Кривична одговорност ќе има за фирмите кои зеле државната помош за исплата на плати на вработените, а не им ги исплатиле, најави директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска. Освен присилна наплата, парите што ги добиле за субвенции на плати, ќе треба да ги вратат назад.
Ќе има казни и за фирмите кои после објавувањето во јавност веднаш ги исплатија платите на вработените.
Дадовме се од себе како институција да ги спроведеме мерките максимално транспарентно и одговорно, но за жал нашиот труд падна во вода кога видовме дека има вакви случаи. Законот за даночна постапка како процес на еден вид присилна наплата овозможува најпрво да се поднесе опомена, но тоа не значи дека ние ќе застанеме тука. Дел од овие пари доаѓаат и од Светска банка и тие ја следат будно оваа ситуација. Владата ќе преземе соодветни чекори и оваа листа ќе ја испрати во Обвинителството и ќе има кривична одговорност. А покрај тоа што ние ќе направиме присилна наплата, во самата уредба стои дека тие пари ќе треба да ги вратат сите тие средства што ги зеле, рече Лукаревска.
Владата пред неколку дена објави список со фирмите кои ја злоупотребиле државната помош за кризата со пандемијата. Според УЈП, станува збор за 708 компании, кои за април и мај зеле околу 385.000 евра од државата за субвенции на платите, но не им ги исплатиле на нивните вработени.
Лукаревска рече дека освен тие фирми, има и други компании кои зеле пари од државата, но нецелосно им ги исплатиле на работниците. До УЈП стигнале и пријави од работници дека земале пари, но им било кажано да ги вратат назад. Тие случаи ќе ги испитуваат заедно со инспекторатите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.