Регионално

Андон Крстевски: Во светот на виното

31 Oct 2023

Најважниот поттик ми беше тоа што знаев дека еден ден ќе можам да се вратам во Македонија, земјата со винарска традиција, да донесам нови знаења и да работам овде.

Андон Крстевски, главен енолог во „Стоби“

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Нашиот соговорник Андон Крстевски од Демир Капија е првиот Македонец што завршил магистерски студии на престижната Национална катедра по енологија на Универзитетот во Дижон (Бургундија) во 2008 година, откако претходно ги завршил додипломските студии по биохемија и истражување на Универзитетот „Бордо 2“. Иако за него никогаш не била опција да живее надвор од Македонија, сепак, тој се стекнува со интернационално професионално искуство во Бургундија, Бордо (Франција), Малборо (Нов Зеланд), Вале (Швајцарија), Србија и Грција.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 4 октомври 1984 година, Неготино.

Образование: Магистерски студии на Националната катедра по енологија на Универзитетот во Дижон, Бургундија (Франција); додипломски студии по биохемија и истражување на Универзитетот „Бордо 2“ (Франција).

Кариера:

  • Професионално стажирање како асистент-енолог во „Домеин Моен-Шампи“ (Domaine Moine-Champy) – Бургундија, Франција (2006 година);
  • Професионално стажирање како асистент-енолог во „Домеин де муз“ (Domaine Des Muses) – Сиер, Швајцарија (2007 година);
  • Сезонски енолог во „Шато Пап Клеман“ (Château Pape Clément) – Бордо, Франција (од 2008 до 2009 година);
  • Сезонски енолог во „Маунт Рајли“ (Mount Riley) – Малборо, Нов Зеланд (2009 година);
  • Менаџер за продажба во подружница на француската компанија „Виновак ено“ – Македонија и консултант (од 2009 до 2011 година);
  • Асистент-енолог во „Стоби“ – Градско, Македонија (од 2011 до 2016 година).

Моментална функција:

  • Главен енолог во „Стоби“ – Градско, Македонија (од 2016).

Хоби: Дружење, гастрономски дегустации на различни вина, следење спорт, читање, гледање филмови.

Брачна состојба: Во брак, две ќерки.

Во потрага по различни вински искуства

Андон се сеќава дека како дете не мечтаел за ниту една професија. Бил добар ученик и околината на некој начин ми сугерирала да размислува за медицина. Едно беше сигурно – имав афинитет кон природните науки и кон јазиците. Првпат добив идеја да станам енолог во трета година средно. Учев во француската гимназија во Неготино, знаев добро француски јазик, а Франција е најреномирана винска индустрија и винска нација како културолошки феномен. Најважниот поттик ми беше тоа што знаев дека еден ден ќе можам да се вратам во Македонија, земјата со винарска традиција, да донесам нови знаења и да работам овде. Иако претходно немав никаква идеја, од 16-17 години за мене како опција постоеше само француската диплома по енологија. Сега сум комплетно исполнет и пресреќен со својата професија.

Тој признава дека заминувањето во Франција воопшто не било едноставно. Напротив, како што вели, првите 4 години финансиски биле пеколни, пред сè, за неговите родители и за сите роднини што помагале. Неколку години морал и да работи и да студира, сè до петтата година, кога станал стипендист преку Француската амбасада во Скопје.

Веројатно сум еден од ретките што не бараа начин да останат во странство, туку напротив, барав начин да се вратам.

Откако се преселил од Бордо во Дижон во 2006 година, Андон почнал да работи во една семејна винарница со 7 хектари лозов насад, чиј сопственик бил врвен енолог. Тогаш за мене беше чудно што сè беше едноставно, симпатично и воопшто без притисок и стресови. Тие луѓе го живеат винарството на посебен начин, навистина си ги сакаат земјата и виното. Неколку години подоцна ги разбрав – тие не сакаат многу да менуваат технолошки, сакаат да останат верни на традицијата и на својот препознатлив тероар. Токму тоа ја дизајнира и нивната вредност и уникатност.

Следното искуство за Андон е 4-месечното стажирање во Швајцарија, во винарница со сосема различен пристап, повеќе динамика, многу повеќе различни сорти на грозје и многу етикети на вино. Овде пристапот повеќе бил „бизнис-ориентиран“, но без компромис за квалитетот. Работевме секој ден, некогаш и по 20 часа. Овде научив многу практични работи за винарството, а најголем впечаток ми оставија околината и дивата природа. Опколени бевме со високи планински масиви, живописна, чиста и средена земја. Сопственикот, исто така, важеше за елитен енолог, кој завршил енологија во Дижон и од него имаше што да се научи.

Пред да магистрира во 2008 година, Андон требало брзо да реагира и да најде работа за претстојната реколта во септември. Праќал писма и мејлови за сезонска работа, сакајќи да се врати во Бордо по секоја цена. Веднаш по испитите, нешто ме натера да отпатувам во Бордо, да чукнам и да ја поттурнам портата на „Пап Клеман“ наместо да праќам потсетници по е-пошта. По 15 минути разговор со енологот, тој ми подаде рака дека ќе смета на мене за бербата. Првичниот договор беше да останам три месеци, но ми продолжија уште три, се сеќава Андон. Тој додава дека ова е незаборавно искуство, за кое има многу да се раскажува... Ќе споменам само неколку работи – бербата во 2008 година беше 703. Континуирана реколта и производство на вино под истиот назив и на истата локација. Како замок со лозја постои уште од 1305 година, кога папата Климент V го добива за резиденција. Оттука и името. Овде научив за големиот свет на виното, ги запознав Мишел Роланд, најпознатиот енолог во светот, и Роберт Паркер, најпознатиот светски вински критичар. Овде доаѓаа филмски ѕвезди како Жерар Депардје и многу други... Накратко, локацијата и бизнисот беа монденски.

Андон раскажува дека традицијата на младите енолози од Франција е наесен сезонски да работат на северната хемисфера, а напролет да се преселат и да работат на јужната (Нов Зеланд, Австралија, Јужна Африка, Аргентина, Чиле итн.), затоа што тогаш таму е период на берба на грозје. На тој начин за пократко време се стекнуваат повеќе различни винарски искуства.

Договорот во Нов Зеланд почна на почетокот од март 2009 година. Претходно добив препорака од близок колега, кој веќе бил вработен во истата винарница. Овде работевме на сосема поинакви сорти на грозје и на многу поинаков начин. Овде научив за модерното лозарство, но најважно од сè, за подготовката на вината за извоз на далечни дестинации, со оглед на тоа што тоа е многу оддалечена земја, чии вина се продаваат низ целата Земјина топка.

Вински искуства на домашен терен

За Андон никогаш не била опција да живее надвор од Македонија и планирал уште една-две години да патува и да собира искуства. Сепак, во „Шато Пап Клеман“ се запознал со човек што сакал да го развива бизнисот во балканските земји. Тој немал претставник за Македонија, па Андон прифатил да биде и во втората половина од 2009 година се враќа во земјава за да работи како техничко-комерцијален агент во „Виновак ено“ – претставништво Демир Капија. Преку оваа компанија тој имал можност за соработка со многу винарници на Балканот, пред сè, во земјава, Србија и во Грција.

Идејата ми се допадна затоа што имав можност како трговски претставник да влезам во сите винарници и да го запознам нашето винарство во сржта. Истовремено, некои компании имаа потреба од моето дотогашно искуство и тоа ми отвори можност паралелно да работам и како консултант. Пред тоа поминав интензивен напреден курс за техничка поддршка и комерција за неколку светски енолошки брендови на опрема и производи за винарство во Франција.

Без разлика што претходните мои искуства се поатрактивни од домашното, искуството во „Стоби“ ги надминува сите претходни заедно.

Сепак, Андон признава дека главната причина била неговата желба да се врати дома и да сподели информации, практики, искуства... Едноставно, сакав да ѝ помогнам на мојата земја и да работам блиску до семејството. Веројатно сум еден од ретките што не бараа начин да останат во странство, туку напротив, барав начин да се вратам.

Според него, секое меѓународно искуство е драгоцено и е применливо на домашен терен. Откако поминале повеќе години од неговото враќање дома, како што вели, неговото искуство како акумулација повеќе му припаѓа на овдешното работење. На претходните искуства сега гледам како на мал скапоцен ковчег, од кој неретко можам да извадам некоја златна алка што недостига за да се реши сегашниот проблем. Сепак, работењето во винарницата „Стоби“ е моето најголемо и најдрагоцено искуство од повеќе аспекти. Во комуникација сме со цел свет, патуваме, разменуваме искуства, се допишуваме, така што воопшто не сме изолирани од надворешниот свет. Освен тоа, „Стоби“ произведува вина во 6 категории, што значи дека за секоја од нив треба посебна технологија и енолошки пристап. Продаваме вино во Кина, Јапонија, Австралија, преку Русија, цела Европа, Канада, САД, Бразил... Имаме повратни информации од сите овие пазари и ги посетуваме нашите партнери, од каде што собираме драгоцени податоци и насоки за подобрување на нашиот потенцијал за тој конкретен пазар, вели Андон и додава дека преку „Стоби“, неговата мрежа на познанства во оваа фела е огромна, има можност да пробува вина од целиот свет и да разменува мислења. Без разлика што претходните мои искуства се поатрактивни од домашното, ова искуство ги надминува сите претходни заедно.

Тој е дел од тимот на „Стоби“ од 2011 година. До 2016 година бил асистент-енолог, задолжен за барикното одделение и за системите за квалитет. Кога се ослободила позицијата главен енолог, Андон веднаш добил понуда, за која воопшто не се двоумел: Во тоа време бев спремен за оваа работа. Се разбира, имав позитивна трема и период на приспособување, но набрзо поставивме функционален систем со моите драги колеги и изградивме одличен тим, кој ми помогна моите знаења, енергија и емоции да ги изразам во нашите вина. Бескрајно сум благодарен на можноста што ја добив овде, тоа беше вистинска одлука за мене.

Како дел од тимот и како една алка во системот, неговите обврски и одлуки се од огромно значење за развојот на винарницата и за нејзиниот бренд. Неговата одговорност е тероарната политика, односно најважната работа за него е кое грозје од која локација доаѓа и за кое вино треба да се употреби. Освен тоа, одговорен е и за планот на преработка на грозјето и производството на вино во целост. Главниот план е мој, а секојдневните предизвици и корекции ги решаваме тимски. Експериментирање и развој на производи, технолошки развој и иновации, учество на вински натпревари, презентации на нови вина, презентации на целото винско портфолио, учество на саеми, патувања во странство за поддршка на странските партнери, надзор на системите за квалитет, состаноци со тимот од продажба и менаџментот... имам и многу други задолженија, од кои секое на свој начин влијае врз конечниот резултат.

За професионализмот, животот и за успехот

На нашето прашање кои особини треба да ги поседува една личност за успешно да работи на позицијата на која работи Андон, тој се замисли и призна дека не е лесно да одговори... Првата и основна особина би била личноста да го сака виното. Потоа, да биде искрена, да зрачи чиста енергија (што е тесно поврзана со директната продажба на виното). Личноста треба да е дружељубива, да ужива во долги ручеци и дегустации. Да биде фокусирана, издржлива за време на берба кога се работи 24/7, да знае странски јазици, да знае да ги прочита хемиските анализи, да анализира...  Можеби заборавам нешто, но приближно тоа би било. Мислам дека ги поседувам поголемиот дел од овие особини, се надевам...

Се наближуваме кон крајот на разговорот. Андон вели дека неговите очекувања од работата, и воопшто од неговата кариера, се целосно исполнети. Тој, генерално, не би сменил ниту една професионална одлука затоа што смета дека сè што се случува е по редот на нештата (Или пак потсвесно се убедувам дека е така).

Клучот на неговиот успех смета дека е самодовербата во дегустациите и во однос на стилот на вината. Мислам дека патувањата и дегустациите ми дозволиле да го апсолвирам вкусот на виното, што ми дава сигурност при креирањето нови вина или адаптација на постојните, кога знам за која целна група се наменети. Обично имам добра процена за стиловите на вино, а знаењето ми помага технолошки да го осигурам саканиот стил и квалитет, заклучува Андон.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...