Актуелно

Зоран Богетиќ: Што се наоѓа под „врвот на ледениот брег“?

25 јул 2020

Врз основа на цените што потрошувачите ги гледаат на продажните полици тие развиваат добри или лоши чувства кон трговците. Според нив, трговците се одговорни за животниот стандард. Оттука, трговијата често е „на тапет“ на можна штета врз стопанството во целина. А цената е резултат од дејствувањето на сите актери во синџирот на снабдување

Автор: Зоран Богетиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, zoran@bogetic.com

(текстот е објавен во јунскиот број на магазинот InStore)

Домашното јавно мислење, по којзнае кој пат, е опседнато со трговијата, трач-теми за политичарите и гласачите. Политичарите, грижливата приказна за стандардот на жителите стандардно ја товарат на грбот на трговците, почнувајќи од комунистите, па сè до различните патриоти. Библискиот стереотип за сомнителните трговци политичарите го афирмираат и наплатуваат, продавајќи ја патетичната приказна на загрозената популација. Гласачите, со низок животен стандард и образование, својата секојдневна преокупација за преживување логично ја товарат на тоа што во својата мака можат да го видат, а тоа се цените на продажните полици.

Прво Тито победоносно ја укина предвоената трговија, ги елиминира многубројните угледни трговци и го наметна коминтерновското видување на стопанската распределба на добра на граѓаните во Социјалистичка Југославија. Паркот на Лука Ќеловиќ Требињац, некогашниот угледен трговец и добротворец, во строгиот центар на Белград оттогаш граѓаните не го препознаваат по него. Во тоа време етаблиран стереотип за сомничава суштина на трговијата, до денес, има важно место во стопанството и политичкиот живот во Србија и во другите земји во регионот.

Од радикалните идеи за небитната важност и местото на трговијата Тито се откажа по нецела деценија од советската практика. Под формата социјализам, од средината на педесеттите години, трговијата суштински доживува пресврт и бурен развој. На релативно завидно ниво на развиеност, пред распадот на поранешна Југославија, трговијата станува „златна кокошка“ за популистичките лидери на кои им требаа финансии за идеите и војните и сомнителното праќање пораки за грижа за стандардот на граѓаните. Да се сетиме само на пропаста на стоковните куќи во Белград, кои во 1993 година беа опустошени од грабливи граѓани бидејќи цените во време на хиперинфлацијата беа вратени неколку месеци назад, а раководството на фирмите ги отвори вратите на дотогаш многу добро уредените објекти. Грижливите политичари популисти триумфираа за сметка на крахот на некогашната стопанска гордост. И никој не е казнет за тоа дело, ниту од Бога ниту од државата. Од друга страна е сеќавањето на делото на Драган Ивановиќ, некогашен угледен директор на „Пекабета“, кој не ја послуша политичката команда на Слоба да ги отвори продавниците со ретроактивно пониски цени, со што ги сочува фирмата и вработените од пропаст. Себеси не успеа да се спаси, плаќајќи ја цената на големите притисоци. Малкумина се денес тие што се сеќаваат на славното дело на чесниот директор.

Трговијата е само „врвот на ледениот брег“, под кој е сложениот синџир на снабдување со различни учесници, чија одговорност лежи кога станува збор за „градење“ цени на полиците.

Долгоразвиваната идеја за брокерската функција на трговијата, и последичното врежано мислење дека „тука има нешто сомнително“, до денес се експлоатира, а со тоа и се негува. Поновата Србија од октомвриските промени досега ги памти, на пример, некогашните популистички мерки за фиксирање на цените на основните животни намирници. Обидот на евтино политичко додворување на сметка на трговијата и прикриените пошироки стопански проблеми, сепак, не ја спаси тогашната политичка елита. Остана блуткав впечаток за ниски политички маневри, чија штета не е согледана, а ниту наплатена.

Времето на корона, со општата стопанска блокада, повторно ја афирмира одговорноста на трговијата за животниот стандард на граѓаните. Малопродажните цени се, пред сè, фиксирани, па либерализирани и за трговијата нашироко се зборува. Министерството за трговијата повторно е во центарот на интересот на јавноста. Трговијата, се чини, чесно ја изнесе задачата за снабдување на граѓаните во досега невидени услови на општествено-економска криза. Неодамнешната проверка, на пример, на аптекарското работење покажа принципиелно почитување на усвоените мерки на ниво на тој сектор на трговија.

Меѓутоа, трговијата е само „врв на ледениот брег“ под кој се наоѓа комплексен синџир на снабдување со различни учесници, чија одговорност стои кога се во прашање „ѕидањето“ на цените до продажните полици. Цените на продажните полици во трговските објекти што граѓаните ги гледаат не значи дека само трговците учествуваат во нивните формирања. Не треба да се заборави на улогата и на сите други играчи во синџирот на снабдување кои имаат свој удел во тоа. Стереотипното исклучиво повикување на трговијата и нејзината одговорност за животниот стандард доведуваат до фрлање во сенка на многубројните стопански, не помалку одговорни актери. Тука се поставува прашањето дали во актуелниот момент само се релативизира пошироката одговорност на многубројните министерства и институции во сенка на трговијата. Пример се цените на маските и ракавиците, кои сега стануваат основно животно и работно средство. Цените се фиксирани, на релативно високо ниво, каде што според неодамнешните увиди, трговијата професионално го реализира својот дел од задачата. И повторно е постојано „на тапет“ за тоа прашање, додека се во сенка многубројните играчи, вклучувајќи магловита одговорност на државата за актуелно важно основно работно и животно средство.

Се наближуваат избори во Србија и стравувања од нови евтини политички пораки насочени кон сегашниот лош стереотип за улогата на трговијата во нашите животи. Истовремено, ова е шанса за политичките актери да направат напори да ја истакнат важноста на улогата на сите актери во синџирот на снабдување во процесот на создавање вредност за потрошувачот, но и за општеството како целина. Ова би ја релаксирало трговијата, така што во новиот контекст би можела да игра позначајна улога во развојот на општеството како целина. Се чини, како никогаш досега, нашето општество повеќе нема време за краткорочни политички заблуди на штета на трговијата и општеството како целина. Поефикасните деловни модели бараат транспарентен поглед на однесувањето на сите актери во синџирот на снабдување.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...