Актуелно

Зоран Богетиќ: Коцкарскиот дух на бизнисмените

19 Dec 2016
Очигледно е дека коцкарскиот дух на голем број бизнисмени, кој е соодветен на турбулентното време, има слаба перспектива. Пред нас е времето на стратегиското преосмислување, врз основа на доброто познавање на бизнис-можностите.
 
Автор: Зоран Богетиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград
 
Затвореничката дилема и паничниот страв од акција на конкуренцијата, доведува до масовност на практиките „копи-пејст". Занимавањето со себеси е привилегија на тие што размислуваат, за што се потребни посветеност и време. Коцкарското јуришање кон бизнис-шанси е честа балканска игра, при што се потценува ученоста и трпението во работата. Неуките работодавци и вработени не можат да создаваат одржливи деловни резултати.
 
Неодамна реализираното истражување за знаењата на експертите по маркетинг и комерција во избрани доставувачки организации во Србија и во Црна Гора (120 претпријатија), откри дека многу вработени добиваат плата, а се неуки за својата работа. Загрижувачката констатација е дека 50 отсто од вработените на средни и на високи позиции, кои се во примарен контакт со пазарот, всушност, не знаат што е маркетинг. Куриозитет е што бројни претпријатија што вработуваат такви експерти, сепак работат позитивно, па се поставува прашањето како е тоа можно во пазарните економии? Можеби вештините на пазарното работење и не се секогаш важни во „балканската тиња"?!
 
Интересно е што неразбирањето на маркетингот и опседнатоста со сопствените фикции (маркетинг-миопија) како деловна опасност се дефинирани уште во 60-тите години на минатиот век. Оттогаш, водечките компании почнаа да ѝ даваат големо значење на едуцираноста на своите кадри, но и на потребата од постојана проверка на знаењата, бидејќи деловниот амбиент постојано се менува, а со тоа и барањата за профилите на вработените. Еднаш стекнатото знаење многу бргу може да биде релативизирано, на штета на инертните организации.
 
На ридестиот Балкан, во време на кризите на фирмите, по правило, најпрвин се елиминираат трошоците за едукација на вработените, а отпосле се размислува за евентуално намалување на кафеанските и на другите трошоци. Впрочем, што ќе му е претприемништвото на балканскиот бизнисмен, ако тоа не се презентира на улица или во кафена?!
 
Образованието е премногу значајно за да им се препушти на политичарите. Борејќи се против заговорниците за намалување на буџетот за образование во тешките времиња, со тој непоколеблив став, Винстон Черчил ѝ овозможил брзо закрепнување на британската економија по Втората светска војна.
 
Деловните резултати на водечките доставувачки организации во Србија и во Црна Гора го потврдуваат ставот на Черчил. Според истражувањето, најуспешните компании се најблиски до маркетиншката ориентација. Најчесто, тие се во странска сопственост или во мал број се изворно домашни претпријатија. Се воочува дека најлошо поминуваат оригиналните домашни организации, во чиешто портфолио се брендови од домашно потекло.
 
Очигледно е дека коцкарскиот дух на голем број бизнисмени, кој е соодветен на турбулентното време, има слаба перспектива. Пред нас е времето на стратегиското преосмислување, врз основа на доброто познавање на бизнис-можностите. Потрагата по соодветни деловни пристапи на променливиот пазар, станува привилегија на учените луѓе, кои не се успешни случајно. Казино-бизнисот е соочен со проблем.
 
Систематското согледување на феноменот на вработување на ненаучни „експерти" секако дека претставува сериозен предизвик. Импровизацијата на бизнисмените што бркаат вонредни деловни шанси, секако дека е една од појдовните точки за воочување на проблемот.

Освен тоа, масовноста на вработувањето на проблематични маркетари треба да се побара и во други мотиви на напнатите работодавци. Интересно е неодамнешното воочување дека Балканците се прилично параноидна популација, која слабо некому верува (освен себеси). Недовербата во соработниците, особено тие што се поедуцирани и „тешки", го поттикнува вработувањето на „полесни" вработени. На добар глас се забавувачите и охрабрувачите, кои за „три дена" ќе ги сменат газдите. Оттука, веројатно е и актуелноста на „подигнувачите на егото" на важни позиции.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...