Регионални самити

FMCG-самит Белград: Нови партнерства, искуства и знаења

19 Dec 2014
Речиси 400 учесници од 141 компанија од Словенија, Хрватска, БиХ, Македонија, Црна Гора и Србија беа дел од регионалната конференција за трговскиот сектор „FMCG-самит Белград", во организација на магазинот InStore, што се одржа на 25 ноември во хотелот „Краун плаза".
 
 
На дневен ред на конференцијата беа дискусиите за актуелните прашања и проблеми што ги засегаат трговците, дистрибутерите и производителите од целиот регион: преговори, улистување и промоции. Говорниците ги обработија старите теми од нов агол и понудија конкретни одговори и предлог-решенија.
 
Учесниците имаа можност и да ги проследат резултатите и истражувањата на агенцијата ГфК за предрасудите што владеат за современиот купувач, а агенцијата „Нилсен" за потребите на конференцијата го анализираше продажниот удел во категориите на домашните производи во Србија, регионот и светот.

Модератор на „тркалезната маса" беше Милан Ќулибрк (главен и одговорен уредник на магазинот НИН), а учесниците Роберто Манкузо (генерален директор на „Метро кеш & кери" – Србија), Матјаж Водопивец (директор на стратешкото работно подрачје Слатко и солено во „Атлантик груп") и Мирослав Милетиќ (генерален директор на „Бамби") разговараа за можностите за глобално пласирање на локалните производи.
Во продолжение се реакциите и коментарите на дел од учесниците:

 
Среќко Дебелак (директор, „А.Т.Карни"): Добрата посета сведочи дека сите учесници во секторот очигледно сакаат да дознаат нешто повеќе. Најголемите вредности на средбата се споделувањето знаење, новите познанства, како и новите деловни врски.
Јованка Трајкова (маркетинг-специјалист, маркети „Рептил"): Уживавме во предавањата и презентациите! Размената на знаења и информации е секогаш  корисна за секого. Говорниците беа одлични, а ако некого морам да издвојам, тоа би биле Александар Марковиќ од „Металац" и Даворка Биондиќ Винце. Позитивните ефекти и новите сознанија кај нас предизвикаа поголем интерес и сигурна сум дека дел од нив ќе имплементираме во нашето работење.
Филип Илиев (бренд-менаџер, „Ино спектар"): Организацијата на самитот беше на високо ниво и задоволни сме во секој поглед. Говорниците од различни компании кажаа многу интересни работи што сите нè засегаат. Сепак, би ги издвоил Александар Марковиќ, Даворка Биондиќ, Коста Греци и истражувачката агенција „Нилсен". Имаше бројни податоци за состојбата на српскиот пазар и регионот, единствено мислам дека повеќе треба да биде вклучен и македонскиот пазар, иако е мал.
Далибор Ѓошевски (генерален директор, маркети „Жито"): Освен зацврстување на постојните и воспоставување на новите контакти, размената на искуства и знаења е од непроценлива вредност. Од големо значење е да се слушнат мислењето и ставовите на еминентни луѓе од секторот, а советите се секогаш добредојдени.
Оливера Ќирковиќ (менаџер за корпоративни комуникации, „Универекспорт"): Конференцијата целосно ги исполни трите сегменти што им се потребни на припадниците на FMCG-секторот: анализа на минатото, преглед на сегашноста и предлози за иднината. Партнерски однос беше најчесто споменуваниот израз, а InStore го направи вистинскиот и првиот чекор во таа насока – да нè собере во толкав број на едно место.
Александар Синѓелиќ (директор на секторот за услуги за панели за потрошувачи, ГфК Србија): Конференцијата е одлична можност да се слушнат некои нови работи, но и да се потврдат познатите на поинаков начин.
Даворка Биондиќ Винце (консултантска фирма „Бионди"): Мојата сугестија до организаторот е да не се преклопуваат темите и говорниците да се држат до договореното време (најпрвин критиката е насочена кон мене). Инаку, честитки за „крвавата работа". Научив некои нови работи и ви благодарам поради тоа.
Андреа Радоњиќ (директор за корпоративни односи, „Метро кеш & кери"): Секоја чест за организацијата! Панел-дискусиите беа многу интересни, а презентерите зборуваа таргетирано и отворија нови теми. Имавме можност да ѕирнеме и зад сцената, како и да запознаеме нови луѓе и можности за соработка.
Хана Рукавина (маркетинг-менаџер за јадранскиот регион, SCA): Собирите од овој тип се одлична можност за размена на искуства, излегување од деловното секојдневје и надградување во комплементарните области. Особена пофалба за изборот на темите, релевантни за нашата индустрија. Презентацијата што ја издвојувам е онаа на Среќко Дебелак, корисна и за трговците и за нас производителите.
Мислав Смолчиќ (регионален маркетинг-менаџер, „Хенкел"): Овие собири се секогаш добредојдени и вредни за пофалба. Добро е да се слушнат нови содржини, информации, да се разменат искуства и критички да се вкрстат размислувањата. На тој начин и пазарот ќе напредува.

 

 

 


 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...