Човечки ресурси

Дејан Ваневски: Фактор за успех

11 Mar 2021

Компетенциите како збир на знаења, способности, карактеристики и начин на однесување на една личност, дел од тимот, го движат бизнисот и неговиот успех на пазарот

Автор: Дејан Ваневски, менаџер за стратешки развој на бизнисот, АПОД, www.apod.com.mk

Работењето во мултинационални компании создава различни искуства во развојот на луѓето, но заедничко за сите нив е користењето бихевиорални компетенции, како дел од системите за развој на таленти. Токму тие компетенции како збир на знаења, способности, карактеристики и начин на однесување на една личност, дел од тимот, го движат бизнисот и неговиот успех на пазарот.

Секој вработен во корпоративниот систем, покрај бизнис-целите, има и цели за развој на одредени компетенции, кои се одредуваат во процесот на евалуација. Низ процесите цели 15 години имав задача како ментор да бидам поддршка во развој на одредени компетенции кај колегите, како преговарање, градење односи со клиенти, агилност, етичност, развој на тимови и други.

Менаџерите имаат задача да им помогнат на вработените да ги развијат компетенциите на ниво кое е потребно за ефикасно извршување на задачите на сегашното работно место. Дополнително, треба да ги препознаат потенцијалните таленти и да воспостават процеси за развој на бихевиоралните компетенции за да поттикнат кариерен развој.

Според искуствата од регионот, користењето на бихевиоралните компетенции е ограничено и е привилегија само на големите, најчесто меѓународни компании. Кај останатите компании, кариерното унапредување и професионалниот развој се неструктурирани. Развојот на вработените во најдобар случај се базира на теоретски обуки, без внатрекомпаниски системи за развој на таленти и менаџери. Процесите на регрутација се водат преку нестандардизирани интервјуа, кои како резултат носат неадекватни одлуки за вработување.

Затоа, заедно со Фросина Денкова-Зафировска и Поликарп Арсеновски, менаџери со долгогодишно искуство во полето на развој на потенцијалите кај луѓето, првпат во земјава создадовме водич за развој на 70 бихевиорални компетенции - „Thrivity Активатор“,  кој на едноставен, но софистициран и прагматичен начин ќе ги однесе личниот и професионалниот развој на едно ново, повисоко ниво.

Токму овие компетенции ги дефиниравме како клучни за повеќе од 200 различни работни позиции. Тие преставуваат главна алатка за работа и во консалтингот затоа што ги користиме при процена (assessment) на кадри и градење лични развојни планови.

Индивидуалците може да ги користат бихевиоралните компетенции при:

  • Барање нова или промена на работа;
  • Подготовка за интервју;
  • Правење план за личен и за професионален развој.

Организациите ги користат бихевиоралните компетенции во следниве области:

  • Креирање опис на работно место;
  • Регрутација;
  • Системи за евалуација на перформансите и кариерен развој;
  • Едукативни цели.

Според времето потребно за развој и според областите на примена, бихевиоралните компетенции се поделени во 3 групи: технички, лични и менаџерски компетенции.

Thrivity Активатор  е книга која инспирира и креира свесност за сопствениот личен развој, мотивира прогресивен лидерски стил, каде што бихевиоралните компетенции се препознаени како клучен фактор за успех. Со неа сакаме бихевиоралните компетенции да ги направиме достапни за сите луѓе што веруваат во сопствениот развој или сакаат да помогнат во развојот на некој друг. Нивото на развој на секоја од потребните компетенции влијаe врз ефективноста, ефикасноста и продуктивноста во извршувањето на работните обврски и задачи од страна на поединецот во една организација, па затоа е неопходен нивен развој. Повеќе на info@apod.com.mk.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...