Работење

Вали Марсзалек: За тројна победа

07 Apr 2021

Дури 92% од вкупно 169 потцели на „Агенда 2030“ ги одразуваат темелните меѓународни стандарди на човековите права, а луѓето со попреченост посебно се споменуваат дури 11 пати во одредени цели и потцели

Автор: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ – Хрватска, vali.marszalek@globalcompactcroatia.hr

Човековите права се утврдени со Меѓународната повелба и со декларацијата на Меѓународната организација на трудот за темелните начела и за правата на работа. Иако овие стандарди еднакво се применуваат и на луѓето со попреченост, главниот меѓународен договор, кој препознава и објаснува што тие права конкретно значат за нив, е Конвенцијата за правата на луѓето со попреченост (МКПЛП) на Обединетите нации. Усвоена на 13 декември 2006 година, МКПЛП има клучна улога во промената на парадигмата за попреченост и овозможува таа да се сфати како прашање на човековите права. Тоа доведе до воведување посебни закони против дискриминација во областа на попреченоста.

Девет години подоцна усвоена е „Агенда 2030“ како програма за одржлив развој и приоритет на државите низ целиот свет. Заедно со 17 цели (SDG – Sustainable Development Goals), програмата поставува план за решавање на најважните економски, социјални, еколошки и управувачки предизвици до 2030 година, повикувајќи го и приватниот сектор да придонесе за нивно остварување.

Компаниите сѐ повеќе сфаќаат дека негувањето на разноликоста, која ги вклучува и луѓето со попреченост меѓу вработените, доставувачите и купувачите, може да биде конкурентна предност за пошироко дејствување.

Иако многумина говорејќи за глобалните цели, првенствено мислат на еколошките, целите и потцелите за одржлив развој се насочени, пред сѐ, на остварување на човековите права. Тие ја нагласуваат одговорноста на сите држави и чинители во општеството да ги почитуваат, штитат и промовираат човековите права и темелните слободи, без оглед на раса, боја, пол, јазик, вера, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, попреченост или кој било друг статус. Дури 92% од вкупно 169 потцели на „Агенда 2030“ ги одразуваат темелните меѓународни стандарди на човековите права, а луѓето со попреченост посебно се споменуваат дури 11 пати во одредени цели и потцели. Како главен двигател на промените за исполнување на барањата на „Агенда 2030“, деловниот сектор има единствена можност да даде голем придонес кон општеството. Да обезбеди еднаков пристап на сите, вклучувајќи ги и луѓето со попреченост, до сите нивоа на образование и стручно оспособување (SDG 4). Да оствари полно и продуктивно вработување, достоинствена работа за сите жени и мажи, вклучувајќи ги и младите и луѓето со попреченост (SDG 8). Да ги зајакне социјалната, економската и политичката вклученост на сите луѓе, без оглед на старост, пол, попреченост, раса, етничка припадност, потекло, вера и економски или друг статус (SDG 10). Да овозможи пристап до безбеден, достапен и одржлив транспортен систем за сите, со посебно внимание за потребите на ранливите групи, вклучувајќи ги луѓето со попреченост (SDG 11). Да овозможи универзален пристап до безбедни, инклузивни и пристапни, зелени и јавни простори, особено за ранливите групи, вклучувајќи ги и луѓето со попреченост (SDG 11). Да ја зголеми поддршката на земјите во развој за подобра достапност на навремени и веродостојни податоци распределени според приход, пол, возраст, раса, етничка припадност, миграциски статус, попреченост, географска локација и според други карактеристики што се релевантни во националниот контекст (SDG 17).

Секоја компанија, без оглед на големината, секторот, сопствеништвото, структурата или географската положба, е одговорна за почитување на човековите права бидејќи единствено на тој начин може да напредуваме кон свет каков што сакаме. Тој свет ни носи технолошки, демографски, културни и климатски промени, кои влијаат врз иднината на работата и бараат развој на нови вештини. Тие вештини се: упорност, решавање проблеми, агилност, промисленост, иновативно размислување и подготвеност за експерименти. Се прашувате како луѓето со попреченост ќе се справат со ваквите работни места во иднина?

И понатаму присутните заблуди за вработување луѓе со попреченост може да доведат до губење на продуктивноста или до негативни влијанија врз финансиските резултати на компанијата.

Токму овие вештини луѓето со попреченост биле принудени да ги развиваат за да се приспособат на светот околу себе. Тоа ги прави идеални вработени, кои во организацијата ќе внесат разноликост, иновации, продуктивност, искуство, талент, подобро управување со ризиците и подобар углед. И на крај, компанијата ќе постигне подобри бизнис-резултати.

Компаниите сѐ повеќе сфаќаат дека негувањето на разноликоста, која ги вклучува и луѓето со попреченост меѓу вработените, доставувачите и купувачите, може да биде конкурентна предност за пошироко дејствување бидејќи нуди пристап кон нови пазарни сегменти, поттикнува иновации во производите и во услугите и помага во балансот на работењето со различните барања и потреби на купувачите.

Дополнително, луѓето со попреченост се огромен потенцијал и како доставувачи, потрошувачи, инвеститори и бизнис-партнери. Голем број компании низ целиот свет го препознаа овој потенцијал и воспоставуваат политики, практики и иницијативи со кои се настојува да се почитуваат и поддржуваат правата и вклучувањето на луѓето со попреченост, токму затоа што разбираат дека не станува збор „само“ за човекови права, туку и за деловен успех. Освен што придонесуваат за позитивни општествени промени и антидискриминација, овие практики го максимираат неискористениот потенцијал на талентите и користењето разновидни вештини, ставови и способности за подобрување на капацитетите во компанијата. На крајот, негувањето на разноликоста и инклузивноста во организацијата ја подобрува репутацијата на компанијата на национално и на меѓународно ниво, а носи и зголемен ангажман и задржување на вработените што покажуваат повисоко ниво на задоволство, лојалност и ентузијазам за работа.

Луѓето со попреченост, милијарда луѓе низ целиот свет, се голем, а често и недоволно искористен потенцијал за вработување и за развој на нови производи и услуги. Сепак, луѓето со попреченост и понатаму секојдневно се соочуваат со предизвици што им отежнуваат еднакво да придонесуваат кон општеството. Тоа не е само кршење на нивните права, туку и загуба за општеството и неговата разноликост, што има негативно влијание врз економијата. Дополнително, и понатаму присутните заблуди за вработување луѓе со попреченост може да доведат до губење на продуктивноста или до негативни влијанија врз финансиските резултати на компанијата. Истражувањата го покажуваат токму спротивното – дека вклучувањето луѓе со попреченост во работниот колектив има позитивно влијание врз бизнис-резултатите. Добра вест е дека сѐ поголем број организации ја препознаваат попреченоста како извор на разноликост, таленти и иновации. Компаниите се свесни и дека за да ја максимираат користа и да создадат долгорочна вредност, во согласност со стратегиите за одржливост и корпоративна општествена одговорност, мора да ги исполнат очекувањата на сите заинтересирани страни – од акционери до локални заедници, поради што е потребен сеопфатен пристап на анализа на луѓето со попреченост како вработени, купувачи, доставувачи, членови на заедницата и работодавци.

Пред нас се предизвици што треба да ги решиме за да обезбедиме подобра иднина за сите, притоа водејќи сметка за најзагрозените меѓу нас. Потребно е да се обезбеди инклузивна иднина, како што е опишана во „Агенда 2030“. Според Амина Мохамед, заменичка на генералниот секретар на ОН, програмата на „Агенда 2030“ е за луѓето – нѐ обврзува сите да ги ставаме луѓето на прво место и да градиме поправеден и поодржлив свет, во кој никој не е исклучен. Тоа е ветување за постигнување мир и благосостојба, втемелени врз почитувањето на човековите права и достоинството.

Унапредувањето на правата на луѓето со попреченост и нивното вклучување во општеството е тројна победа – победа за луѓето со попреченост, победа за економијата и победа за општеството.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...