Работење

Извезуваме: Позиционирање на хрватскиот пазар

20 Nov 2015
Македонските компании се добредојдени со своите производи, особено оние произведени на традиционален начин, во помали количества, со квалитет и со вкус што потсетуваат на производите на нашите баби.

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Очигледно е дека соработка меѓу хрватскиот и македонскиот пазар постои, а една од причините е комплементарноста на пазарите, заедничкото минато што ги поврзува потрошувачите за одредени брендови. Сепак, соработката меѓу двата пазари има можности да се продлабочува и понатаму, иако Хрватска од 2013 година е членка на ЕУ.  

Според податоците од Државниот завод за статистика, објавени на 5 октомври, во делот на стоковната размена според економските групации на земјите, во првите осум месеци од 2014 година извозот на Македонија во ЕУ изнесуваше 1,84 милијарди евра, додека во истиот период од 2015 година – 1,99 милијарди евра. Според податоците, Хрватска се наоѓа на 15. место. Извозот во првите осум месеци од 2014 година изнесувал 49,07 милиони евра, додека во истиот период од 2015 година – 47,28 милиони евра.

За состојбата на македонските производи на хрватскиот пазар, за навиките на хрватските потрошувачи и за можностите за зголемување на пласманот на македонските производи, позборувавме со Горан Маснец, советник во секторот за меѓународни работи во Хрватската стопанска комора.

Според Маснец, во Хрватската стопанска комора немаат податоци за состојбата на македонските готови производи на хрватскиот пазар. Може само да нагласиме дека во последните десетина години, исклучувајќи ја 2014 година, во меѓусебната соработка меѓу Македонија и Хрватска, стоковниот суфицит е на страната на Македонија, додека дефицитот на Република Хрватска, вели Маснец.

На прашањето кои се можностите на македонските компании за извоз на овој пазар, со оглед на големата понуда на домашни и на странски производи, тој истакна дека хрватскиот пазар е отворен за производи од целиот свет. На македонските компании им останува одлуката дали ќе ги искористат компаративните предности (релативна близина со хрватскиот пазар, навиките на хрватските потрошувачи, јазикот и деловните субјекти).

На крајот, цената е најважна и секој македонски производ, што со цена и со квалитет може да им конкурира на производите од ЕУ, ќе се најде на полиците на хрватските трговски синџири, истакнува Маснец.

Во поглед на законските обврски и стандарди што македонските компании треба да ги исполнуваат за влез во Хрватска, како членка на ЕУ, Маснец нагласува дека на граничните премини со Хрватска стоката се царини во согласност со редоследот на камионите што пристигнуваат на границата. Обврските важат за стоката која е наменета за пазарот или за таа што само транзитно минува низ Хрватска. Исклучок се лековите и производите што се лесно расипливи и тие имаат предност пред другите.

Истите стандарди што важат за ЕУ, применливи се и во Хрватска. Со влезот на Хрватска во ЕУ, во целост се применуваат царинските, ветеринарските и фитопатолошките контроли што се во согласност со прописите на ЕУ. Хрватска бара исполнување само на стандардите од ЕУ, но јасно ги спроведува на границите со државите што не членки на ЕУ. Причината е што стоката што влегува во Хрватска, при влезот во другите земји од ЕУ, не подлежи на понатамошна контрола, туку таа само се евидентира, објаснува тој.

Навики на потрошувачите и трендови на купување

Интересно е што хрватските потрошувачи сè уште купуваат на пазари, а во поново време сè повеќе пазарат во хипермаркетите. Маснец објаснува дека на пазарите може да се најдат производи од Хрватска, Словенија и од Македонија, а во хипермаркетите производи од целиот свет. Поради тоа, конкуренцијата за пласман на македонски готови производи е многу голема. Тоа што веќе е познато е дека местото на купување зависи од возраста на купувачот, вработувањето, работното време, навиките и од купувачката моќ.

Дека Македонија не е далеку од светските и од европските брендови, покажува фактот што и во Хрватска сè почесто се произведуваат и се купуваат т.н. биопроизводи, одгледувани на земјиште што не е третирано со пестициди. Денес, кога го спомнуваме дизајнот на производите, треба да се каже дека и тој е многу важен. Понекогаш при купувањето, тој е пресуден, бидејќи ја поттикнува продажбата особено на производите што првпат се појавуваат на пазарот, нагласува Маснец.

За тоа што сè можат да понудат македонските компании на хрватскиот пазар, Маснец потврди дека хрватскиот пазар е отворен за нови производи. Македонските компании се добредојдени со своите производи, само треба да одлучат на кој начин ќе влезат на хрватскиот пазар. Можат да отворат сопствена компанија, претставништво или дистрибутер.

Интересно е тоа што Маснец истакнува дека хрватскиот пазар сè повеќе бара производи што не се произведени во Хрватска. Според него: Од македонските производи веројатно интересни ќе бидат сирењето фета, кашкавалот и, можеби, наместо ајварот, лутеница или нешто слично.

Што се однесува на производството, неговото зголемување овозможува пониски трошоци и пониски цени на полиците, а притоа честопати се губат изворноста и квалитетот на производите.

Денес, постои одреден круг потрошувачи кои сакаат да консумираат производи произведени на традиционален начин, во помали количества. Тоа се производите со квалитет и со  вкус како оние подготвувани од нашите баби и за нив Хрватите се подготвени да платат повеќе, додава Маснец.

Сигурно е дека треба да се искористат предностите на овој пазар и со исполнувањето на стандардите и на законските обврски, Хрватска, за македонските компании, може да биде само земање залет за освојување на европскиот пазар. Понудата на квалитетен производ, кој традиционално се произведува кај нас, и притоа е добро спакуван, секако има потенцијал за пласирање не само во Хрватска, туку и во другите земји од светот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...