Интернационализација на работењето на македонските мали и средни претпријатија
Експанзијата на глобалниот пазар е многу важен, но, исто така, значително комплексен процес, бидеќи нуди многу можности, но крие и опасности.
Автор: д-р Љупчо Велески, директор на секторот извоз, „Витаминка"
Во услови на глобален пазар, компаниите што потекнуваат од мали национални економии (како македонската), доколку сакаат одржлив развој, порано или подоцна „се судбински предодредени" да направат географска експанзија на своето работење, односно од домашниот пазар да направат пробив на глобалниот светски пазар. Во зависност од степенот на развој на нивната национална економија, како и од карактеристиките на индустриската гранка каде оперираат, тие имаат различни мотиви и модели на интернационализирање, наидуваат на разновидни бариери и добиваат инстутиционална поддршка од различен интензитет за време на тој процес. Експанзијата на глобалниот пазар е многу важен, но, исто така, значително комплексен процес, бидеќи нуди многу можности, но крие и опасности.
Во македонската економија доминираат малите и средни претпријатија (МСП) и според официјалната статистика, тие сочинуваат 99 отсто од вкупно регистрираните економски ентитети во државата. Мал дел од активните македонски МСП се меѓународно активни. Ако се имаат предвид придобивките од интернационализацијата на МСП, лесно може да се заклучи дека тоа претставува процес кој нема алтернатива и од кој директно зависи опстанокот и развојот на националната економија.
Генерално, МСП и нивниот процес на интернационализација имаат посебни специфичности, а уште поспецифични се тие процеси за МСП што работат во прехранбената индустрија. Глобалната малопроджба и производите за широка потрошувачка (FMCG - Fast Moving Consumer Goods), каде прехранбените производи припаѓаат, се сектори во светската економија кои се исклучително комплементарни, меѓусебно поврзани и нераздвојни едни од други. Малопродажната индустрија е финалната точка каде се сретнуваат производите со потрошувачите и консенквентно на тоа обезбедуваат голем број функции за трговците, производителите, потрошувачите и државните институции. Во последните две-три децении, глобалната малопродажба енормно хипертрофира и се интернационализира. Голем дел од приходите на малопродажните синџири се остваруваат на странските пазари и затоа значењето на националните пазари во голема мера е релативизирано. Сите тие околности имаат драматично влијание врз производителите на прехранбени производи во поглед на порастот на меѓународната конкуренција, вертикалната интеграција и пораст на нивото на потребниот квалитет на работењето. Но, од друга страна, широко ја отвораат можноста за прехранбените компании да станат глобални снабдувачи, бидејќи набавката за потребите на малопродажбата се трансферира од доминатно национална во глобална.
Токму тука е лоцирано истражување кое претставуваше основа за одбрана на мојата докторска теза „Интернационализација на мали и средни компании и од прехранбената индустрија и глобалната малопродажба - Случај на македонските компании".
Истражувањето дава одговори на прашањата: зошто македонските МСП од прехранбената индустрија го интернационализираат своето работење; како тие го спроведуваат процесот за влез на странските пазари; кога почнуваат со овој процес, и какви се импликациите од соработката со глобалните малопродажни синџири врз нивниот процес на интернационализирање, но и врз вкупните деловни перформанси.
Наодите од истражувањето потврдуваат дека соработката меѓу МСП од прехранбената индустрија и големите малопродажни системи на меѓународно ниво имаат силно позитивно влијание при процесот на интернационализација на МСП, но и на нивните вкупни деловни перформанси.
Сите анализирани компании го потврдија бенефитот од соработката со овие глобални системи во смисла на иницирање и на развој на нивните меѓународни активности. Конкретно:
a) Со влезот во продажното портфолио на некој глобален малопродажен синџир во странство, на прехранбените компании им се овозможува експанзија во другите земји каде тој малопродажен систем оперира;
б) Со влез на еден производ во продажното портфолио на некој голем малопродажен систем во странство, широко им се отвора можноста да внесат и други свои производи;
в) Почнување соработка со некој глобален малопродажен систем во странство е силна референца за влез и во другите канали на продажба на тој странски пазар.
Сите три наоди се во функција на зголемување на продажбата на странските пазари и развој на интренационалните активности на МСП.
Но, зголемување на продажбата во странство и меѓународната експанзија се само една од придобивките за МСП од соработката со големите малопродажни системи. Резултатите од истражувањето покажуваат и позитивно влијание од оваа соработка врз целокупното работење на МСП.
За да ги задоволат барањата и потребите на глобалните малопродажни системи, анализираните компании презеле чекори со кои го подобриле севкупниот квалитет на нивното работење во многу деловни сегмент:
a) Овој вид соработка придонесува за подобрување на организациската поставеност на МСП. За да можат да го следат деловниот ритам диктиран од софистицираните деловни системи какви што се глобалните малопродажни синџири, МСП се реорганизирале за да станат поефикасни, пофлексибилни, подобро да ги менаџираат трошоците и да бидат попрецизни во извршувањето на работните процеси;
б) Влезот со производите во глобалните малопроджани системи кои имаат стотици или илјадници продажни објекти низ многу земји директно влијае на производствениот капацитет на МСП кои склучиле договор за соработка со нив. Како резултат на почната соработка со големите малопродажни трговци, сите анализирани компании се изјасниле дека биле принудени да го зголемат производствениот капацитет за да можат да ги задоволат потребите на овие големи трговски куќи;
в) Етаблирањето на соработка со глобалните малопродажни системи резултирало со зголемување на бројот на вработени. Тоа се забележува кај сите компании кои беа предмет на ова истражување. За МСП тоа имплицира вработување на нов, стручен персонал, најчесто во производство, контрола, извоз и во логистика, што претставува подигнување на професионалната кондиција на фирмата;
г). МСП од прехранбената индустрија практично се присилени за имплементација на важечките стандарди за квалитет, контрола и за сигурност на процесите на производство. Покрај тоа, МСП се често принудени да ги имплементираат и интерните стандарди за квалитет и за контрола на глобалните малопродажни системи, кои можат да бидат и поригорозни во однос на важечките општи стандарди. Воведувањето на овие различни видови стандарди резултира со подигнување на нивото на севкупниот квалитет и култура на работењето.
Делот на истражувањето што се однесува на поврзаноста на темпото на интернационализација со карактеристиките на производите, потврди дека македонските преработувачи на зеленчук и на овошје исклучително брзо се интернационализираат, преку 80 отсто од нивните вкупни приходи доаѓаат од странските пазари, извезуваат во голем број земји, вклучуваќи ги и прекуокеанските, и речиси целокупното нивно производствено портфолио е наменето само за извоз. Поради брзата и масовна интернационализација од денот на нивното основање, многу од нив имаат елементи на компании born global (компании што од почетоците имаа глобален фокус и извезуваат во странство). Ова во најголема мера се должи на домашната суровинска база и на автентичноста на производите. Слични позитивни перформанси од аспект на брзата интернационализација имаат и прехранбените компании кои стратешки ја дефинирале својата пазарна диференцираност и имаат пазарна ниша, како, на пример, производители на здрава и функционална храна, но и компаниите што испорачуваат висококонкурентни цени во рамки на генеричка категорија прехранбени производи.
Истражување на директорот на секторот извоз во „Витаминка", д-р Љупчо Велески кое претставуваше основа за одбрана на докторската теза на студиите DOCSMES во рамки на проектот TEMPUS на ЕУ, во кој беа вклучени престижните универзитети од Барселона, Болоња и од Ница и „Св. Климент Охридски" од Битола, како македонски универзитет - партнер во проектот. Докторската дисертација „Интернационализација на мали и средни компании од прехранбената индустрија и глобалната малопродажба - Случај на македонските компании" е пионерски обид во Р.Македонија, но и во поширокиот регион, со примена на научна методологија, да се истражат процесите на интернационализација на прехранбените компании, како и влијанието на соработката со големите малопродажни системи на странските пазари врз процесот на интернационализација, но и врз нивните вкупни деловни перформанси. Користената квалитативна истражувачка методологија овозможува длабинско осознавање на феноменологијата на ова милје и наодите од истражувањето имаат силни импликации врз сите засегнати страни: менаџерите - во креирањето на деловната политика, институциите - врз креирањето на политиката на поддршка на овие компании и конечно, ги дава насоките на идните научни истражувања на оваа тема. |
Се вчитува следна вест...