Актуелно

Зоран Богетиќ: Неопходна е брза и ефикасна реакција

18 Sep 2019

Сомнителна е моменталната слава на актуелната практика на менаџментот на синџирот за снабдување. Потенцијалот на добрите деловни прогнози е да се наплати добро. Но, за одредено време и со краток домет

Автор: Зоран Богетиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, zoran@bogetic.com

Неопходен е реинженеринг на деловните процеси при менаџирањето на синџирот за снабдување во насока на побрзо и поефективно реагирање на барањата на реалната побарувачка. Тој што дневно ја следи и ефективно ја задоволува побарувачката, ќе има одржлива конкурентска предност. Актуелното трупање на стоките во синџирот за снабдување, кое се потпира на прогнозите и стимулативните рабати, води кон „Голема експлозија“ (Биг-бенг) на општа штета.

Широко распространета практика е насочувањето на менаџментот на синџирот за снабдување доминантно кон перспективата на брендовите, лагерите и ултимативните продажни цели. Се поставува прашањето дали воопшто знаеме што е респект кон побарувачката и развој на синџирот со додавање вредности во интерес на сите? Големата тема за менаџирањето на синџирот за снабдување многу често крие помодарско бизнис-однесување, кое стратегиски ги дезориентира површните компании. Компаниите што базично се продажно ориентирани, кои со воен пристап ја туркаат стоката на пазарот, по правило имаат лошо чувство за пулсот на побарувачката и дневната оптимизација на понудата. Суштински, нивниот деловен процес не е приспособен на оптимизација на понудата кон речиси секојдневните промени на побарувачката.

Малкумина го разбираат тој нонсенс на пазарот. Деловните практики копи-пејст, односно размножување на оваа практика на менаџментот на синџирот за снабдување долгорочно не е во интерес на одржливата конкурентска предност. Поголемиот дел од деловните решенија на менаџментот за снабдување ја туркаат стоката на пазарот, без суптилно чувство за тоа како побарувачката „дише“, создавајќи проблем со пренатрупување на стоки и проблеми за сите актери со „фенси“ бизнис-практика. Проблемот честопати е во сомнителните менаџерски мотивирачки пакети, кои форсираат количество и бонуси за привилегираните членови на управата. На тој начин мотивираните менаџери неодмерено ја туркаат стоката во синџирот за снабдување, истовремено со план за „големо бегство“, кое ќе биде на штета на идните менаџери. Циклусот е јасен, а концепцијата на ефективниот менаџмент на синџирот за снабдување е обесмислена.

Најдобрите докази за ова тврдење се широко форсираните промотивни продажби во малопродажните објекти, на штета на сите чинители во синџирот за снабдување.

На тој начин, ефектот „камшик“ или зголемување на проблемите во синџирот за снабдување прави големи загуби за сите. Се чини дека голем број од пазарните играчи не се свесни за причините за своите проблеми, за што значително придонесува кратковидото следење на деловните активности.

Практиката на менаџментот на категориите (категори-менаџментот) на тој начин ја губи смислата, бидејќи „потпалувачите“ со ситни рабати ги „поткупуваат“ купувачите што се без определена насока на движење. Оттука и широкоприсутните смешни практики на категори-менаџментот, кои всушност немаат никаква смисла бидејќи ги пренатрупуваат продажните објекти со одделни производи, дезориентирајќи ги грабливите купувачи.

Респонсивниот менаџмент на синџирот за снабдување е стратегија чие време допрва доаѓа. Вистинските ефекти од оптимизацијата на работењето во сите деловни текови (финансии, стоки, информации, луѓе, идеи...) се очекуваат кога ќе бидат развиени деловните процеси што ги респектираат моменталните импулси на реалната побарувачка, брзо реагирајќи на нив. Тоа значи реинженеринг на актуелно поставените деловни процеси на заостанати практики на менаџментот на синџирот за снабдување, кои врз база на „добри“ прогнози одлучуваат што да прават. Бизнис-прогнозите, како и временските, имаат релативно значење и се полни со грешки, за кои сме сведоци. Колку пати приватно сме биле изненадени од „добрите“ прогнози за општествените и временските случувања? Грешките во прогнозите особено се зголемуваат во деловен амбиент, каде што корупцијата е нормална појава, како што се тоа транзициските земји на Западен Балкан.

Неопходна е брза и ефикасна реакција на сите нестабилности на побарувачката, која тешко може да се прогнозира и добро да се испланира. FMCG-играчите сè уште се удобно сместени во стабилноста на првите добри ефекти од концепцијата на менаџментот на синџирот за снабдување, кои се направени во време кога добрите бизнис-прогнози биле можни, а врзаните системски ефикасности исплатливи. Сега е јасно дека бизнис-амбиентот на FMCG-секторот е променет и бара побрз модел на менаџирање на синџирот за снабдување.

За авторот:

Проф. д-р Зоран Богетиќ е редовен професор на Економски факултет на Универзитетот во Белград. Докторирал во 2006 година на проблематиката категори-менаџмент. Предавач е и консултант, со долгогодишно искуство. Има одржано бројни програми за тренинзи во компаниите во областа продажен маркетинг и менаџмент, како и креативни партнерски иницијативи во каналите на маркетингот. Тој е постојан соработник на неколку компании од меѓународно значење. Неговиот моментален истражувачки фокус е развој на нов модел за категори-менаџмент, шопер-маркетинг и колаборативна практика на менаџментот на синџирот на снабдување.


 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...