По многубројните измени се донесе нов Закон за заштита на потрошувачите, усогласен со правото на ЕУ во оваа област, со што нашите потрошувачи ќе бидат заштитени речиси како и европските
Автор: Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија
Новиот Закон за заштита на потрошувачите е објавен во „Службен весник“, бр.236/2022 од 7.11.2022, а стапи во сила на 15.11.2022 година. Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за заштита на потрошувачите од 2004 година, кој е менуван седум пати. Имајќи го предвид фактот дека законот влегува во сила осмиот ден од неговото донесување, немаме многу време да се запознаваме со нашите права како потрошувачи, а исто така и трговците со нивните обврски, па останува да видиме дали во текот на имплементацијата ќе се согледаат евентуални пропусти или недоследности. Сепак, многу е добро што по многубројните измени се донесе нов Закон за заштита на потрошувачите, усогласен со правото на ЕУ во оваа област, со што нашите потрошувачи ќе бидат заштитени речиси како и европските. Законот брои 226 члена, а за разлика од стариот закон, дефинира 59 поими поместени во одредбите.
Важни новини
Во поглед на цените, трговецот е должен да ги означи стоките со продажната и единечната цена за стоките, на недвосмислен, видлив, читлив и јасен начин, а со цел подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените. Кога стоката се става во промет со намалена цена, трговецот може соодветната стока да ја означи со најмногу две цени со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена. Кога се означуваат цените, продажната, односно единечната цена мора да биде означена на самата стока, односно на нејзината амбалажа, кога тоа е возможно. По исклучок, дозволено е продажната, односно единичната цена да биде означена под, над или покрај местото каде што стоката е изложена, со јасно, видливо и читливо упатување на соодветната стока, а на начин што не предизвикува забуна кај потрошувачот. За начинот на означување на цената при намалувањето и начинот на изразување на намалувањето е кажано во делот на продажните поттикнувања, односно кога тоа се однесува на намалување на цената или на друг облик на ценовна погодност, продажното поттикнување мора да содржи и информации за споредување на продажната цена во однос на претходната продажна цена.
Со законот се уредени и посебните облици на ставање во промет во случаите на продажни поттикнувања кога стоките или услугите се ставаат во промет со цени што се пониски од цените по кои соодветните стоки или услуги редовно се ставаат во промет. Трговецот е должен, при посебните облици на ставање во промет, јасно, видливо и читливо да истакне за кој посебен облик на ставање во промет се работи: распродажба, акциска продажба, промоција, сезонско намалување, ставање во промет на стоки со недостаток или грешка и ставањето во промет стоки на кои им изминува рокот на употреба. И во овој дел на законот посебно се уредува истакнувањето/означувањето на цените кога се работи за продажните поттикнувања.
За разлика од претходниот закон, распродажбата како посебен облик на ставање во промет на стоките или услугите е дозволена само во некој од следниве случаи: престанување на работењето на трговецот; престанување на работењето на трговецот во неговите дотогашни деловни простории; престанување на ставањето во промет на одредени стоки или услуги од предметот на работење на трговецот или се применува при вршење сложени градежни зафати во или на деловните простории на трговецот. Кога се работи за престанување на работењето на трговецот во неговите дотогашни деловни простории и престанување на ставањето во промет на одредени стоки или услуги од предметот на работење на трговецот, распродажбата е дозволена само под услов трговецот да не продолжи со нудење на стоките или услугите во неговите дотогашни деловни простории, односно со ставање во промет на одредените стоки или услуги во рок не пократок од шест месеци од денот на завршувањето на распродажбата.
Акциската продажба се спроведува во рок на траење не подолг од 30 дена. Стоките или услугите ставени на акциска продажба мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите: „акција“ или „акциска продажба“. Промотивната продажба (промоција) се спроведува во рок на траење не подолг од осум дена. Стоките или услугите мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите: „промоција“ или „промотивна продажба“.
При огласувањето на акциската и промотивната продажба, трговецот е должен да го наведе нивното траење.
Сезонското намалување се спроведува по завршувањето на соодветната сезона: летно сезонско намалување меѓу 25 август и 25 септември во тековната година и зимско сезонско намалување меѓу 25 декември од тековната и 25 јануари од наредната година.
Во Законот се уредува и ставањето во промет на стоки со недостаток или грешка. Тогаш трговецот е должен истите физички да ги одвои од другите стоки, како и јасно, видливо и читливо да ги означи како стоки со недостаток или грешка. Кога трговецот става во промет стоки на кои им изминува рокот на употреба, должен е физички да ги одвои овие стоки, како и јасно, видливо и читливо да ги означи дека им изминува рокот на употреба.
Известувања или опомени за задоцнување при плаќање: забрането е трговецот да врши наплаќање за кoe било известување или опомена на потрошувачот поради неплаќање на неговите стасани парични обврски, да овласти друг субјект да му се обраќа на потрошувачот, лично нему или на членовите на неговото домаќинство, преку телефон, факс-уред, пошта, електронска пошта или друго средство за комуникација на далечина, а заради остварување на неговите побарувања во однос на потрошувачот, без претходна изречна пишана согласност од потрошувачот. Дадено е правото на потрошувачот да може во секое време да ја отповика изречната пишана согласност. Оваа одредба не се однесува на полномошниците на трговецот, кога тие се овластени за преземање процесни дејства.
Сообразност на стоките: во случај на несообразност на потрошувачките стоки со договорот, потрошувачот има право: да бара бесплатно отстранување на несообразноста по пат на поправка или на замена на стоките; да бара сразмерно намалување на цената или да го раскине договорот. Потрошувачот има право да не плати дел од цената сѐ додека трговецот не ги исполни своите обврски во случај на несообразност на потрошувачката стока, вклучително и обврската за надоместок на штета. Потрошувачот има право да го раскине договорот ако трговецот или лицето овластено од него не извршило поправка или замена на стоката, соодветно, во разумен рок што не може да биде подолг од 30 дена. Утврдени се и роковите за остварување на правата на потрошувачот во случај на несообразност на потрошувачките стоки. Ако спогодбено не е утврден подолг рок, трговецот му одговара на потрошувачот за несообразноста на потрошувачката стока, односно стоката со дигитален елемент, доколку таа се покаже во рок од две години од нејзиното предавање, што е усогласување со европското право.
Права од гаранција: траењето на гарантниот рок потрошувачот и трговецот го определуваат спогодбено. Кога во гарантниот лист се наведени повеќе гарантни рокови со различно траење, а не се индивидуално определени потрошувачките стоки и/или нивните припадоци на кои овие рокови се однесуваат, како општо применлив се зема подолгиот гарантен рок. Инаку, потрошувачот може да бара замена на потрошувачката стока во случај кога потрошувачката стока е веќе поправана трипати во текот на гарантниот рок, независно од причината за поправање, како и во случај кога потрошувачката стока е веќе поправана двапати во текот на гарантниот рок од иста причина за поправање, што е новина во поглед на поранешната одредба.
Овој закон појасно ги уредува нечесните договорни одредби кои се таксативно наброени, како и правните последици во случај во договорот да има нечесна договорна одредба. Во ваков случај, нечесната договорна одредба е ништовна, а органите за надзор на пазарот се должни по службена должност да забранат користење на нечесна договорна одредба од страна на трговците при вршење на работите во нивна надлежност согласно закон.
Во посебно поглавје се уредени договорите за продажба и договорите за услуги, со набројување каде и во кои сектори овие одредби не се применуваат или на кој начин може нивната примена да се ограничи.
Од аспект на подобра заштита на потрошувачите би го споменала Потрошувачкиот приговор пред трговецот, кој првпат преку овој закон е доста опширно опфатен. Дадена е обврска на трговецот, односно трговецот кој дава јавна услуга, да му овозможи на потрошувачот поднесување потрошувачки приговор во случаи на повреда на правата на потрошувачот врз основа на овој закон, или на договор. Трговецот за поднесените потрошувачки приговори е должен да води евиденција и истата редовно да ја ажурира, а по барање на органите за надзор на пазарот трговецот е должен да достави извод од евиденцијата на потрошувачки приговори.
Ова е само еден дел од одредбите кои се нови во Законот или каде што има измени во однос на претходниот закон, но за подобро разбирање на Законот за заштита на потрошувачите, потребно е постојано да се прават едукативни работилници за сите целни групи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.