Работиме со полна пареа на подготовките и наскоро македонските е-купувачи ќе добијат платформа за онлајн-шопинг по светски стандарди, која ќе понуди широк асортиман на производи и корисничко искуство како во развиените земји.
д-р Нина Ангеловска, директор за меѓународен бизнис-развој во Ananas E-Commerce и претседател на АЕТМ
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Како мала, Ангеловска вели дека не памети дали имала конкретен одговор за тоа што сака да биде кога ќе порасне, додавајќи дека сигурно не бил едноставен одговорот како што и не е едноставно да се биде претприемач. Како добар познавач и на теоријата, таа вели дека има многу дефиниции за овој комплексен збор, кој потекнува од францускиот „enterpredere“ (да се презема). Питер Дракер, таткото на модерниот менаџмент, вели дека претприемач е некој што секогаш бара промена, одговара на неа и ги искористува можностите. Сигурно не сум имала идеја, желба или замисла за ова како мала, но од друга страна, скоро мајка ми ми испрати едно видео на кое на 6-годишна возраст, кога почнав да одам во школо, раскажувам дека сум била „делегат“, го почнуваме разговорот со неа.
Нејзината професионална кариера – од конференции во регионот и Европа, на кои била говорник, проекти, консултантски ангажмани... до самит во Индија и престој во САД на претприемачки програми – е исполнета со многу патувања. Сепак, базата секогаш е Македонија. Собирав искуства и знаења од сите патувања, а стекнував и нови познанства со што ја збогатував мрежата на контакти. Учев од искуствата на стотиците претприемачи што ги запознавав од целиот свет. Од секое патување се враќав „побогатa“ и ги аплицирав новите работи во бизнисот тука.
И со новиот ангажман во Ananas E-Commerce – директор за меѓународен бизнис-развој, базата останува „дома“, но таа често е и во Белград. Нејзината моментална функција вклучува развој на Ananas на нови пазари, од кои првиот е Македонија. Работиме со полна пареа на подготовките и наскоро македонските е-купувачи ќе добијат платформа за онлајн-шопинг (маркетплејс) по светски стандарди, која ќе понуди широк асортиман на производи и корисничко искуство како во развиените земји. Од друга страна, македонските компании ќе добијат доверлив партнер преку кој ќе може да стигнат до нови купувачи и да постигнат пораст на продажбата, открива Нина.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 13 јули 1988 година, Скопје.
Образование: Доктор по организациски науки (менаџмент), Економски факултет на УКИМ.
Кариера:
- Доцент на Универзитетот за туризам и менаџмент, Скопје (од 2021 година до денес);
- Член на Одборот на директори на „Македонски телеком“ (од 2020 година до денес);
- Говорник, тренер и ментор на различни програми (од 2012 година до денес);
- Независен консултант за е-трговија, бизнис развој, менаџмент и маркетинг (од 2015 до 2022 година);
- Извршен директор и коосновач на Grouper.mk (од 2011 до 2019 година);
- Министер за финансии (од 2019 до 2020 година);
- Соработник на „Форбс“ (од 2018 до 2019 година);
- Член на Управниот одбор на Стопанска комора (од 2018 до 2019 година);
- Член на Советодавниот одбор во Фондацијата за е-трговија (од 2018 до 2019 година);
- Член на Управниот одбор на EMOTA (од 2018 до 2019 година);
- Консултант за е-бизнис и е-трговија во „Македонски телеком“ (од 2017 до 2018 година);
- Демонстратор на Економски факултет на УКИМ (од 2009 до 2010 година);
Моментална функција: Директор за меѓународен бизнис-развој во Ananas E-Commerce (од септември 2022 година); претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ (од декември 2017 година).
Хоби: Спортување, патување, дружење, учење нови работи и понекогаш готвење.
Брачна состојба: Во врска.
Пионерски потег на пазарот
Нејзината пасија за е-трговија почнала на Економскиот факултет на УКИМ, со изборот на насоката е-бизнис во 2006 година. Како што вели таа, оттогаш почнала да го „дише“ пазарот на е-трговија, најпрвин теоретски, а веднаш по дипломирањето и практично, со лансирањето на Grouper во 2011 година: Факултетот нè учи како да учиме и да апсорбираме нови знаења, го тренираме мозокот да меморира и резонира. Уште повеќе денес, кога работите брзо се менуваат. Голем дел од знаењето што го стекнав за време на студиите го аплицирав во бизнисот, а секако постојано учев и нови работи.
Во текот на студирањето учествувала на многу натпревари – сакала да се „тестира“ себеси, вложувајќи многу енергија во подготовките: Мајка ми уште од мала ми имаше всадено дека што и да правам, треба да се стремам да сум најдобра во тоа, па оттука веројатно и мојот компетитивен дух. Во 2011 година, непосредно пред дипломирањето, победив на натпреварот за најиновативен бизнис-план, организиран од Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење при Машинскиот факултет, и добив финансиски средства да почнам сопствен бизнис. Иако не планирав веднаш по дипломирањето да се впуштам во развој на сопствен бизнис, веројатно наградата беше главниот поттик, а и претприемачките гени од родителите и начинот на кој ме воспитувале беа солидна основа, раскажува Нина.
Паралелно додека го развивала бизнисот, нашата соговорничка продолжила со комбинацијата на теорија и практика. Таа магистрира во 2012, а докторира во 2016 година.
Од неодамна Grouper е дел од Ananas E-commerce: Како основач, тоа ми е големо задоволство. Се работи за добар фит и синергетски можности, со оглед на тоа што главниот бизнис на Ananas е е-трговија.
Новиот бизнис-модел на групно купување со попусти, кој во тоа време се појавил во САД, ѝ го привлекол вниманието. Претприемачката приказна Grouper почнува со многу страст и ентузијазам: Сакавме да го трансформираме пазарот на е-трговија, кој во тоа време практично и не постоеше. Луѓето не користеа платежни картички, интернет-пенетрацијата беше мала, немаше навики за онлајн-купување, компаниите не продаваа онлајн и речиси не беа ни присутни онлајн. Во суштина, требаше да креираме пазар за да го развиеме Grouper.
Патот бил полн со предизвици и пречки, но многу брзо Grouper ќе биде препознаен како game-changer на пазарот на е-трговија, со бројни меѓународни признанија за успешната работа и за едукативната улога на македонскиот пазар – и за купувачите и за продавачите.
Нина го води Grouper сè до приклучувањето кон Владата. По заминувањето од функцијата министер за финансии, таа го води и процесот на продажба во 2021 година, кога Grouper стана дел од полската групација „Ассеко“, по што се повлекува од менаџерската функција. За нас, аквизицијата беше многу повеќе – од една страна, препознавање на напорната работа и постигнатото, а од друга, можност за понатамошен пораст и развој, за целосно искористување на потенцијалот, истакнува таа.
Од неодамна Grouper е дел од Ananas E-commerce: Како основач, тоа ми е големо задоволство. Се работи за добар фит и синергетски можности, со оглед на тоа што главниот бизнис на Ananas е е-трговија.
Прва жена на чело на Финансии
Во август 2019 година Нина Ангеловска е назначена за министер за финансии, со што стана прва жена што досега го водела ова министерство во земјава. На нашето прашање како дошло до тој момент и дали се двоумела да ја прифати оваа функција, таа одговори: Секогаш се трудев да туркам за промени „однадвор“, а кога бев поканетa од премиерот Зоран Заев да влезам во Владата, клучниот мотив да ja прифатам огромната одговорност беше можноста за правење промени „однатре“. Иако бев инволвирана во спроведување промени од страна на владините институции, учествував и во јавно-приватни проекти и дебати во нашата земја и надвор, за да се трасира патот на е-трговијата, никогаш немав аспирации за политичка функција. Препознавањето на напорната работа секогаш е силна мотивација. Кога мојот труд и работа беа препознавани меѓународно, тоа од една страна беше знак дека правам нешто добро, а од друга, извор на мотивација. Поканата од премиерот беше големо изненадување, одговорност и доверба, а воедно значеше и препознавање на мојот потенцијал дома. Ја прифатив понудата и ѝ се приклучив на Владата како независен член. Главен мотив ми беше да придонесам за прогрес на мојата земја и да направам промена. Со многу оптимизам, енергија и желба за промени, се стремев да ги донесам брзината и начинот на размислување на приватниот сектор во јавната администрацијата.
И со новиот ангажман во Ananas E-Commerce – директор за меѓународен бизнис-развој, базата останува „дома“, но Нина често е и во Белград. Нејзината моментална функција вклучува развој на Ananas на нови пазари, од кои првиот е Македонија.
За професионализмот, за животот и за успехот
Низ годините Нина активно работи и како консултант за развој на бизнис, дигитална економија и е-трговија, таа е еден од основачите и претседателка на АЕТМ... Да бидам искрена, кариерниот пат ми се случуваше повеќе спонтано отколку „намерно“. Веројатно бев подготвена да ги прифатам можностите и да одговорам на предизвиците. Според неа, сите активности биле неминовни за трасирање на патот за развој на е-трговијата или за отстранување на пречките и предизвиците.
Во текот на целиот кариерен пат, темпото на Нина отсекогаш било динамично, но со добра организација успевала да жонглира меѓу професионалниот и приватниот живот: Некогаш подобро, а некогаш помалку успешно, зависно од околностите. Еден пријател често се шегуваше дека еден ден некаде ќе се сретнам сама со себе, вели Нина и додава дека верува оти добрата организација е уметност што секој, доколку сака, може да ја научи и применува.
Според неа, предизвиците во денешниот брз дигитален свет бараат нови начини на размислување и нови вештини: Мислам дека способноста за постојано и брзо учење е клучна за успех на која било позиција. Потоа, адаптибилноста, дисциплината, посветеноста и добрата организација. Таа додава дека лидерството во јавен и приватен сектор е различно, како што е различно и лидерството во време на криза, за кое издвојува уште неколку клучни карактеристики: брзина пред прецизност, апсорбирање информации и способност за брзо расудување и носење одлуки, преземање одговорност и способност за јасна комуникација.
Научените лекции и искуството од претприемачкиот пат низ годините, Нина ги преточила во т.н. 8Ps микс на претприемништво (8Ps Entreprenurship mix), кој содржи 8 карактеристики што се клучни за успех: перцепција (perception), постојано учење (persistent learnning), константна промена (permanent change), пасија (passion), луѓе (people), потенцијал (potential), проактивност (proactivity) и упорност (perserverance).
Себеси се сметам за вечен оптимист кој има високи очекувања од животот и од себе, со насмевка вели Нина. Задоволна сум од мојот личен прогрес, но сметам дека секогаш може подобро. Тоа веројатно е клучно за постојан личен прогрес и подобрување. Сите имаме посилни и послаби страни, а ако сме свесни за нив, тоа е првиот чекор да работиме на нив и да ги подобруваме. Брзината ми е силна страна, но таа со себе носи и нестрпливост, која си ја сметам за слаба страна (особено во ситуации што се надвор од моја контрола).
На прашањето дали помислила дека некогаш донела погрешна одлука во кариерата, Нина вели дека сите одлуки што ги донела досега ја направиле тоа што е денес, за што е благодарна, иако патот речиси никогаш не бил лесен.
На крајот на краиштата, сите совладани пречки и проблеми нè прават посилни. Живееме во навистина брз свет, а каде и да одиме и што и да избереме да правиме, секогаш ќе има проблеми и пречки. Клучот е да ги одбереме проблемите што сакаме да ги решаваме. Во текот на мојата кариера проблемите беа фундаментално различни на различните позиции, но за сите сум ја имала истата посветеност, став и енергија за решение. Брзо по совладувањето се заборава колку нешто било тешко – остануваат искуството и научените лекции, нагласи Нина, заклучувајќи дека не се кае за ниту една донесена одлука: Практично, повеќето одлуки беа одговор на можностите што ми се прикажале кои сум била подготвена да ги прифаќам.
Нина има добиено голем број меѓународни награди. Во 2016 година германскиот магазин „Хундерт“ ја вбројува во листата со „100 жени основачи од Европа“; во 2018 година е избрана од престижниот „Форбс“ во категоријата највлијателни деловни луѓе во Европа помлади од 30 години (30 под 30); во 2019 година е прогласена за една од седумте глобални жени застапнички на е-трговија на УНКДАТ... За крај ја прашавме дали тие признанија ги смета за најголем успех во кариерата или станува збор за нешто друго.
Препознавањето и наградите секогаш се мотив за подобра работа, а сите овие признанија се резултат на одличната работа и успесите на Grouper. Оттука, веројатно за најголем успех го сметам градењето сопствен бизнис од нула на 22-годишна возраст, кој ја воведе е-трговијата во Македонија и одигра трансформативна улога, неговото растење и развивање сè до неговата успешна продажба, истакнува таа и заклучува дека сите нејзини понатамошни успеси и професионалниот пат практично се поврзани со пасијата и љубовта кон изградбата на Grouper.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.