Регионално

Милена Киселички: Пионер во кондиторската индустрија во Ангола

23 мар 2023

Ние влеговме на овој пазар со намера да воведеме маркетиншки пристап кон категоријата, што досега во Ангола не постоеше, и нашиот прв бренд OKO веќе го пробива својот пат

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs 

Нашата соговорничка работи во „Нелт група“ веќе 14 години. Кариерата ја почна во „Неопланта“ како специјалист за информациони системи и низ кариерата се развиваше во областа автоматизација на деловни процеси со употреба на информациони системи. Како што самата вели, стартот во „Неопланта“ го обликувал нејзиниот пат во кариерата во правец на специјализација за покривање и работа со информациони системи. Тој пат ја одвел во Африка, во Ангола, каде што „Нелт“ во 2020 година влезе во инвестициски проект за изградба на фабрика за бонбони, лижавки и гуми за џвакање.

Фабриката „Кенди фактори“, чиј косопственик е „Нелт ЛДА“, членка на српската „Нелт група“ од Белград, неодамна беше свечено отворена во Луанда. Како и каде беше родена идејата за отворање фабрика на овој пазар?

Во Африка сме присутни од 2011 година. Освен во Ангола, успешно работиме и во Замбија и во Мозамбик. На овие пазари вработуваме над 400 луѓе, кои се занимаваат со дистрибуција на брендовите на „Неопланта“ и „Фабрика за детска храна“, како и производи на глобално познати корпорации, како што се П&Г, „Марс“, „Нестле“, „Хајнекен“, „Фереро“ и други. Ја почитуваме и ја сакаме Ангола и различноста на Африка како специфичен деловен амбиент. Храбро тргнавме во ширење на работењето на овој континент и бележиме добри резултати. Од друга страна, го препознавме и потенцијалот на пазарот во доменот на производство и оттука идејата во Ангола да почнеме инвестициско поглавје. Нашата визија е „Кенди фактори“ да биде пионер во кондиторската индустрија во Ангола, а амбицијата е да биде национално и регионално препознаена како компанија која произведува домашни брендови.

„Нелт“ веќе е сопственик на две фабрики во Србија, а тоа се „Неопланта“ и „Фабрика за детска храна“. Поради што сопствениците отворија фабрика за слатки токму во Ангола?

Некогаш мотивот за освојување нови простори беше наоѓање поинакви ресурси. Денес се појавуваме на пазари каде што има можност за поврзување на луѓето, размена на искуства и знаења, но и богата традиција на два раздалечени народи, ми се чини само во географска смисла. Успехот што го остваривме со „Неопланта“ и „Фабрика за детска храна“ покажува дека умееме да креираме бренд и да понудиме квалитетен производ. Баш тоа искуство што го имаме сакаме да го повториме и на африканскиот континент.

Кажете ни повеќе за фабриката, колку пари се вложени, број на вработени, капацитети, асортиман?

„Кенди фактори“ е модерна и високо автоматизирана фабрика за слатки производи со производствен капацитет од 6.700 тони годишно. Во првата фаза од проектот беа вложени 20 милиони евра и вработени 90 луѓе. Со оглед дека нашите очекувања се дневното производство многу брзо да надмине 15 тони бонбони, лижавки и гуми за џвакање, веруваме дека бројот на вработени ќе биде поголем од 150. Се очекува фабриката во првата година на продажба да освои 20 отсто пазарен удел, додека во петгодишен период би требало да достигне 40 отсто. Особено сум горда на мојот мултикултурен тим од експерти од различни земји. Токму тие разлики во искуството, пристапот, поднебјето од кое доаѓаме се богатство што ни овозможува на секој предизвик да му пристапиме од различни агли. „Кенди фактори“ го враќа она чувство од почетокот на кариерата што го имав во „Неопланта“, а тоа е дека покренуваме нешто ново, гледајќи кон иднината со надеж и исчекување, огромна одговорност, но и неверојатно задоволство. Сите заедно настојуваме во „Кенди фактори“ да развиеме силно чувство на припадност, заедништво, да афирмираме креативност, да почитуваме професионалност и многу сме возбудени поради излегувањето на првите производи од нашата фабрика на пазарот во Ангола.

Сакаме производите на нашата компанија да станат синоним за категорија на овој пазар.

Имате ли конкуренција на африканскиот пазар и кој ви е главен конкурент? Во која мера, генерално, е развиена кондиторската индустрија во Африка? Имате ли желба да го подигнете пазарот на слатки на едно повисоко ниво?

Кога почна идејата за „Кенди фактори“, Ангола немаше ниту еден производител на кондиторски производи и беше свртена директно кон извоз. Можноста што ја препознавме ние ја препознаа и други и сега има повеќе фабрики од овој тип, но извозот и натаму е значаен. Инициравме креирање Асоцијација за кондиторска индустрија во Ангола за заедно со конкурентите да работиме на заштита на оваа категорија од увоз и да се обезбедат предуслови за непречен раст. Не сакаме да играме „постоен натпревар“, туку да креираме целосно нова игра и истата да ја водиме. На овој пазар влеговме со намера да воведеме маркетиншки пристап кон категориите, што досега во Ангола не постоеше, и нашиот прв бренд OKO веќе си го пробива патот.

Ангола по површина е петпати поголема од поранешна Југославија, со популација од над 32 милиони луѓе и прогресивно расте, додавајќи близу по милион жители годишно. Како се снајдовте во таа средина, што ви е најголем предизвик во работата?

Секогаш било тешко да се совлада просторот и да се почувствуваат менталитетот и специфичноста на пазарот. Кога веќе ја споменуваме бивша Југославија, денес се соочуваме со пречки кои се значително поинакви во однос на историските. Некогашна Југославија и Африка имаат историја на соработка. Сите го паметиме Движењето на неврзаните, кога африканските лидери на чело со Југославија во тие години се бореа за својата независност. Во колективното сеќавање на африканскиот народ имаме добра репутација и тоа неоспорно ни помогна подобро да се позиционираме како компанија која доаѓа од пријателска земја. Накратко, народите на Африка паметат, па пазарните и просторните предизвици ни беа полесни. Тоа што на терен денес ни е пречка се административни и инфраструктурни предизвици, но тоа не е ништо ново, ниту нешто со кое претходно не сме се соочиле. Токму со примерот на отворањето на „Кенди фактори“ демонстриравме силна врска со локалните партнери, каде што реализацијата на проектите значи поддршка на локалната партнерска компанија „Оксбоу“, како и на Владата и развојните агенции на Ангола.

Какви се потрошувачите на африканскиот пазар? Какви им се потребите, вкусовите, куповните навики, за разлика од потрошувачите од Европа и од остатокот од светот? И дали потрошувачите од одредени делови на самиот африкански пазар, со оглед на неговата големина, се разликуваат меѓу себе? По што се специфични?

Секој пазар е приказна за себе и разликите се евидентни, не само кога зборуваме за два континенти, туку и за држави, пред сѐ во културата, обичаите, исхраната итн. Слободно можам да ги споредам Ангола и Замбија, како на пример, со Португалија и Чешка, но тоа од нашата перспектива не се гледа. Секако, најважно е дека станува збор за пазари во развој и многу е важно навреме да се позиционираме како важен и сериозен играч. Од економска гледна точка, очекуваме стапките на раст да бидат високи и покрај предизвиците и сакаме да бидеме дел од експанзијата на која се надеваме. Притоа, вложуваме во иновации, во едукација и во луѓе за да останеме препознатливи како организација која е ефикасна и квалитетна. А квалитетот е тоа што секој потрошувач на крајот го сака независно од тоа каде живее, нели?

На ковид-кризата се надоврза и економската криза, што доведе до инфлација, раст на цените на суровините, енергентите... Како тоа влијае врз вашето работење и какви резултати оствари компанијата во минатите три години, од избивањето на пандемијата?

Повисоките цени на храната, на горивата, на електричната енергија и на гасот денес се глобални предизвици и ги погодуваат сите пазари. Нашата ѕвезда водилка, каде и да работиме, е стратегијата #Accelarate2025. Тоа значи дека во фокус ни се инвестициите, натамошната дигитализација и пренесување позитивни практики, и најмногу од сѐ, вложување во луѓето и организациско растење. Сакаме долгорочно да осигуриме квалитет на услугите, континуитет на задоволство на постојните и привлекување нови партнери и работење, а со цел натамошен одржлив раст. Така го гледаме одговорот на „Нелт“ на секој предизвик, без разлика колку е тежок.

„Нелт“ во Ангола работи повеќе од една деценија и во неговиот развој учествуваа многу луѓе од Балканот, кои оставија своја трага во организацијата. Како го гледате своето место и придонесот што го давате за работењето на овој континент и по што сакате да ве запаметат?

Иако поминавме една важна скала, а тоа е успешно да го доведеме до крај проектот за изградба на фабриката и да воспоставиме операции, ние сепак сме на почеток. Интензивно се работи на остварување на целта да го преплавиме пазарот на Ангола и веќе оваа година да излеземе надвор од границите на оваа земја, на другите африкански пазари. Од личен аспект, ако успеам да не се забележи кога ќе заминам, а притоа зад себе да оставам ефикасна и профитабилна организација, тоа ќе го сметам за најголем успех. Би рекла дека стремежот на секој менаџер треба да биде да постави организација во која нема да биде потребен, систем кој функционира без разлика кој го предводи. Сите мои напори се насочени кон таа цел.

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...