Продажба

Емир Ганибеговиќ: Направете промена, разбудете се!

14 Jun 2023

Каде се изгубивме? Каде исчезна заедништвото во деловната средина, борбата „сите за еден, еден за сите“? Зошто толку се индивидуализиравме и се затворивме во себе?

Автор: Емир Ганибеговиќemirgany@gmail.com

Драги мои,

Бев келнер. Бев и продавач на козметика од врата на врата. Бев и преведувач. Бев и лепач на постер-реклами на билбордите низ Сараево. Бев и... Сите овие работи ги правев на возраст од 16 до 25 години. Тогаш, кога бев со два испита до диплома од економија, како преведувач од англиски јазик со една другарка (Боже, кој знае каде е Армина...?) донесов на флопи-дискета (се сеќавате ли?) интерна анкета од вработените за тоа колку тие лично се исполнети/задоволни во фирмата.

Фирмата беше, буквално, во четири контејнери (по два на кат) и имаше магацин. Но, без оглед на (не)изгледот на деловната средина – одличната бизнис-атмосфера, комуникацијата на вработените и целиот амбиент зрачеа со позитивност. Се занимававме со трговија со стоки за широка потрошувачка, или како што сакаме да кажеме, му припаѓавме на FMCG-сегментот.

Ѝ ја предадов дискетата на асистентката на директорот (денес мојата драга пријателка Александра), ѝ се заблагодарив и тргнав да си одам... Одеднаш, некој „флеш“ во глава, се враќам и ја прашувам: Извинете, дали наскоро ќе примате нови вработени? Александра одговори: Секако, огласот за две комерцијални позиции е отворен до четврток. Тоа ми го промени целиот живот.

Ја предавам молбата, а во биографијата можев да напишам само: келнер, продавач, преведувач... По првиот круг Александра ме повика, ми кажа датум кога да дојдам и рече: Ве молам понесете дигитрон и молив. Таа 1999 година на првиот круг од конкурсот дојде Кармен од Загреб. Ние, околу 60, собрани во голема сала. Добар ден, добре дојдовте! Се надевам дека имате дигитрон и молив, заземете ги своите места – ќе добиете десет прашања. Ќе видите дека не се тешки, но бидете внимателни, имате 10 минути за одговорите, ни кажа Кармен.

По завршувањето на првиот круг, ги замоли сите учесници да бидат во близина на фирмата околу половина час, по што дојде и нè прочита 10-темина што останавме... По следните два круга двајца бевме финално избрани и добивме вработување на позицијата претставник за продажба за брендовите на „Крафт Јакобс Сухард“. Ви звучи познато? Секако, тоа е производителот на Milka и Toblerone.

За време на карантинот, со работата онлајн и од дома, едноставно пукавме во динамичното тело на класичната „продажна личност“. Нејзините (продажни) крилја едноставно беа скратени.

Производителот (принципалот) тогаш рече: Најпрвин покажете дека ја разбирате дистрибуцијата – еве ви ги нашите производи што не се чоколада, како инстант кафе, капучино итн. Кога ќе покажете што знаете, тогаш е можно да добиете чоколада за дистрибуција... И добивме... Инаку, мојата прва фирма се вика „Орбико“. И таа ви звучи познато? Во последните години таа е најголемиот европски дистрибутер со годишен обрт од повеќе од три милијарди евра во дваесет европски земји.

По фазата претставник за продажба во „Крафт Јакобс Сухард“, станав менаџер за продажба за секторот козметика, па менаџер за продажба во „Проктер & Гембл“, а подоцна преминав на позицијата национален менаџер за продажба во „Марс“ за регионот на БиХ, Албанија и Македонија.

Оваа моја приказна морав да ја раскажам бидејќи чувствувам нешто што ме интригира уште од пред пандемијата. Каде се изгубивме? Каде исчезна заедништвото во деловната средина, борбата „сите за еден, еден за сите“? Зошто толку се индивидуализиравме и се затворивме во себе? Во ред, пандемијата кумуваше, но се смири, а ние никако да си дојдеме на себе... Зошто продолжуваме да живееме во страв за сопствената егзистенција, зошто дополнително се самозатворивме и почнавме да се сомневаме во сè... па, дури и во себе?

По 3 децении во продажба, слушајќи предавања низ цела Европа, секогаш беше потенцирана една многу важна особина во продажбата – тоа е „екстровертниот индивидуалец“. Профил што ужива во комуникацијата со другите, сака состаноци во живо, комуникација лице в лице, движење... За време на карантинот, со работата онлајн и од дома, едноставно пукавме во динамичното тело на класичната „продажна личност“. Нејзините (продажни) крилја едноставно беа скратени. Познавам многу луѓе од светот на продажбата што беа фрлени во многу полоша депресија од таа што ковид-19 ни ја донесе на сите.

Зошто продолжуваме да живееме во страв за сопствената егзистенција, зошто дополнително се самозатворивме и почнавме да се сомневаме во сè... па, дури и во себе?

Самосаботажа. Сомнеж во себе. Слика за себе.

Гледам многу луѓе што се уморни и разочарани од себе. Често за тоа најмалку сме свесни самите ние, на кои тоа лично ни се случува. Вешто се „вадиме“ на другите, ги обвинуваме колегите, депресијата и војните низ светот, пандемијата..., а виновникот најмалку го гледаме во огледалото! Тогаш, нашите најблиски (родители или сопружници) полека и суптилно ни подметнуваат некои теми, на пример, дека многу се трошиме на глупости, дека нашите потенцијали се многу поголеми... Ви звучи познато? Полесно ги поднесуваме познајниците што нè осудуваат (на крајот на краиштата, тие не нè ни познаваат). Но, кога блиските и луѓето од семејството ќе ни кажат дека сме способни за многу повеќе, а ние цел ден трошиме „залудно“ и сме исцедени како лимон – не е сеедно.

Мене тоа ми се случи и се чувствував депресивно и дека никој не ме разбира, дури ни оние што ме познаваат најдобро. Бев уморен од разочарување, огорченост и жалење – непрекинато ми се „мотаа“ тие мисли, кои претходно со години одлучно ги игнорирав. Огледалото постоеше исклучиво за фризурата... Еј, па јас сум продажен менаџер за светски корпорации – 12. и 33. фирма на светот... На светот! А, доаѓам од малата БиХ. И вие мене ќе ми кажете дека не го користам потенцијалот докрај... исцрпен по секој работен ден (кој трае од 10 до 12 часа), со стотици поминати километри за една работна недела.

На крај, морав да направам промена. Се разбудив! Денес сум благодарен за секој корисен совет од најблиските. Секако, тие беа во право! Освен продажните едукации и тренинзи за домашни и странски фирми во регионот, имам и дополнителни четири активности (ги нарекувам олимписки, бидејќи се испреплетени). Вкупно пет. А, порано беше само една, која ми одземаше многу повеќе време и најмногу ме трошеше. Почнав сè повеќе да го гледам мудро огледалото и во одразот да го барам виновникот за пропустите и неуспесите во сопствениот живот. Првиот одраз во огледалото што го забележав во таа моја просветлувачка фаза беше тој што ми рече: Стисни ги забите, верувај во себе и почни да работиш за себе.

Со текот на времето станавме конкуренти со другите луѓе, во услови кога секој работи на сопствениот успех и промоција. Постојано се споредуваме. Не само со другите, туку и сами со себе. Колку лајкови сме имале на сликите од одморот на „Фејсбук“ годинава, а колку минатата година?

Страв! Депресија! Анксиозност!

Мора да имаме фаза и сила во животот да кажеме: Не може веќе вака! Но, зборовите не значат ништо ако немаме јасно планирани дела што следуваат. Од, во тоа време 33. компанија во светот („Марс“) како национален менаџер за продажба за БиХ, Албанија и Македонија со нето-плата од 2.500 евра, во 2007 година давам отказ и (најпосле пресреќен) почнувам сопствен бизнис. Мојот бизнис-партнер (другар од детството) и јас им продававме веб-страници на фирмите и огласен простор на неколку портали што тукушто се активираа. Работата беше интересна, веб-концептот почна да заживува, имавме план... Но, по неколку месеци доживеав (и едвај преживеав) судир со тежок товарен камион, од марката Volvo.

Контузијата на главата, скршениот нос, големите лузни на лицето, пукнатата клучна и напукнатата бутна коска и дискусхернијата ме потсетуваа и ме натераа да се запрашам: Дали сепак требаше да ја оставам сигурната работа и да почнам од нула? Бидејќи речиси 10 години претходно користев службено возило, на почетокот од новиот бизнис целата заштеда ја потрошив за да купам нов автомобил Golf 5, кој по судирот беше целосно уништен... Во болнички кревет сум, скршен од глава до пети, со изобличено лице, неспособен да одам... и со празна банкарска сметка.

Верувај во себе!

Промената што денес сите ја забележуваме е дека настана огромно зголемување на стравот и депресијата. Секако, тие постоеја и порано, но во значително поголем број случаи депресијата порано беше предизвикана од работните услови или проблемите во приватниот живот, т.е. имаше класични симптоми. А, денес? Околу нас гледаме сè повеќе зомбија.

Психологијата вели дека секое општество создава сопствени нарушувања. Тоа е неизбежно. Општеството создава идеал за успех – вака изгледа идеален маж, идеална жена, идеална врска... А ако погледнеме наоколу, кое семејство би можеле да го наведеме како пример за успешно што живее солидно со чесна и вредна работа? Тешко, нели? Дополнително, кои ни се политичките лидери, па уште и војната во Украина... Сето тоа нè носи до работ на патот, а таму нè чекаат чудовишта: страв, депресија, анксиозност!

Од 60-тите години на минатиот век дојде до зголемување на индивидуализацијата. На почетокот тоа беше многу добра еволуција затоа што општеството пред 1960 година беше строго поделено – секој мораше да припаѓа на одредена група и да се однесува во согласност со нејзините правила. Црнците не смееле да се возат во исти автобуси со белците. Седумдесеттите и осумдесеттите години од 20 век носат променет колективен дух – денес сите знаеме за борбите на студентите за поголема либерализација на општеството, иако многумина од нас тогаш не биле родени. За борбите за послободно општество, неограничено од припадност и ослободено од секакви стеги...

Меѓутоа, денес, половина век подоцна, се наоѓаме на другата страна на приказната. Ние веќе не сме социјални, туку многу осамени поединци! Можеби имаме 1.040 пријатели на „Фејсбук“ и силна социјална мрежа онлајн, но се чувствуваме многу осамено. Тоа придонесува за развој на стравот, депресијата и анксиозноста. Што се случи?

Едноставно, со текот на времето станавме конкуренти со другите луѓе, во услови кога секој работи на сопствениот успех и промоција, а заемната доверба падна на многу ниско ниво. Неизбежни последици од тоа се стравот и осаменоста. Мора да внимаваш што и каде зборуваш бидејќи некој може да го искористи тоа против тебе. Нема ништо лошо во конкуренцијата, но ако тоа значи дека само еден може да победи, а другиот да изгуби, тогаш таа ја поткопува природната врска меѓу луѓето. Човекот по природа е и натпреварувачко и општествено битие. Со текот на времето остана само првото, а второто толку се намали, што се чини дека тој дел од нашето битие го испушта последниот здив...

Објаснувањето за таа состојба има добри деловно-историски корени, кои потекнуваат од американскиот енергетски џин – компанијата „Енрон“. Имено, во организацијата сметале дека конкуренцијата меѓу вработените ќе ја зголеми нивната продуктивност, а со тоа и добивката на фирмата. Идејата била: ако можете да имате систем да видите колку еден вработен произведува, да го споредите со друг вработен и со вкупниот збир на произведеното, ќе се зголеми продуктивноста.

На тој начин е воведен нов фактор – факторот на страв. Според годишниот план, петтемина вработени што најмалку произведуваат биле отпуштани. Тоа што потоа се случувало се безредија, фалсификувани норми, борбите еден против друг станале секојдневие... Крајот на приказната е банкрот на „Енрон“. И не извлековме поука од тоа! Напротив, натпреварот не се ограничи само на образованието и на пазарот на труд, туку се прошири и на социјалниот живот!

Ние од продажба сме навикнати на продажни (месечни) планови, но во меѓувреме, на пример, и здравството стана производ за себе, а тоа најдобро го гледаме во последните години. Како резултат на тоа ни препишуваат повеќе лекови отколку што навистина ни треба, медицинската сестра (како рудар) ги мери минутите што му ги посветува на пациентот...

Постојано се споредуваме. Не само со другите, туку и сами со себе. Колку лајкови сме имале на сликите од одморот на „Фејсбук“ годинава, а колку минатата година? Константно ја споредуваме сопствената среќа со нечија друга. Истовремено, опседнати сме со сопствениот успех, што е во ред, но тој успех мора да се изрази материјално. И кога (најпосле) ќе го отплатиме станот или автомобилот, секогаш постојат многу луѓе околу нас што имаат подобри станови и автомобили. Моментот кога парите ќе станат критериум за среќа или за добар живот, тие целосно управуваат со нас и ни задаваат тотален „материјален нокаут“.

Со оглед на тоа што сме свесни за опкружувањето и за секојдневните тешки теми што немилосрдно нè бомбардираат, јасно е зошто (о)станавме исплашени, депресивни и ансиозни. Кога е доста кога станува збор за пари? Одговорот гласи: Никогаш! Ако вашата животна цел е да имате многу пари, го имате најдобриот рецепт за несреќа. Мојата цел не е тоа. Мојата цел е да ја работам работата што ја сакам и во која уживам. Сепак, третина од животот поминуваме работејќи.

Закрепнав по сообраќајната несреќа и со моето изобличено лице (фала на прашањето – добар сум, раните зараснаа и сега сум поубав од кога било) ​​се појавував на состаноци куцајќи, свесен дека бизнис-партнерите ќе знаат да ја „ценат“ мојата храброст... Парите се (само) резултат на напорна и посветена работа.

За крај, ви предлагам еден сигурен и успешен рецепт за тешките теми: Бидете храбри и поврзете се со другите, правете го тоа што го сакате и не бидете мрзливи!

Останете со здравје!

Срдечно ваш,

Емир

Емир Ганибеговиќ по професија е дипломиран економист кој професионалната кариера ја гради во секторите за продажба на корпоративни брендови како Kraft, Varta, Jacobs и General Electric. Низ кариерата бил и на функцијата национален продажен менаџер за Boss, Max Factor и Gucci, како и за компаниите „Проктер & Гембл“ и „Марс“ (за регионот на БиХ, Македонија и Албанија). Од 2017 година во сопствената фирма „Про конс“ активно се занимава со консалтинг за продажба и успешен пласман на стоки и услуги на FMCG-пазарот. Живее и работи во Сараево.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...