Доколку сакаме да опстанеме во ова сурово време, мора да промениме нешто во начинот на работење. Мора да се едуцираме и научиме како да работиме под вакви услови и најважно, да ги имплементираме тие научени вештини и техники.
Автор: Петар Лазаров, „Македонија-експорт консалтинг"
Во минатиот број видовме дека во перспектива, условите на малите продавници се поволни. Светски тренд е големите, наместо да се шират на пазарот, да бележат стагнација и/или да се развиваат на помали површини. И нормално е што е така, бидејќи се погодени од глобалните економски случувања.
Но, генералната состојба во моментот кај нас не е иста со светскиот тренд и перспективата на пазарот за брза потрошувачка. Таа е далеку од поволна. И од аспект на државата, и законите што влијаат врз развојот или падот на малите продавници, и од аспект на тоа како тие се држат и се справуваат со сè поголемата конкуренција и промени во пазарната структура. Генерално, не можеме во моментов да влијаеме врз општата социо-политичко и економска ситуација, но затоа може да влијаеме врз она што ние го правиме и работиме за да го зајакнеме бизнисот што го имаме. Затоа и фокусот на овој и на сите следни текстови ќе биде како да дојдете до разни начини за успешно да се справите со конкуренцијата и да го одржите вашиот бизнис.
Пред да почнам да го пишувам овој текст, направив мало истражување на пазарот. Односно, посетив десетина мали, маалски продавници низ неколку локации во градот. Разговарав со сопствениците за нивните почетоци, за работата, како оди сега, а како било пред неколку години, за конкуренцијата, за клиентите и за сите работи што тие ги прават во моментов, за да се справат со огромната конкуренција и состојбата на пазарот. Коментарите, генерално, не беа воопшто воодушевувачки и позитивни. Сите се жалеа на работата и на тоа колку е променето од порано. Сè посилна конкуренција, луѓето сè повеќе немаат пари, помалку влегуваат во продавниците и помалку трошат. Состојбата е тешка. Тоа е точно. Но, за сите е тешка. И доколку сакаме да опстанеме во ова сурово време, мора да промениме нешто во начинот на работење. Мора да се едуцираме и да научиме како да работиме под вакви услови и најважно, да ги имплементираме тие научени вештини и техники.
Низ разговорите, она што го увидов кај повеќето, а што сметам дека е од огромна важност за успешноста, односно неуспешноста во водење на еден бизнис, е тоа што никој немаше некоја издржана стратегија или специфичен концепт на работење. Генерално, опстанокот на тие продавници се должи на одличната позиција, локација на дуќанот.
Многу малку се инвестира во изгледот на дуќаните, асортиманот, начинот на поставување на производите и редење на полиците, услугата и односот со купувачите, начинот на промоција и продажба на производите и некои други аспекти на работењето. Ова ми дава за право да кажам дека со правилна и макотрпна работа и подобрување во сите овие аспекти од работењето, маалските продавници може лесно да ги придобијат купувачите и да го зајакнат својот бизнис. |
Цената секогаш ќе биде најголемиот проблем на малите продавници. Тешко е да ги добиете истите цени како што ги добиваат големите маркети. Затоа единствен начин да се борите со конкурентите е да имате издржана стратегија и да работите на јакнење во сите овие аспекти на вашиот бизнис.
Во овој текст ќе посветам повеќе внимание на стратегијата, како елементарен фактор за успешен бизнис. И ќе ви помогнам, како низ неколку точки, самите да направите ваша моќна микро-стратегија. Не ви требаат консултанти или огромни инвестиции, иако ако можете да си дозволите надворешна професионална помош, ве охрабрувам да го направите тоа. Едноставно, треба да направите анализа на вашиот бизнис и да размислите во однос на овие точки и да ги дефинирате насоките што безусловно ќе ги следите во вашиот бизнис. Нормално, ако дојде до некој посериозен непредвиден удар, адаптирајте ги точките според новонастанатата ситуација.
А. МОМЕНТАЛНА СОСТОЈБА: Анализа на моменталната состојба на работење. Анализа на пазар, конкуренција, купувачи, приходи-расходи, профит, локација, изглед на продавница, маркетинг и продажни активности, доставувачи. Во моментот за вас е најважно е познавањето на вашиот купувач. Ако подобро го запознаете него, неговите потреби, желби и интереси, многу полесно ќе најдете начин како да ги задоволите и задржите. Најдобар начин е да направите истражување преку прашалници. Имате примерок во прилог на овој текст кој слободно може да го искористите.
Б. ГЕНЕРАЛНА ЦЕЛ: Што сакам да постигнам со мојот бизнис? Каде се гледам за 5 години? Идејата не е да сонуваме туку да бидеме реални во нашите желби и цели, земајќи ја предвид нашата моментална состојба на пазарот, нашето знаење и капацитет. Може да се дефинира квалитативна цел, но ситуацијата е многу поконкретна, па ви предлагам да дефинирате месечен приход (профит) што сакате да го остварите. Секогаш е полесно да се забрза темпото на работа кога имаме дефинирано некоја цел и кога постојано следиме колку ја остваруваме.
В. РАЗВОЈНИ ПРАВЦИ: Како од точка А. да стигнеме до точка Б.
Ако одговорите на овие прашања и постапите според објаснувањата, направите ваш сопствен акционен план, веројатноста да го одржите вашиот бизнис и да ја остварите вашата цел е многу поголема отколку да не направите ништо. Во следните неколку текстови, ќе ви дадам подетален опис на секоја од овие точки.
Со успех во имплементацијата!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.