Актуелно

Ванчо Димитриески: Континуирано поместување на границите на сопствените можности

20 Sep 2017

Гостин-воведничар: Ванчо Димитриески, генерален директор и сопственик на „Виа пром"

Живееме во едно многу возбудливо време на неверојатна експанзија и отвореност на FMCG-секторот на глобално ниво. За тие што сакаат да пливаат во немирни води, ова е можеби најдоброто време за професионален развој во овој сектор.

Сведоци сме на импресивни иновации за развој на продукти, амбалажи, транспортни и логистички решенија, маркетиншки и продажни канали, и сето, пред сè, благодарение на вртоглавиот напредок на интернетот и на високата технологија. Зборувајќи од аспект на производител лоциран во Македонија, една од најголемите придобивки од сето тоа, е можноста на речиси секоја компанија да ги пласира своите производи на интернационалните пазари, без разлика на големината и на ресурсите со кои располага.

Како семејна компанија, која се обидува успешно да одговори на современите предизвици, „Виа пром" постојано вложува во внесување нови и подобри практики во работењето. Сите тие практики произлегуваат од три главни компоненти. Прво, целиот наш бизнис се раководи според т.н. „штедливо" производство, кое се темели на елиминирање на непотребните трошоци, намалување на времето посветено на активности што не додаваат вредност, зголемување на вредноста на продуктите и на безскладишно работeње. На тој начин успеваме да произведеме висококвалитетни продукти по конкурентни цени. Второ, во соработка со нашите клиенти, ги следиме новите навики кај крајните потрошувачи и се обидуваме да лансираме продукти што ќе одговорат на промените. И трето, секојдневно работиме на развој на иновативни модели на соработка со клиентите за да ги зголемиме нивната доверба и задоволство од нашата испорака и секојдневна поддршка.

За крај, би сакал да споделам неколку зборови извлечени од моето долгогодишно искуство во FMCG-секторот. Секогаш и секаде ќе има потреба од нови идеи, продукти и модели на работење, без разлика дали потекнуваат од микропретпријатијата, малите, средните или од големите бизниси. Тоа што сме го научиле во изминативе години е дека секоја компанија треба да изгради сопствен пат до успехот, а не да чекори по веќе изградени патишта. Темелите на патот што ние го градиме се неуморниот дух и желба за промени и за напредок, строгиот фокус и, најважното, способноста за континуирано поместување на границите на сопствените можности.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...