаланс за 2020 година.
Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП, или во апсолутен износ од 34,9 милијарди денари денари (околу 567,4 милиони евра).
Буџетскиот дефицит ќе се сервисира со задолжување на домашниот и на странските пазари, со тоа што на домашниот пазар задолжувањето ќе биде 275 милиони евра, а остатокот во странство. Заев најави и издавање развојна државна обвзница како дел од новиот пристап за сервисирање на буџетскиот дефицит.
Предвиден е економски раст од 4,1 отсто, а приоритети ќе бидат справување со последиците од здравствената криза, економско закрепнување и стимулирање на капиталните инвестиции и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
Главни приоритети на Буџетот за 2021 година се поддршка на здравствениот сектор, што значи заштита на здравјето и животите на луѓето, економско заздравување и раст, преку мерки за социјално ранливите категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места. Нашиот фокус во текот на 2021 година, колку што е можно повеќе го насочуваме на политики кои ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политки кои ќе поддржат реализација на капитални инвестици што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на раст, рече Заев.
Капиталните инвестиции се проектирани на 23 милијарди денари (373,9 милиони евра), со тоа што, како што објаснија Заев и Бесими, доколку некој од буџетските корисници нема да ги искористи, планираните средства ќе се доделат на оние кои можат да ги искористат и така да придонесат за економскиот раст.
Ќе има и буџетски резерви кои ќе се искористат доколку продолжи здравствената криза.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.