Регионално

Александар Чадиковски: Можностите се случуваат со причина

03 May 2023

Цената на успехот е да излезете од комфорната зона. Сите не сме подготвени за тој чекор и тоа не е ништо страшно. Сепак, ако сакате да се чувствувате живо и исполнети со адреналин, единствено тоа е начинот да го направите животот поразличен.

Александар Чадиковски, индустриски директор за Унгарија и РС Македонија во „Лакталис груп“

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Нашиот соговорник Александар Чадиковски од јануари 2022 година е директор на фабриката „Кунтеј“ во Тисафуред, а од почетокот на оваа година е и индустриски директор за Унгарија и РС Македонија во „Лакталис груп“. Неговите моментални задолженија, меѓу другото, опфаќаат и регионално следење на работата на „Лакталис МК млекарница“. Тоа значи менаџирање на процесите од појдовна суровина до готов производ, со испорака на квалитетен краен производ, со што е можно помалку продуцирање загуби и отпад од процесите.

Биографски податоци

Образование: Дипломиран инженер технолог, магистер по биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје.

Кариера:

  • Демонстратор на ТМФ, Скопје (од 2000 до 2001 година);
  • Млад истражувач во Центарот за експериментална механика во Љубљана, Словенија (2001 година);
  • Супервизор за производство на пиво во „Пивара Скопје“ (од 2002 до 2005 година);
  • Раководител на производство на пиво во „Пивара Скопје“ (од 2005 до 2013 година);
  • Директор на производство во „Лакталис МК млекарница“, Битола (од 2013 до 2021 година);
  • Директор на фабриката „Кунтеј“ на „Лакталис груп“ во Тисафуред, Унгарија (2022 година).

Моментална функција: Директор на фабриката „Кунтеј“ и индустриски директор за Унгарија и РС Македонија во „Лакталис груп“ (од јануари 2023 година).

Хоби: Филм, добра храна, вино и патувања.

Академски почеток

Поради големата љубов кон животните, малиот Александар имал желба да стане ветеринар или чувар во зоолошка градина кога ќе порасне. Во основно училиште сакав математика и особено природни науки, па затоа се запишав во гимназијата „Корчагин“, која во тоа време беше насочена кон природните науки. Математиката добро ми одеше, но уште во прва година средно јасно беше дека мојата определба ќе биде хемија, го почнуваме разговорот со него. Како што вели, веројатно тоа било клучно и за неговата понатамошна определба – Технолошко-металуршкиот факултет, каде што се изучуваат фундаменталните науки (хемија, биохемија, физичка хемија) во спој со применети науки (хемиско инженерство, прехранбена технологија, полимерно инженерство).

Неговата професионална кариера почнува академски, како демонстратор на ТМФ: Во тоа време само што излегов од студентските клупи, па лесно беше да се биде и од другата страна на клупите – на испит беше лесно да се фати некој што препишува (се смее). Во тој период интересот за студирање на природни, техничко-технолошки и инженерски науки бил прилично поголем споредено со денес.

Секој што е на високо ниво во менаџерската структура мора да ја разбира и практикува бизнис-психологијата. Таа не мора да е според пишани правила. Никогаш не сум читал литература од тој тип за да се справам со предизвиците на работното место.

Времињата се сменети и денес во фокусот се информатичките технологии. Мојот став е дека тие се тука да ни го олеснат животот, како услужна дејност на сите други области. Потребата од преостанатиот инженерски кадар е сè поголема – во ова време има потреба од инженери што работат на интердисциплинарни полиња, поврзани со екологија, енергија, оптимизација на процеси, отпад и заштита на животната околина, вели тој, заклучувајќи дека тоа не е исклучок никаде во светот и најверојатно поради повеќе социо-економски фактори, бројот на инженерски кадар е сè помал.

Следува првиот работен престој во 2001 година како млад истражувач во Центарот за експериментална механика во Љубљана, Словенија. Како што вели, тоа било убаво искуство бидејќи увидел како функционираат системи различни од нашиот: Работата беше сосема поразлична од тоа што сега го работам. Истражувањето бара научна надградба, додека тоа што сега го работам – менаџирањето, повеќе е поврзано со искуството.

Во FMCG-индустријата

Првото сериозно работно искуство за Александар, вработувањето во „Пивара Скопје“, почнало сосема непланирано. Поднесол CV и почнале интервјуата (4-5), па обука од 9 месеци и проект што бил презентиран пред менаџерскиот тим. Во тој период Светозар Јаневски сè уште бил сопственик на пиварницата.

Проектната задача што се презентираше пред менаџерскиот тим имаше буквално тежина на дипломска работа, се сеќавам дека работев на приспособување на вкусот на пивото на нова технологија. Во „Пивара Скопје“ првпат се сретнав со тоа што се нарекува трансфер на технологија, од мал процес во индустриски рамки, многу нови пива, инвестиции, семинари, работилници, Лондон, Виена, Краков... Најголемиот предизвик ми беше развојот на нов производ бидејќи тоа веројатно е најинтересниот дел од работата на технолог. Како барањето на пазарот, презентирано од маркетинг-секторот преку краток опис, да се претвори во готов производ.

Менаџерскиот дел бара многу работа со различни карактери на луѓе, од кои треба да го извлече најдоброто: Тоа е најтешкиот дел во менаџирањето, но и најголемиот предизвик.

По 11 години во „Пивара“, во 2013 година Александар се вработува како директор на производство во „Лакталис МК млекарница“, тогашна „Идеал Шипка“, дел од најголемата млечна индустрија – „Лакталис“. Го прашавме што бил главниот предизвик за да направи трансфер од пивската во млечната индустрија, на што тој одговори: Во принцип, ферментацискиот процес е основата и на пиварството и на млечната индустрија. Разликата е во појдовната суровина и микробниот процес, дали ќе се користи квасец или бактерија. За мене, тоа беше навистина голем предизвик бидејќи технологијата на производство на сирења е вистинска наука.

Од јануари лани тој е во Тисафуред, Унгарија, најпрвин на позицијата директор на фабриката „Кунтеј“, а од овој јануари и како индустриски директор за Унгарија и РС Македонија во „Лакталис груп“. Кога ја добил оваа понуда, нашиот соговорник најпрвин си помислил на јазичната бариера: Откако ја прифатив понудата, почнав со часови по унгарски јазик. Навистина јазикот е тежок, не верувам дека некогаш течно ќе можам да го зборувам, но убаво е да им се покаже на соработниците дека разбирам понекој збор.

Според Александар, во денешното време на комуникации не може да се зборува за носталгија како во некои минати времиња. Авионските летови се достапни и не се скапи, а и новата позиција му налага пофреквентно да патува во Македонија. Од друга страна, вели дека кај него доминира предизвикот за запознавање нова култура пред чувството на носталгија: За да се чувствуваш убаво во град каде што не си роден, треба да му дадеш шанса, без преголеми очекувања или предрасуди, и секако да не правиш споредба со твојот град.

Сепак, тој признава дека на почетокот му било тешко што нема да може да зборува на македонски јазик, но тоа не го сфаќал како пречка затоа што повеќето колеги зборуваат англиски. Истото е и со менталитетот. Сепак сме различни нации со различен менталитет. И на тоа треба да се приспособиш со текот на времето, вели Александар.

Според него, имајќи ги предвид денешните трендови и глобализација, унгарскиот пазар не е многу различен од македонскиот – производите што се нудат се многу слични. Сепак, што се однесува до храната, има разлики: Унгарската кујна е поразлична од нашата, во неа доминираат зачините. Имаат навистина добри колачи – слатки со мак, колач Жербо и торта Естерхази :). Унгарија е во првите 10 извозници на вино, како и Македонија, и има навистина добри вина. Градот во кој живеам, Егер, е познат вински регион.

За професионализмот, за животот и за успехот

Во текот на развојот на кариерата Александар сфатил дека повеќе треба да си психолог отколку технолог. Поголемиот дел од техничките работи веќе ги работат другите колеги, а менаџерскиот дел бара многу работа со различни карактери на луѓе, од кои треба да го извлече најдоброто: Тоа е најтешкиот дел во менаџирањето, но и најголемиот предизвик.

Сепак, според него, овие особини се учат со текот на времето и искуството: Секој што е на високо ниво во менаџерската структура мора да ја разбира и практикува бизнис-психологијата. Таа не мора да е според пишани правила. Никогаш не сум читал литература од тој тип за да се справам со предизвиците на работното место. Едноставно, искуството ме научи да се справувам, вели тој и додава дека неговите очекувања од работата се целосно исполнети.

На колегите на кои ќе им се укаже можност да добијат функција надвор од родната земја Александар им препорачува да го прифатат предизвикот – во животот можностите се случуваат со причина и треба да се искористат.

Александар не смета дека донел погрешни одлуки во неговата досегашна кариера затоа што од секоја одлука по извесен период извадил нешто поучно.

Цената на успехот е да излезете од комфорната зона. Сите не сме подготвени за тој чекор и тоа не е ништо страшно. Сепак, ако сакате да се чувствувате живо и исполнети со адреналин, единствено тоа е начинот да го направите животот поразличен, заклучува Александар на крајот од нашиот разговор и додава дека клучот за неговиот успех е во одлучноста, адаптибилноста и отвореноста да се слушне сечие мислење и став.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...