Актуелно

(Не)рамноправна трка со странските брендови

24 Mar 2021

Ковид-кризата алармира дека е потребно зголемување на домашното производство на храна и поддршка на домашните производители. Како може да се случи тоа, прочитајте во серијата текстови на InStore на оваа тема.

Пишува: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Хрватска во 2020 година постави рекорд во извозот на домашни производи – хрватските производители лани извезоа производи во вредност поголема од 100 милиони евра. Тоа е пораст од 15 отсто во споредба со 2019 година. Им помага трговскиот синџир „Шпар“, чија продажна мрежа е значаен канал за извоз на производите произведени во Хрватска во земјите од ЕУ. Минатата година извозот преку „Шпар“ беше најголем во Австрија, за 33 отсто поголем во споредба со годината претходно, потоа во Италија за 21 отсто и Словенија за 16 отсто. Преку овој трговски синџир извезуваат големите хрватски производители како „Атлантик група“, „Подравка“, „Краш“, „Виндија“….

Чешка ја одобри легислативата со која се бара продавниците да продаваат првенствено домашна храна. Квотите се дел од нацрт-законот насочен кон спречување на двојните стандарди во храната, прашање што некои поранешни комунистички членки на Европската Унија го следат со години. Со тоа земјата е ставена во потенцијален конфликт со Европската комисија околу правилата за единствен пазар на ЕУ, но, од друга страна, ваквото законско решение ќе им биде од корист на локалните производители. Мерката предвидува дека продавниците со поголема површина од 400 квадратни метри треба да понудат асортиман со најмалку 55 отсто производи од локално потекло. Процентот постепено ќе се зголемува до 73 отсто до 2028 година.

Всушност, пандемијата и проблемите со снабдувањето поттикнаа многу економии да се потпрат на сопствените сили и на домашните можности промовирајќи таканаречен „прехранбен национализам“. Стравувањето во ЕУ е дека оваа мерка би можела да создаде привилегирани пазарни услови за одредени прехранбени производи и така да ги дискриминира другите ЕУ-производители на храна, како и да го спречи слободното движење на стоките.

Простор за домашниот потенцијал

Кај нас повремено има апели од компаниите кои бараат маркетите да им дадат поголем простор на домашните производители. Особено лани во март, на почетокот на пандемијата, се нагласуваше потребата малопродажните објекти да ѝ дадат поддршка на домашната индустрија - да им обезбедат повеќе простор и можности на домашните производствени компании да ги пласираат своите производи, барем во период на криза, кога извозните можности во голема мера се ограничени.

Трговците, пак, велат дека се отворени за поголемо учество на домашни брендови на полиците во продавниците како поддршка на домашните производители. Според податоците што ги добивме, домашните брендови сочинуваат повеќе од 70% од асортиманот во маркетите „Веро“.  Во маркетите на „Тинекс“, домашните брендови земаат удел од околу 25 отсто (5.950 производи) од вкупниот асортиман на производи. Слично е и во маркетите „Жито“ – уделот на домашни производи во вкупниот асортиман е најразличен во различни категории.

Во насока на зголемување на потрошувачката на домашни производи беше и кампањата „Купувај домашно“ на Владата, при што 324.479 граѓани добија директна парична поддршка од државата со цел да се зголеми куповната моќ и да се стимулира приватната потрошувачка. Со оваа мерка 28 милиони евра преку граѓаните се слеаја директно во домашната економија за домашни производи и услуги во стопанските субјекти.

Надежите се во зголемен извоз

Според официјалните податоци, во 2019 година Македонија извезла храна во вредност од 367,3 милиони евра, што е зголемување од околу 15 отсто во споредба со годината претходно. Во истиот период, пак, сме увезле храна во вредност од 670,7 милиони евра, речиси двојно поголем од извозот. Најголем увоз има кај месото, потоа кај зеленчукот и овошјето, а следуваат житарките, млекото и млечните производи и шеќерoт. И податоците за извоз во 2020 година покажуваат намален извоз на прехранбени производи во првиот квартал. Извозот за првиот квартал од 2020 изнесува 135,3 милиони евра и е за 10 отсто помал од претходната година кога изнесувал 148 милиони евра. Увозот за истиот период бележи благо зголемување од 4,4 отсто. 

Д-р Марјан Петрески, професор по економија, очекува извозот да порасне во годината што е пред нас, и покрај актуелната криза. 

Извозот во 2020 г. забележа намалување, што е очекувано со оглед на индуцираната рецесија, затворањата и отежнатото движење. Како што стегите на кризата ќе попуштаат преку процесот на вакцинирање, така и меѓународната трговија ќе биде поолеснета, а намалувањето на карантините во западноевропските земји кои се наши главни трговски партнери ќе овозможи извозот пополека да се враќа на преткризното ниво. Значи, според информациите со кои располагаме во моментов, може да се каже дека извозот ќе расте во 2021, вклучително и поради ниската основа за споредба од 2020 година. Всушност, и едно неодамнешно истражување покажа дека извозните компании од Македонија, и особено извозните кои оперираат во индустриските зони, имаат голем потенцијал да го зголемат својот извоз со нормализација на пандемиските околности, вели Петрески за InStore.

(продолжува) 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...