Економија

Полексена Јанкуловска: Успешните приказни живеат благодарение на луѓето

20 Dec 2017

Гостин-воведничар: Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер на „Бимилк"

FMCG-секторот е еден од најдинамичните во денешното потрошувачко општество, а потрошувачите се клучниот елемент околу чиишто потреби се гради динамиката. Како една од водечките во секторот, млечната индустрија можеби најдобро ја отсликува потребата од брзина, флексибилност и од задоволување на различните потреби на консументите. Млекото и млечните производи се секојдневна потреба на стотици милиони потрошувачи низ светот, со различни преференции, начини на консумација и со различна куповна моќ. Оттаму, ние, компаниите во млечната индустрија, имаме клучна улога во обезбедувањето сигурни, квалитетни, хранливи и достапни млечни производи.

Таа улога на македонскиот пазар „Бимилк" успешно ја има веќе 65 години, задоволувајќи повеќе од еден милион потрошувачи дневно. Од денешна перспектива, би кажала дека успешноста се должи токму на приспособливоста кон промените, брзината и флексибилноста во задоволувањето на потребите на потрошувачите и на пазарот, како и создавањето и негувањето доверба кај потрошувачите. Конкретно, постојаното збогатување на портфолиото, воведувањето нови формати на производот, вкусови, практичност на пакувањата, ценовната достапност, како и континуираната грижа за потрошувачите, се најважните елементи ако сакаме да раскажуваме успешни приказни.

Од друга страна, успешните приказни се создаваат и живеат благодарение на луѓето, во случајот потрошувачите, и емотивната врска што тие ја имаат со брендот. Таа врска е особено значајна во FMCG-секторот, уште повеќе во млечната индустрија, каде довербата игра клучна улога во изборот на брендот. Таа се гради макотрпно и постојано треба да се одржува, а еднаш изгубената доверба – многу тешко се враќа. Затоа, настојуваме да градиме вистински однос со потрошувачите, однос на доверба далеку над границите на едноставна комуникација: заедно развиваме бренд-приказни, ги слушаме нивното мислење и идеи, ги почитуваме нивните ставови и најмногу од сѐ, нивната добросостојба е во основата на сѐ што работиме.

Во таа смисла, создавањето нераскинлива врска меѓу брендот и крајниот купувач треба да биде императив. Во FMCG-индустријата место за компромиси нема токму поради динамиката на секторот.

Во „Бимилк" успеавме да одржиме одличен бренд-имиџ преку континуиран и систематски пристап кон сите наведени аспекти. Тоа би им го препорачала и на другите компании – чекор со времето и со темпото на секторот, брзина и флексибилност, грижа за потрошувачите и за нивната добросостојба и, секако, квалитет. За крај, да не заборавиме дека секоја активност мора да е резултат на проверени и докажани знаења и умешности, како и дека кога постои добра енергија и посветеност меѓу вработените, кога се работи со љубов и со страст, успехот е неминовен.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...