Актуелно

Продавачите - најбарани работници во Македонија

17 Feb 2020

Огласени се над 5.300 работни места. Најмногу од нив се во трговијата на големо и на мало, вкупно 2.452. Најбарана професија е продавач, со околу 600 слободни работни места

Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk 

Нов закон во Германија, кој ќе стапи во сила од 1 март , ги олеснува процедурите за вработување работници што живеат во земји кои не се во Европската Унија и овозможува престој во Германија до шест месеци само за барање работа (досега беа три месеци). Ова значи дека државјаните на земјите што не се во ЕУ се изедначуваат со резидентите на Унијата во однос на правата за вработување во германските компании.

Оваа мерка, со која Германија сака да привлече квалификувани работници за своите околу 1,7 милион слободни работни места, ги исплаши компаниите во регионот и кај нас. Официјалната информација од германската амбасада е дека 10.000 лица од Македонија годишно добиваат работни визи за Германија. Дали кон Германија ќе тргне работно стампедо и ќе ги остави домашните компании без млади квалификувани работници, но и дефицитарни кадри кои и сега мака мачат да ги најдат?  Дополнително, и регионот „ни краде“ работна сила. На пример, трговските синџири „Лидл“ и „Шпар“ во неколку наврати преку огласи бараа работници од Македонија за маркетите во Хрватска - касиери, менаџери, раководители на маркет, работници во одделите за месарници, за маркети во Ровињ и на Брач. Во огласите стои дека „Лидл“ нуди сигурно работно место, натпросечен месечен приход во малопродажбата, обезбедено сместување и јавен превоз, можност за дополнителна работа, платена секоја минута работење...
Побарувачката на кадар од маркетите од регионот особено се зголемува пред почетокот на летната сезона. 

Сепак, не можеме да ги избегнеме негативните демографски трендови кои во Хрватска влијаат врз расположливата работна сила. Поради тоа, неколку години наназад работните места повремено ги огласуваме и во околните земји, па со задоволство им даваме можност и на кандидати од други земји да станат дел од нашиот тим, соопштија од „Лидл“. 

„Шпар“, пак, во последните месеци огласи повеќе од 50 работни места за продавачи - касиери во Загреб и во Истра (градовите Пореч, Пула, Умаг и Лабин). „Шпар“ обезбедува сместување во Хрватска, платен топол оброк, месечен билет за градски превоз и платена повратна карта за одмор и посета на семејството во Македонија за работниците што ќе работат повеќе од 6 месеци.

Гордана Медарска, „Рамстор“: Ние се соочуваме со проблем на наоѓање продажен кадар поради тоа што во последните години младите сè помалку запишуваат во стручните училишта. 

Од Стопанската комора на Македонија предупредија дека условите за работа во странство не се добри и порачуваат младите да останат во Македонија. Оттаму предлагаат примена на дуално образование, зголемување на платите и подобрување на условите за работа.
Процесот на образование не треба  да биде насочен само кон високо образование на секој млад човек. Туку подобри резултати во обезбедувањето стручен кадар би можеле да се добијат доколку сите ние сме свесни дека со средно стручно образование би можеле да најдеме соодветна работа, рече на прес-конференција Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската  комора. 

Месари нема ни за лек 

Според последните податоци од Агенцијата за вработување, во државава има огласени над 5.300 работни места. Најмногу слободни работни места има во трговијата на големо и на мало, вкупно 2.452. Најбарана професија е продавач, за која има близу 603 слободни работни места. Следуваат општ работник, па хигиеничар на производствено-работни простории. 

И покрај слободните работни места, работодавците се жалат дека не можат да најдат работници. Дали нашите синџири маркети се соочуваат со недостиг на соодветен кадар за вработување? Гордана Медарска, специјалист за регрутација и обуки во „Рамстор“-Македонија, вели дека, за жал, во последните години е сè поизразен проблемот со недостиг не само на соодветен кадар, туку воопшто има недостиг на работна сила.

Отвореноста на земјите како Германија, Словенија,  Малта, Хрватска, Грција, особено во летниот период, се причина за голем недостиг на кадар во сите сектори на ниво на државата. Нашата компанија е во секторот продажба. Ние се соочуваме со проблем на изнаоѓање продажен кадар поради тоа што во последните години, за жал, младите сè помалку се определуваат за запишување во стручните училишта или занаети, вели Медарска. 

Таа смета дека треба да се направи делумна реформа на нашиот образовен систем, кој би се приспособил на потребите на компаниите и стопанството. 

Главниот проблем кој може да се посочи е недоволното практично искуство кое нашите дипломци го поседуваат по дипломирањето. Доколку практичната обука биде задолжителна и би вклучувала проекти во самите компании со ментори професори на факултетите, истите би биле многу попродуктивни. Како друг проблем може да се посочи и нискиот степен на специјализација кој го имаат младите. На компаниите им се потребни специјалисти од одредени области, кои би имале општи познавања од областа, наместо тоа, ни се нудат кадри кои имаат средно познавање од многу области, а не се специјализирани во конкретната област. Доколку се работи на решавање на горенаведените проблеми, значително би се намалила стапката на невработеност и би се зголемило задоволството на вработените, ни изјави Медарска.

Во продажниот сектор најбарани профили се месари и продавачи на риба. 

Во „Рамстор“-Македонија за позициите кои се за продажба во просек аплицираат околу 15 до 20 кандидати зависно од периодот, но во компанијата се соочиле со ситуации дел од тие кандидати што аплицираат да не се појавуваат на закажаните термини за интервју.  За огласите за месари се случувало почесто да нема кандидати или оние што аплицирале да не се стручни  во таа област. 
Со истиот проблем се соочуваат сите трговски синџири во Македонија. 

Ние како компанија секогаш се насочуваме кон подобрување во секој поглед. Вработените за нас се најценетиот сегмент. Секој наш вработен добива воведни и тековни обуки со цел развивање на неговите вештини, добра работна средина, обезбедена и опремена по највисоки стандарди, бонуси, заеднички средби и дружби, тим-билдинзи, можност за кариерен развој. Имаме многу успешни приказни - многу вработени од почетни позиции како продавачи, касиери денеска се менаџери на маркети кои одлично и со големи успеси ја работат својата работа, вели Медарска. 
„Рамстор“ ја затвори 2019 година со 29 маркети и со 750 вработени. 

Живко Мукаетов, потпретседател на Стопанската комора и генерален директор на „Алкалоид“, смета дека допрва ќе се почувствува негативниот ефект. Затоа бизнисот бара слободен проток на работна сила во регионов.

Работната рака во регионов особено ќе биде проблем во наредниот период бидејќи и високоиндустриските земји од Европа веќе најавија олеснување за добивање работни визи за квалификувани и високостручни кадри. Ако до пред некоја година проблем на бизнисите беше како да се продре на пазарите кај соседите, сега предизвик е како да се најде работна рака, рече Мукаетов на прес-конференција во Комората. 

И покрај потребата од работници, стапката на невработеност во Македонија сè уште е висока и во  третиот квартал од 2019 година изнесуваше 17,1 отсто. 

 

 


.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...