По добиената препорака за успешното работење на маркетот „Агровардар промет" на булеварот „Видое Смилевски Бато", бр. 51-1/2, во Ново Лисиче, бевме сигурни дека ќе слушнеме интересна приказна. Закажавме средба со сопственикот Трајче Саздовски, кој се појави точно до минутка, и го почнавме разговорот.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Разговорот со Трајче повеќепати беше прекинуван, од причина што буквално секој што ќе поминеше го поздравуваше и разменуваше со него по некој мал соседски разговор. Со насмевка на лицето, тој се присети на почетоците: Првите чекори во трговијата ги направивме во 1984 година, во населбата Аеродром, каде што отворивме пиљара. По три години ја затворивме затоа што со сопругата се вработивме во големи државни фирми. Откако тие во 1994 година почнаа да се распаѓаат, во 1995 година официјално почнавме со малопродажба на ова место, вели Трајче.
Малиот семеен бизнис почнал на простор двојно помал од сегашниот, кој располага со продажна површина од 68 квадратни метри и со магацински простор од 12 квадратни метри. Првите четири години, работеле само Трајче и сопругата, а првиот вработен е примен во 1998 година. Денес во продавницата работат вкупно девет вработени: Имаше периоди и кога двете ќерки ни помагаа во работата, но сега тие се задолжени во друга гранка што ја имаме во рамките на фирмата, а тоа е книжарницата во близина.
Како што истакнува Трајче, „Агровардар промет" е голем маркет во минијатура, со асортиман со повеќе од 4.000 производи. Држиме сè што постои на пазарот, сè што е потребно и барано, но најпрепознатливи сме по делот со овошјето и со зеленчукот, од што 10 отсто е органско, вели тој. Кај овошјето обично стојат двајца вработени. Наплатна каса има една, а по потреба, кога има големи турканици (во сабота и на празници), на мобилниот пулт се поставува и се вклучува дополнителна каса.
При изборот на нови производи, Саздовски ги слушаат сугестиите и искуствата на комерцијалистите, следат реклами и авантуристички прифаќаат сè што е ново и интересно, во количество и во обем колку што сметаат дека може да се продаде.
Трајче открива дека за набавка, ретко одат во магацини: Работиме со 155 доставувачи, од кои 90 отсто нè посетуваат еднаш неделно. Тие најчесто самите прават анализа и нарачки во нашиот маркет со девојките што се вработени, дури и да не сме тука со сопругата. Со текот на годините имаме изградено цврста доверба, нема потреба да ги следиме во нарачките, дали претерале и сл.
За набавка на овошјето и на зеленчукот е задолжен Трајче: Секое утро, многу рано се впуштам во таа работа – станувам во три и пол часот и првата тура веќе е кај нас во пет и пол, најдоцна до шест часот. Активното следење и навременото носење на стоката е една од нашите конкурентски предности во однос на големите.
Нашиот соговорник честопати се прашува зошто еден купувач би дошол да купува во „Агровардар", кога би можел да оди во маркет од 600 квадрати, со убав разладен простор за шетање, убави колички, можеби и со поширок асортиман...
Зошто би доаѓал да купува ако не сме му интересни? Функционираме 22 години затоа што сме коректни и транспарентни со купувачите, внимателни сме и им даваме максимална доза на демократија – самите избираат кое парче да го земат, го ставаат на вага, можат да го вратат назад ако не им се допаѓа. Ако ги однесат дома производите и забележат дека нешто не е за нив или не им е потребно, можат да го вратат, а ние ги враќаме парите. Вработените мислат дека јас сум премногу толерантен, но мислам дека тоа е основата. Знаеме да ги почитуваме, особено луѓето кои пазарат овде повеќе од 20 години и практикуваме, барем еднаш неделно, да ги почестиме со нешто – сапунче, две-три овошки повеќе..., раскажува тој.
Луѓето што пазарат веќе 22 години во „Агровардар" се одговор на прашањето на Трајче. Но, освен купувачите од околината, има и бројни минувачи, а некои доаѓаат поради специјалните производи што се нудат, обично во саботите (на пример, чизми за 99 денари).
Семејството Саздовски добро ја познава структурата на населението во населбата и се приспособува кон неговите потреби: Ново Лисиче е посебна експедиција. Не постои слична населба во Скопје, верувајте! Во постариот дел од населбата, структурата на населението се состои од луѓе што живеат во државни станови, кои беа донесени од цела Македонија за потребите на големите компании. Денес, сите тие компании се затворени, а оваа категорија луѓе остана без работа и, условно кажано, најтешко се снаоѓаат.
Во однос на цените во големите маркети, Трајче вели дека поради долгогодишната соработка со доставувачите, не дозволуваат да дојдат до ситуација да набават производи со кои не би биле конкурентни: Тука сме внимателни, јасни и кратки. Набавуваме исклучиво производи со кои сметаме дека може да се носиме на пазарот со целата конкуренција околу нас. Генерално, на сите стандардни производи имаме исти цени.
Според него, за разлика од пред две-три години, кога постоеше таа т.н. војна меѓу големите синџири и ТТ-каналот, сега таа повеќе речиси и не постои: Не сме во иста категорија, не сме конкуренција. Сега постои војна меѓу големите, а ние возиме „велеслалом", се снаоѓаме како знаеме и умееме и, фала му на бога, уште сме здрави и живи. Имаме дури и развојни планови, како и планови како да се одбраниме од големите.
Развојните планови на семејството Саздовски не вклучуваат отворање нов маркет. Трајче открива дека месецов планираат преуредување на дел од внатрешноста на маркетот, како и целосна реконструкција на надворешниот дел (пиљарата): Набавени се материјалите со кора од дрвја, светилките што ќе загреваат зимно време и нема да дозволат смрзнување на плодовите. Целта на реконструкцијата е уште повеќе да ги фасцинираме потрошувачите со начинот на изложување на овошјето и на зеленчукот, а планираме и органските производи да ги зголемиме на 20 отсто.
Има нешто што Саздовски ги прави особено горди. Имено, во 2008 и во 2009 година на ниво на Град Скопје, во конкуренцијата за избор на најдобро опремен маркет, „Агровардар" се закити со два златни медали. Двете плакети, што за нас се најголема потврда, се во дуќанот. Првата година нè канеа да присуствуваме на изборот, а ние упорно одбивавме. По повеќе телефонски убедувања, со сопругата се спремивме и отидовме. Не знаевме дека сме во конкуренција, а кога ги читаа сите маркети, нè интересираше кој ќе биде прв. Кога нè прочитаа нас, речиси се затетеравив, ми стана непријатно... Требаше да станам и да кажам неколку зборови пред микрофон, а не бев подготвен, дури и се збунив... Надвор имаше телевизии што снимаа, кои на елегатен начин ги избегнав, за да не дојдам до ситуација да не можам да им одговорам. J Кога нè викнаа втората година, претпоставувавме дека сме во конкуренција и очекувавме сребрен или бронзен медал, но повторно добивме златен. Веројатно, нè одбраа затоа што сме многу мали, симпатични и снабдени, со гордост раскажува Трајче. |
На крајот од нашиот разговор, со Трајче позборувавме за иднината на малите продавници: И покрај сите тешкотии, кои секој ги чувствува и ги знае, во делот на малопродажбата, особено во сегментот каде што припаѓаме ние, малите, сè уште има простор за работа. Секој има можност да ја оствари сопствената цел! Мислам дека можностите за малите бизниси во иднина ќе бидат дури и поголеми во однос на големите, кои секако имаат свои проблеми и грижи. Ние ќе продолжиме да работиме со задоволство и со посветеност. Иако долго време сум во трговијата, работам со истиот ентузијазам како денес да ми е првиот ден!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.