InStore продолжува со посетата на маалските продавници низ Македонија, со цел да се запознае и да ги претстави трговците кои посветено и неуморно работат. На наше огромно задоволство, одлично сме прифатени, а посетите се почеток на едно ново пријателство.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Изминатиот месец го посетивме киоскот „Јосе тобако", лоциран во непосредна близина на Новиот театар во Велес, на улицата „Благој Ѓорев", бр. 57. Киоскот располага со продажна површина од 18 квадратни метри, со дополнителни 2 квадратни метри магацински простор.
Сопственикот Јосиф Димитриев, или како што пријателите го викаат Јосе, пријателски нè прими и со радост ни откри дека е наш редовен читател, кој одамна посакувал да биде дел од оваа рубрика – да раскаже за своите почетоци и да ги сподели своите искуства.
Мојот пат во трговијата почна во 1999 година, со отворањето на првиот киоск од само 2 квадратни метри. Тој киоск денес е затворен, но сè уште постои и кога и да поминам покрај него, ми буди спомени...
Почнав на 19 години со многу малку средства, бев толку млад што луѓето не ме познаваа. На целата главна улица беа само мојот киоск и уште една трафика на „Тутун промет". На почетокот, асортиманот го сочинуваа само цигари, весници и гуми за џвакање, а потоа, како што работата напредуваше и луѓето ме запознаваа, сè повеќе се зголемуваше. Поставивме фрижидери за сокови, за сладолед... Поголемиот дел од асортиманот беше изложен пред киоскот, се сеќава Јосе.
Јосе продолжува по патот на трговијата, секојдневно учејќи од поискусните од него. Внимателно ги слуша советите од комерцијалистите, клиентите и пријателите, кои за него претставуваат драгоцено искуство.
Со посветеното вложување низ годините, Јосе ја проширува својата дејност и развива семеен бизнис, во кој се вклучени најблиските, како полноправно вработени. Освен овој киоск, кој постои веќе четири години, во Велес работат уште два негови киоска, со површина од 25 и 12 квадратни метри.
Според него, за успехот во работата е особено важна внимателноста да се набавуваат производи што често се купуваат: Кај мене сè функционира како што треба, затоа што не држам производи што не можам да ги продадам. Асортиманот го сочинуваат речиси 1.500 производи, од кои најмногу се трошат цигари, кондиторски производи и пијалаци.
Директното снабдување од производителите има големо позитивно влијание врз работата: Со комерцијалистите имаме професионален однос на високо ниво и соработка што функционира беспрекорно. Сè е работа на договор, а кога се почитуваат точноста и навременоста, соработката станува долготрајна, раскажува Јосе за контактите со дистрибутерите.
Од друга страна, тој вели дека и комерцијалистите се задоволни од неговиот однос. На шега му велат дека секој трговец од нив бара по нешто: кој рабат, кој рекламни материјали, а тој е единствениот што не бара ништо. На ова Јосе одговара: Го добиваме она што го заслужуваме! Од вас не можам да побарам лојални клиенти, тие се стекнуваат со чесност, доверба и со тек на време!
Според Јосе, клиентот секогаш е во право, дури и кога не е: Постојано се трудиме да ги задоволиме барањата на клиентите и на секаков можен начин да ги привлечеме. Градов е мал, ако тука те покажат со прст, ќе бидеш обележан! Токму секојдневните контакти со луѓето, како неизоставен дел од работата, се дополнителна мотивација за љубов кон професијата.
Секојдневјето е исполнето со безброј случки, пријатни и непријатни: Луѓето забораваат телефони, паричници... Имаше една случка во првиот киоск, кога паричникот на еден купувач, со голема сума пари, паднал во чипсот. Го најдов по два-три часа, но не го отворив. Тука остана две недели, а кога човекот дојде, не се ни сеќавав на него! Тој беше неверојатно изненаден затоа што не недостигаше ниту евро. Тоа сум јас, тоа е моето семејство – го цениме она што самите ќе го заработиме, не сакаме нешто што не сме заслужиле.
Јосе е свесен дека иднината на малите продавници е тешка, но големата љубов и ангажираноста во работата можат да резултираат само со успех: Најголемиот успех за мене е она што досега го постигнав! Таму каде што сум сега!, изјави тој на крајот од разговорот за InStore.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.