Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Тргнуваме десно, па сите одиме лево

19 Jun 2019

Комуникацијата е мајка. И татко. И брат. Сè. Ако не кажете што очекувате, не можете ни да го добиете очекуваното. Ако мислите дека се подразбира оти сите знаат што мислите, размислете повторнo.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс“

Во некои поранешни времиња, кога се тргнувало на пат, прво се утврдувал планот за патот. Се отворале картите, па се гледало кој пат е најдолг, а кој најкраток, кој е убав, и така натаму, и така натаму...

Па се одбира пат, целта веќе се знае и се тргнува, со картата в рака. За секој случај, се означува и алтернативен правец, за не дај Боже.

Денеска тука е навигацијата, љубезна дама која питомо ни се обраќа и ни дава детални инструкции како на двегодишно дете зад волан.

Подготовката за пат сега налага упис на крајната дестинација и госпоѓата Навигација прави магија и ни обезбедува неколку опции, па ние одбираме која од нив ни одговара. Таа мисли и на „не дај Боже“ опциите, а ако некаде погрешно свртиме, смирено ќе собере и одземе и пак нè враќа на вистинскиот пат. 

Иако пристапот е драматично различен, суштината е иста – да се избере пат и да се стигне до целта.

Така некако е и во работата. Ова сакаме, таму ќе стигнеме....

Јасната инструкција е половина завршена работа.

И имаме еден тим од, да речеме, пет луѓе кои патуваат кон целта. И само еден го знае патот, а другите не. Па секој тргнува на своја страна. И бидејќи во таква ситуација никој ја нема смиреноста на госпоѓа Навигација, уште ќе се скараат и нема да стигнат до целта. Во најдобар случај, остануваат на половина пат чудејќи се каде „запнало“.

Така некако е и со очекувањата. Шефот го очекува тоа, тоа и тоа. И уште и тоа, ама попатно. И кажува убаво човекот: завршете го тоа. И тие велат: да, секако! И ќе го завршат на целосно погрешен начин. Или нема да го завршат никако. Како и да е, тоа не е добро. И, секако, шефот е лут бидејќи не го сработиле. Ама и тие се лути бидејќи шефот пак е нервозен.

Во што е сега проблемот и каква врска има првото со второто и со третото?

Па убаво, комуникацијата е мајка. И татко. И брат. Сè е.

Ако не кажете што очекувате, не можете ни да го добиете очекуваното. Ако мислите дека се подразбира оти сите знаат што мислите, е па – размислете повторно.

Од круцијална важност е јасно да ги искомуницирате очекувањата. Очекуваните резултати, исход, цел. Очекуваната промена, раст, пад. Но, тоа да го кажете, да го напишете, да го споделите.

Дури и кога нешто го правиме по десетти пат, важно е да се искомуницира и тој десетти пат. Можеби има некој нов, а можеби старите нешто заборавиле. Да се изговори, да се напише, да се подели.

Сега кога научивме дека треба да кажеме, ајде да видиме што треба да кажеме.

Јасната инструкција е половина завршена работа. Јасното очекување е исполнето очекување. Јасната цел е постигната цел. Немојте да кажете „сакам тоа и тоа“. Ако нешто сакате, тогаш направете го сами. Речете „ајде да направиме“. Од притаен егоист претворете се во неприкосновен владетел на колективната свест.   

Потоа, објаснете како мислите дека нешто треба да се направи. Или, која е најдобра практика да се направи тоа. Па прашајте ги вашите луѓе дали имаат некој предлог. Или објаснете кој редослед на чекори мора да се помине за да се стигне до очекуваниот исход.

Објаснете дека за секој чекор има одреден рок, задолжително кажете го датумот или денот, или дури и часот.

Не штедете на детали, не оставајте ништо на случајноста и не мислете дека некој знае што мислите.

Добар водач е оној што знае да ги одведе луѓето до вистинското место. Најдобар водач е оној што знае да им покаже на луѓето како да дојдат до вистинското место.

Изберете пат и тргнете. Ви посакувам пријатно патување и успешно пристигнување на целта.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...