Малопродажба

Топ-трендови за лојалност на потрошувачите во 2023 година

06 Sep 2023

Лојалноста на купувачите треба да биде клучен дел од секоја бизнис-стратегија.

Извор: influencermarketinghub.com

Стекнувањето нови купувачи чини петпати повеќе отколку задржувањето на постојните – оттука, зголемувањето на лојалноста и задржувањето на купувачите е од суштинско значење и за намалување на трошоците на компаниите. Многу бизниси го прават тоа преку програми за лојалност, можности за партнерски маркетинг, понуда на попусти за следното купување и други слични тактики.

Најважно од сè е да се задржи допирот на пулсот на трендовите за лојалност и тоа што купувачите навистина сакаат да го видат годинава. Во продолжение се претставени најважните седум тренда што ќе извршат најголемо влијание врз базата на купувачи и ќе ги натераат повторно да се вратат.

  1. Партнерства за лојалност

Многу брендови имаат програми за лојалност преку кои нудат попусти, гратиси или други стимулации откако купувачите ќе го повторат купувањето. Иако тоа не е ништо ново, сепак е основа за трендот партнерства за лојалност. Тоа е точката во која соработуваат два или повеќе брендови за да понудат придобивки за купувачите на секој вклучен бренд и да допрат до поголема публика.

На пример, „Старбакс“ и авиокомпанијата „Делта“ го објавија партнерството за лојалност минатата есен, при што купувачите може да ги поврзат своите сметки Starbucks Rewards и Delta SkyMiles и да добијат повеќе поволности од двете компании. Со оглед на тоа што обично има барем по еден „Старбакс“ на секој аеродром, ова партнерство меѓу двете компании е одлична идеја.

Партнерствата за лојалност треба да бидат меѓу два неконкурентни, но комплементарни бизниси. Ако размислуваат за партнерства од тој тип, бизнисите треба да ги имаат предвид брендовите со слична целна публика.

  1. Гејмификација

Гејмификацијата е процес на давање нешто – исто како и програмите за лојалност. Ова е еден од главните трендови годинава поради влијанието што може да го има врз лојалноста на купувачите. Студијата на агенцијата „Снип“ покажува дека брендовите што користат гејмификација во нивните програми за лојалност може да забележат зголемен ангажман на купувачите за 47%, зголемена лојалност кон брендот за 22% и зголемена свесност за брендот за 15%.

Еден добар пример за одлична гејмификација во програмата за лојалност е „Лазада“, компанија за е-трговија чие седиште е во Сингапур, но е присутна и на Филипините, Малезија, Виетнам, Индонезија и во Тајланд. Е-трговецот има апликација преку која купувачите може да ги следат нивните награди, да добијат награди за препораки, да пристапат до попусти, да гледаат тајмер за одбројување до разни поволности и награди и многу повеќе.

Сепак, една од најдобрите карактеристики на оваа програма за награди е тоа што „Лазада“ на купувачите им нуди виртуелни семки од банана. Семињата растат со секое купување и купувачот може да ги следи и негува виртуелните растенија додека не родат плод. Потоа можат да ги заменат бананите за награди или за реални овошки што ќе им бидат доставени до дома.

  1. Повеќекратни придобивки

Уште еден од трендовите за програми за лојалност на купувачите што продолжува да се развива е понудата на повеќекратни придобивки. Програмите со повеќекратни придобивки значат дека наградите за лојалност што ги нуди брендот се зголемуваат врз основа на износот што купувачот го троши за брендот. Создавањето повеќеслојна програма за награди ги мами купувачите да трошат повеќе.

„Сефора“ има одличен пример за повеќекратни придобивки со програмата Beauty Insider. Нејзините награди Insider нудат голем број бенефити, но кога купувачите трошат повеќе пари, тие можат да користат поволности на повисоки нивоа – VIB и Rouge.

  1. Персонализација

Многу е поголема веројатноста дека потрошувачите ќе купуваат од компании што нудат персонализирани искуства, а тоа се однесува и на програмите за лојалност. Преку нив компаниите можат да ги користат податоците за купувачите за да направат попривлечни понуди за секој конкретен потрошувач.

На пример, програмата за бенефиции Marriott Bonvoy на хотелскиот синџир „Мериот“ може да го анализира однесувањето на гостинот и му ги претставува наградите и придобивките што се привлечни за него. Една од погодностите е што му дава препораки за активности што може да ги прави додека е на одредено патување.

Персонализацијата го зголемува бројот на позитивни искуства што купувачите ги имаат со одреден бренд. Бизнисите треба да бараат начини за персонализација на програмите за лојалност, но и за персонализација на нивните интеракции со потрошувачите.

  1. Мобилни апликации

Креирањето мобилна апликација е уште еден многу важен тренд за лојалноста на купувачите од повеќе аспекти. Од една страна, поседувањето мобилна апликација за купување е одличен начин да се понуди беспрекорно, омниканално искуство за купувачите, а од друга страна, на бизнисите им ја олеснува работата при собирањето податоци за начинот на купување.

На пример, апликацијата на „Старбакс“ има дел што е наменет за наградните поени (ѕвезди) на врвот на почетниот екран. Потрошувачите можат да го следат бројот на ѕвезди што го имаат, да дознаат како да добијат повеќе и да откријат како да ги потрошат или откупат своите ѕвезди.

  1. Флексибилност

Следниот тренд на лојалност ја вклучува флексибилноста. Купувачите сакаат да имаат можност за флексибилност во начинот на заработка на наградите, но и флексибилност за нивно трошење. Не е добро купувачите да бидат ограничени само на одредени производи, кои се дел од програмата за лојалност. Наместо тоа, бизнисите треба да им дозволат на купувачите да заработуваат награди за секое купување што го прават. А, како поттик, трговецот секогаш може на одредени производи да им додели поголема бодовна вредност.

„Норт фејс“ има одличен пример за флексибилна програма за награди, особено кога станува збор за тоа како членовите можат да генерираат поени. Притоа, потрошувачите добиваат награди од секое купување. Тоа значи дека не се издвојуваат одредени производи што се подобни за програмата, туку купувачите ги одбираат нивните омилени производи. „Норт фејс“ додаде и други начини на кои членовите можат да добиваат поени – од препорака на пријател и посета на различни области во светот до преземање на мобилната апликација.

  1. Премиум програми за лојалност

Купувачите вообичаено треба да платат за да бидат дел од премиум програма за лојалност. Постојат добри и лоши страни на овој тип програми, но една од најголемите предности е тоа што тие означуваат вистинска лојалност. Само потрошувачите што се навистина лојални и имаат страст кон брендот и неговите производи или услуги ќе се пријават за премиум програма за лојалност. Овие програми обезбедуваат придобивки за потрошувачите веднаш, наместо тие да чекаат додека да соберат доволно поени.

Членството во синџирот книжарници „Барнс & Нобл“ е одличен пример за успешна премиум програма за лојалност која постои со години. За годишна претплата од 25 долари, членовите можат да добијат попусти, бесплатна испорака на онлајн-нарачки, ексклузивни понуди и многу повеќе.

Amazon Prime е уште еден одличен пример за премиум програма за лојалност. Заинтересираните плаќаат 14,99 долари месечно или 139 долари годишно за да добијат бесплатна и побрза испорака, пристап до Amazon Prime Video и неколку други поволности.

Заклучок

Последните неколку години се години на големи промени. Бизнисите кои можат да се приспособат на променливиот пејзаж и да инвестираат во подобрување на искуството на купувачите ќе изградат посилни односи со нив. Како што одиме напред, бизнисите ќе треба да продолжат да иновираат и да експериментираат со нови награди и стимулации за да ја зголемат лојалноста и да ги задржат купувачите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...