Човечки ресурси

Луѓето, тимот и кризата

10 мар 2022

За ова зборував неодамна, на еден одличен и интересен собир на претприемачи. Па помислив дека било добро да остане и запишано, а и да видат оние што не чуле. А и посебно затоа што веднаш по моето епско излагање дури тројца луѓе што водат успешни бизниси преку интернет ми потврдија дека сум во право. Значи – одиме 

Автор: Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Луѓето се трошок. Најголем. Најлош. Фиксен, за работата да биде уште полоша. А потоа, уште и дополнителен трошок за придонеси, здравство и надомест за невработеност (а невработени, сè повеќе) и којзнае уште што не му се плаќа на некој трет за први да го имаме вториот. Така некако. Луѓето се трошок. Но, ете, мора да го има. Ајде да видиме зошто тоа не е вистина.  
Година и кусур нè следи пандемијата. Некои уште сме по малку во шок дека ова се случи во 21 век. Да речеме, јас уште сум шокирана. На врвот на цивилизацискиот напредок нè опустоши вирус. 

Добар дел од тие кадри што ненадејно станаа достапни ги приграбија организации кои во нив видоа можност за себе.

И така, имаме пандемија, имаме криза. И кризата нè има нас. Па се бориме како знаеме и умееме. Со своите луѓе, секако. Бидејќи ништо од борбата еден на еден или гради в гради. Некој во ковид-кризата виде можност, некој се бори да опстане. Некој ја промени дејноста, некој раскрена по дома (во бизнисот, да бидеме попрецизни). Некои ги покренаа и реализираа промените за кои со години фаќаа залет. 

Сите борби, промени, трансформации и расчистувања не се и не можат да се спроведат без тимот. Без луѓе. Со луѓе се преживува кризата, со луѓето се прават и се поминуваат промените и трансформациите. 
Веќе истрошен е слоганот „луѓето се наш највреден ресурс“, но ако погледнеме низ призма на кризата и промените, лесно е да се заклучи дека оваа изјава сега, повеќе од кога било, е – целосно точна. 

Како влијаеше пандемијата врз организациите и врз луѓето? Се менуваа навики, сè се стави во служба на заштита на луѓето и на бизнисите, се осмислуваа нови начини за опстанок. Дури и за развој. Во сето тоа, на моменти ни беше многу страв, но бевме и многу храбри. 

Кризата и промените значат исто – се менуваат воспоставените параметри на однесување. Кога е криза, се менуваат насила. Кога е промена, се менуваат доброволно. 

Организациите што се ориентирани кон трошоци или оние чии индустрии претрпеа најголем удар од пандемијата главно посегнаа кон намалување на бројот на луѓе како значителен фиксен трошок. Финансиски гледано – одлуката е добра, трошокот е моментално намален. Гледано од аспект на бизнисот – одлуката можеби и не е добра. 

Добар дел од тие кадри што ненадејно станаа достапни ги приграбија организации кои во нив видоа можност за себе. И кои можат да го издржат тој трошок, односно инвестиција. И тие организации се притиснати од трошоци, но иновативно се свртени кон осмислување нови начини да се покријат трошоците и да генерираат дури и приход. 

Јасно е дека кризата и промените се – борба. Но и во криза и во промени важат исти правила. 

Бидете храбри – ако сте лидер или менаџер, не смеете да покажете страв. Луѓето се вртат кон вас, гледаат во вас и идат со вас. Ако вам ви е страв, и тие се плашат. Група преплашени луѓе можат малку да направат што било. Еден преплашен човек кој стравот го покрива со храброст може со таа група многу да направи. Бидејќи колку е тој храбар, толку ќе бидат и тие. Фокусирајте се на малите победи, од нив црпете сила и храброст. 

Имајте ја ситуацијата под контрола – дури и кога не е така.  Изгледајте како да ја имате. Кога промената е доброволна или планирана, тогаш е многу лесно да ја имате ситуацијата под контрола. Сè сте знаеле и сте планирале, вие ја водите играта. Кога е криза и сè е непланирано, тенка е линијата меѓу „сè се распаѓа“ и „го можеме ние ова“. Вие имајте став дека можете и покажете го тоа. Пак, фокусирајте се на малите победи. 

Луѓето не се трошок. Луѓето се инвестиција и неодвоив дел од бизнисот. Тие се бизнисот. Ништо без луѓе. Чувајте ги вашите луѓе. 

Транспарентно комуницирајте – многу е важно со луѓето отворено и искрено да разговарате за предизвиците што се пред вас. Да, можете да бидете отворени во врска со тоа како се чувствувате, но немојте да претерувате. Доволно е да се каже: „И мене ми е тешко, и јас се плашам, но заедно можеме да ја надминеме оваа ситуација.“ Искрено кажете им работи кои инаку не би ги кажале: каква е финансиската слика на компанијата, има или нема идеи за напредок... зборувајте отворено.  

Прашајте – не е срамота да не знаете, срамота е да не прашате. Затоа, прашајте ги вашите луѓе – што мислат, дали се сложуваат, што предлагаат, како се. Кога прашувате, можете сè да чуете. И сјајни предлози, и помалку сјајни, но сепак се предлози. И отворени мислења. И нешто од тоа што вие сигурно не го знаете, па ќе го научите. Со прашања поттикнувате разговор. Оставете го егото настрана. Прашајте ги вашите луѓе: а што мислите вие? Слободно, ништо не боли. Прашајте. 

Луѓето не се трошок. Луѓето се инвестиција и неодвоив дел од бизнисот. Тие се бизнисот. Ништо без луѓе. Чувајте ги вашите луѓе. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...