Актуелно

21.542 компании ќе добијат по 14.500 денари по работник

11 May 2020
21.542 компании ќе добијат 14. 500 денари по работник за исплата на априлската плата, како резултат на владината Уредба за финансиска поддршка на работодавачите, соопштуваат од Владата.  
 
Нема информации за колку вкупно работници станува збор и, според тоа, колкава е сумата што ќе се оддели од буџетот за таа намена.
 
Од вкупниот број на поднесени барања, како што информираат од Владата, 2. 377 барања се од угостителската дејност, 253  се туристички агенции (туроператори), 2.177 се од транспорт, 258 од објекти за сместување, а 16.625 се од останатите дејности.
 
Со уредбата на Владата за оваа мерка можеа да аплицираат и самостојните вршители на дејност (трговец-поединец, лице кое врши земјоделска, занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење на дејност и е запишано во соодветен регистар), ним им се одобрени 5.840 барања за финансиска помош од 14.500 за исплата на плати за април.
 
Грижата за секје работник и за неговото работно место беше цел и на дополнувањето на оваа уредба со што работодавачите можеа да ги вратат назад на своите работни места работниците на кои им беше прекинат работниот однос во периодот од 11 март до 30 април. Благодарение на ова дополнување, до 7 мај околу 500 работници се вратија на своите работни места, се наведува во соопштение на Владата.
 
 На другите им останува правото за надомест во  определен број на месеци, соодветно на нивниот работен стаж и во висина од 50% од просечната нето плата во последните 24 месеци, мерка која се спроведува преку Агенцијата за вработување,
 
Во соопштението се посочува и дека сите досегашни мерки се активни и, доколку биде потребно, ќе се применуваат и понатаму. Во тек е подготовката на третиот пакет мерки кои, како што велат од Владата, ќе понудат директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...