Со Димитрије Стојановиќ, потпретседател и директор за операции во компанијата „Делез" - Србија, разговараме за понатамошното унапредување на концептите на Maxi, Shop&Go и на Tempo, за забрзаниот развој на купувањето преку интернет и за иднината на трговијата.
Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs
Во дејноста трговија, нашиот соговорник е присутен повеќе од 10 години. Својата кариера во трговијата на мало ја градел како извршен директор на форматот Maxi на компанијата „Делта макси", потоа како директор за операции во форматот Mini Maxi и како директор за операции за банерите Maxi и Tempo Express во рамките на компанијата „Делез" - Србија. Денес раководи со операциите во најголемиот малопродажен синџир во Србија, со повеќе од 12.000 вработени и со повеќе од 400 трговски објекти. Неговото мото е „Работи го тоа што го сакаш и во што си добар и секогаш ќе уживаш". Живее и работи со тезата дека секое искуство низ коешто ќе поминеме е можност за учење и за напредување.
„Делез" - Србија работи во рамките на трите бренда, Maxi, Tempo и Shop&Go. Колку се слични и колку се различни нивните стратегии една од друга?
На почетокот од оваа година ја претставивме новата стратешка рамка. Целта на компанијата е да бидеме свежина и поттик за подобар живот и е иста за сите наши брендови. Како компанија, работиме по начелата на моделот на одржливо работење, ги почитуваме ветувањата кон нашите соработници, купувачите и кон заедницата, а нашите корпоративни вредности се дел од културата на работењето на сите колеги. Супермаркетите Maxi се трговскиот синџир што во нашата земја е најпрепорачуван, препознатливи се по широк асортиман и висок квалитет на производите. Сакајќи уште повеќе да го развиеме, пред четири години почнавме со имплементација на нов концепт, кој влијаеше на зголемување на севкупното задоволство на купувачите и го постави Maxi на позицијата најдобра маалска продавница, препознатлива по љубезност на персоналот и по брза услуга.
Хипермаркетите Tempo се омилено место за семејно купување, со најширок асортиман и со ниски цени. Нешто по што се разликува Tempo од другите, се и одличните промоции и фокусираноста на специфичните сезони. Во последните година и пол работевме на амбиентот во хипермаркетите и сега имаме едно сосема поинакво, поудобно Tempo.
За купувачите што претпочитаат брзо и едноставно купување, одговорот е Shop&Go. Малите, традиционални продавници, истовремено се приспособени за секојдневно купување во соседството, како и кон потрошувачите на кои им е потребно место за брзо пазарување, во движење.
Во фокусот на стратегијата за сите три формати е нашиот купувач. Разлики има само во мисиите на купувањето.
Верувам дека традиционалниот начин на купување и квартовските продавници и понатаму ќе го имаат доминантното место во купувањето прехранбени производи во нашата земја.
На кој начин ги следите вашите потрошувачи и како ги опипувате нивните потреби? Давате ли одговор на нив и како?
Како лидер на пазарот во Србија, нашата компанија во континуитет вложува во задоволството на купувачите. Имаме неколку различни програми за следење на купувачите, од редовни разговори со нив во текот на купувањето и насочени истражувања, до стандардно истражување на резултатите од индексот за лојалност на потрошувачите (NPS - Net Promoted Score), кое го поврзуваме со другите одговори за потребите на купувачите во нашите трговски објекти. По анализите, нашите деловни одлуки се во целост свртени кон потребите и навиките на нашите купувачи.
Дали воведувањето продажба преку интернет е еден од одговорите на потребите на потрошувачите?
Токму така. Maxi уште во 2008 година го лансира сервисот Maxi online и му понуди на пазарот купување преку интернет. Оттогаш континуирано воведуваме иновации и го унапредуваме пазарувањето преку интернет. Денес тоа е приспособено кон современиот купувач и кон потребата да се храниме здраво и квалитетно, а драгоценото слободно време да го поминуваме со најблиските. Свесни сме дека тој канал на купување е исклучително важен за иднината на нашата компанија и за нашите купувачи. Ги анализираме сите можности за напредување и, во согласност со тоа, набргу ќе презентираме нова платформа за купување преку интернет.
Ваквата форма на трговија е сè позначајна и во трговијата на мало со основните прехранбени производи. Какви се вашите искуства?
Србија е далеку од светските показатели кога станува збор за бројот на корисници и вкупниот удел во трговијата, но факт е и дека меѓу локалните купувачи има и такви што претпочитаат „купување од фотелја". Непрестано работиме на унапредување и се трудиме, пред сè, со квалитетот на производите и брзината на испораката купувачите да согледаат дека купувањето преку интернет е исто како и традиционалното, со тоа што имате можност времето што го трошите за одење во супермаркет да го искористите за дружење со пријателите и со семејството. Особено ни е интересно тоа што купувачите откако еднаш ќе пазарат преку интернет, стануваат свесни што таквиот вид продажба им ги носи, стануваат лојални и повеќе немаат дилеми за тоа на кој начин во иднина ќе ги набавуваат основните прехранбени производи. Верувам дека во претстојниот период ќе се зголемува бројот на купувачи преку интернет, затоа што таа целна група несомнено постои.
Ги следите ли светските трендови во продажбата на мало и дали ги применувате?
Нашата компанија е членка на глобалната компанија „Ахолд Делез", која стопанисува во 11 земји и вработува повеќе од 370.000 соработници. На тој начин сме во можност на локалниот пазар да применуваме деловни концепти од најдобрите малопродажни трговци во светот, но и да му понудиме на домашниот купувач нови услуги и производи. Особено сме горди на податокот дека на полиците во нашите синџири повеќе од 70% се домашни производи и верувам дека и нашата земја може, секако, да му биде пример на остатокот од светот кога станува збор за квалитетот на производите.
Ги едуцираме купувачите за квалитетната исхрана што е добра за нивното здравје и во претстојниот период предвидуваме и реализација на некои иницијативи на тој план. SuperRučak е избалансиран оброк за деца од училишна возраст, што купувачите можат да го најдат исклучиво во нашите продавници и на тој начин можат да бидат сигурни дека нивните деца се хранат здраво и кога не се дома. Услугата Maxi mobile на купувачите во нашите продавници им овозможува бесплатни минути, пораки и мегабајти пазарувајќи во Maxi и во Shop&Go. Од неодамна купувачите имаат можност и да плаќаат сметки во сите објекти на Maxi во главниот град.
Подготвуваме нова платформа за купување преку интернет, со која ќе се приближиме кон онлајн-купувачите и ќе го направиле следниот чекор кон иднината.
Со оглед на тоа што сè повеќе се појавуваат трговски објекти без работници и без благајни, купување без да отидете во продавница, ладилници што сигнализираат кои производи ви недостигаат, како гледате на иднината на трговијата?
Верувам дека традиционалниото купување и квартовските продавници и понатаму ќе го имаат доминантното место во нашата земја во купувањето на основните прехранбени производи. Но, сигурно е дека ќе се зголемува и бројот на луѓето што купуваат преку интернет. Токму затоа и нашата компанија ќе се труди во претстојниот период да дигитализира што поголем дел од процесите, дополнително да го развива купувањето преку интернет, со постојана работа за подобрување на опсегот на асортиманот и подигнување на квалитетот на услугите во традиционалните маалски продавници. Ги следиме навиките на новите генерации, од милениумците до генерацијата „З" и во согласност со тоа ги кроиме плановите за еволуција и на нашите трговски места.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.