Татјана Пауноски, раководител на службата за маркетинг во „Бинго“
Одамна престанавме да бидеме трговски синџир. Ние сме семејство, кое е најбројно во земјава и кое живее, работи, индиректно вработува и храни уште многу други семејства.
Разговараше: Едина Мизиќ, edina.mizic@instore.ba
„Бинго" постои повеќе од две децении. Примарната дејност на оваа компанија е трговијата, но се развива и во насока на производството и на угостителството. За плановите и за тоа како трговецот гледа на пазарот во БИХ, разговаравме со Татјана Пауноски, раководител на службата за маркетинг.
„Бинго" е една од најуспешните компании во БИХ. Со што најмногу се гордеете?
Нашата компанија постои веќе 23 години. Од почетокот, на различни начини настојуваме на купувачите да им го доближиме значењето на купувањето домашни производи, односно на негувањето на домашните вредности и на поддршката на домашното производство. Во последните неколку години кампањите на тема „Да купуваме домашно" се сè почести, но мал е бројот на трговците што се доследни на тоа. Ние сме особено горди поради тоа што првата асоцијација на слоганите за купување домашни производи, и на медиумите и меѓу корисниците, е токму „Бинго". Тоа е и нашата примарна цел: издигнување на свеста на купувачите, поддршка на домашните производители и зајакнување на стопанството на нашата земја.
Во медиумите постојано сте истакнати како позитивен пример за постојано вложување во бизнисот и во негово проширување. Какви се плановите за иднина?
Позитивните приказни во БИХ се реткост. Нашата примарна дејност е трговијата, но се развиваме и во насока на производството и на угостителството. Со оглед на тоа што сме компанија со најголем број вработени во наведените дејности, природно е да претставуваме позитивен пример. Малопродажната мрежа е прилично распространета, но постои уште голем простор за проширување. За годинава, планираме вложување во постојните продавници, но и отворање на нови, особено на местата на кои досега немавме продавници. Исто така, производството планираме да го прошириме во сегментот на живинарството, хартиената галантерија и тестенините. Освен тоа, годинава ќе посветиме повеќе внимание и на угостителството. Во тој сектор, моментално се вработени 300 луѓе, што нè прави најголем угостителски синџир во земјава.
Колку малопродажни објекти отворивте во текот на минатата година?
Кон крајот на 2014 година го аквизиравме „Интерекс", а на почетокот од 2015 година ја имплементиравме аквизицијата. Освен тие 24 објекти, отворивме уште 11, а од почетокот на октомври до крајот на ноември минатата година, презедовме и шест објекти на „Туш". Минатата година ја завршивме со 175 малопродажни објекти.
Колку изнесуваше бројот на нововработените?
Со аквизицијата со „Интерекс", нашиот колектив се збогати за 700 нови колеги, во 11-те нови објекти вработивме повеќе од 200 луѓе, а при преземањето на „Туш" примивме на работа осумдесетина негови некогашни работници. Вкупно, минатата година вработивме околу 1.000 луѓе во малопродажбата и во угостителството.
За потребите на дирекцијата, неколкупати примивме високообразуван млад кадар, со и без искуство, во различни служби. Само во 2015 година примивме речиси 60 луѓе во дирекцијата на компанијата. Минатата година отворивме и фарма за бројлери, фабриката за тестенини ја пуштивме со пробна работа, го тестиравме погонот за производство на хартиена галантерија, односно дополнително ангажиравме 50 работници.
На 18 декември минатата година го отворивме и големиот центар во Требиње, во кој вработивме 100 луѓе (само во хипермаркетот, ресторанот и во кугланата) и индиректно уште најмалку 50 кај нашите закупци.
Минатата година ја заокруживме со 5.700 вработени, што нè прави еден од најголемите работодавци во БИХ.
Кажете ни нешто повеќе за успешната аквизиција на продажните објекти на „Интерекс"...
Синџирот маркети „Интерекс" беше член на француската групација „Интермарше", која е една од најголемите европски малопродажни групации. Во БИХ, тоа беше првиот трговец што отвори маркет од голем формат. Горди сме што ние, домашен трговски синџир, аквизиравме странски синџир, кој успешно работеше во моментот на преземањето. За новите колеги во нашиот колектив ова беше голем предизвик, а пред нас беше задачата за интеграција на вработените. Тоа успешно го пребродивме и денес имаме одличен малопродажен тим, кој е носител на нашите идеи и мисии.
Бевте први што ѝ понудивте помош на „Дита" и на нејзините вработени. Каква е ситуацијата со фабриката денес?
Тузланската „Дита" е гигант кој го заслужува целото наше внимание. Луѓето што работат таму се вистински патриоти, кои го докажаа тоа со постапките и со работата. Ние само малку „ги поттурнавме". Од друга страна, купувачите на ништо не се израдуваа толку колку што на добриот стар детергент 3de.
По оспособувањето на погонот за прашкасти детергенти кон крајот на ноември минатата година, обезбедивме финансиска поддршка за првите 100 тони од неопходните суровини за производството на прашкастиот детергент за облека Arix Tenzo. Детергентот се појави на нашите полици на средината од декември минатата година.
Дали купувачите покажаа солидарност и како оди продажбата на асортиманот на „Дита"?
Кога се појавија првите количества во нашите маркети, купувачите неконтролирано ги купуваа производите за на тој начин да го поддржат понатамошното производство. Интензитетот на продажбата продолжува и денес, што значи дека производите си го најдоа местото во домаќинствата и во срцата на потрошувачите.
Кои се проектите што ги работите во сегментот општествена одговорност?
„Бинго" е општествено одговорна компанија во сите сегменти од работењето. Во тој контекст, ЕБРД нè препозна како партнер и преку таа соработка реализиравме неколку проекти. Од нив, би го истакнала проектот за енергетска ефикасност и за обновливи извори на енергија.
Поддржуваме општествено одговорни проекти и во соработка со деловните партнери, како, на пример, проектот „Заедно за чиста вода во БИХ" со „Хенкел", кој веќе прерасна во традиција.
Од друга страна, им пружаме помош на тие на кои најмногу им е потребна, преку бројни донации. За нас, најдраг проект e СОС Детско село – БИХ, чијшто најдобар пријател сме веќе две години. Освен тоа, соработуваме и со повеќе од 40 помали здруженија од БИХ, како и со организацијата Црвен крст. Им помагаме и на поединци што ни се обраќаат директно, но тоа никаде не го споменуваме ниту, пак, имаме намера.
Потрошувачите се сè поедуцирани и бараат поголема вредност за парите. Кои се предностите што им ги нудите во вашите објекти?
Потребите на купувачите се сè поголеми и ние се приспособуваме кон нив. Секојдневно работиме на подобрување на квалитетот на услугата, на преуредување на старите објекти, на издигнување на нивото на услугата во рестораните. Во таа насока, нашиот најголем проект во 2015 година беше воведувањето на форматот „Бинго плус".
Во објектите „Плус", како што сакаме да ги нарекуваме, на купувачите им нудиме одлична атмосфера при купувањето, бидејќи многу внимание посветивме на ентериерот. Но, она што купувачот најмногу го интересира, секако се асортиманот и цената. Затоа, во форматите „Плус" нудиме проширен асортиман, со акцент на свежите оддели, по препознатливите пристапни бинго-цени.
Каква е вашата соработка со доставувачите? Кој може да се најде на полиците на „Бинго"?
Соработуваме со повеќе од 600 доставувачи, само за потребите на малопродажбата. Работиме и со многу партнери, кои купувачот и јавноста не ги познаваат, а тие за нас се стратешки во сегментот изградба и подготовка на деловните објекти. Почнувајќи од нив, преку доставувачите на стоките, до производителите – со сите имаме коректни односи и ги цениме еднакво. Од друга страна, и ние имаме место на нивните референтни листи како водечки бизнис-партнери.
Пазарот на БИХ е специфичен. Со какви проблеми се среќавате?
Не би ги нарекла проблеми, туку предизвици. Предизвиците се различни во секој регион во земјава, па дури и од град до град. Понекогаш и во локалните заедници каде што сме присутни подолго време, имаме предизвици. Внимаваме на потребите на локалните жители, внимателно го избираме асортиманот, а по ценовната политика, веќе сме надалеку познати. Иако живееме и работиме во поделена држава, сепак успеавме да ги надминеме сите разлики и граници, а нашите купувачи се жителите на Босна и Херцеговина, како и на соседните земји, со кои граничиме.
Ја поддржувате работата на InStore, учествувате на конференциите и на самитите што ги организираме. Како гледате на овој начин на комуникација и на едукација?
Секоја интеракција во деловниот свет е корисна. Со моите колеги ги посетуваме настаните што вие ги организирате со големо задоволство. Тие не се само бизнис-средби, туку се проткаени со пријателска нишка, која поврзува конкурент со конкурент, доставувач со купувач и на сите им овозможува незаборавно искуство.
Кои се вашите планови за оваа година?
Годинава, „Бинго" планира проширување на деловната мрежа, како и ребрендирање на старите продавници. Еден од големите проекти на кои сме горди е „Бинго сити центар" во Тузла, кој ќе има големо значење за Тузла, но и за БИХ. Тој ќе биде подарок за родниот град на „Бинго". Трговскиот центар ќе биде по примерот на тие во светските градови, во кој ќе можат да се најдат популарни брендови од модната индустрија. Секако, имаме големи планови и во областите производство, угостителство, но и туризам.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.