Во „Викенд без ДДВ“ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66.853.929 денари (околу 1,09 милиони евра), соопшти Управата за јавни приходи.
Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи ќе им ги исплати парите на граѓаните на нивните трансакциски сметки во рок од 15 дена од последниот ден на скенирање на фискалните сметки.
Од анализите и споредбите што ги направи Управата за јавни приходи потрошувачката на македонски производи во овој „Викенд без ДДВ“ во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец е за 2,2 пати зголемена.
Дополнително скенирани се три пати повеќе фискални сметки и остварен е и 9,5 пати поголем промет од македонски производи овој викенд во однос на истиот од минатата година.
Првата мерка од четвртиот сет на антикризни мерки што ги донесе Владата стартуваше токму со мерката ,,Викенд без ДДВ“ кој целосно ја спроведе Управата за јавни приходи.
Резултатите од оваа мерка се повеќе од успешни бидејќи значат повеќе пари назад кај граѓаните, зајакнување на домашниот буџет и истовремено зголемена потрошувачка на македонски производи и услуги. Поттикнување на промет кај македонските компании е поддршка во услови на криза, која влијае и на подобрување на ликвидноста на компаниите, оценија од УЈП.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.