Локално

Славчо Јорданов: Потрошувачите нè поттикнуваат да бидеме подобри

17 Sep 2015

Славчо Јорданов, сопственик и директор на КИМ – Неготино

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Компанијата КИМ од Неготино е една од водечките компании во конзервната индустрија во Македонија, која на нашиот пазар постои од 1999 година. Со континуирано инвестирање во своите производствени капацитети, КИМ ја остварува визијата на потрошувачите за квалитетно живеење. Тоа е поттик за производство на квалитетни производи, кои освен на македонскиот пазар може да се најдат и на многу странски пазари. За предизвиците и за успесите на компанијата, како и за инвестициите и за идните новитети, разговаравме со сопственикот, Славчо Јорданов.
 

Компанијата „Ким" веќе 16 години работи во Македонија. Можете ли да ни гоопишете работењето на компанијата на почетокот и развојот во текот на овие години?

Постоиме и работиме од 1999 година. Прв производ што го пласиравме на пазарот беше кечапот, а три години подоцна, во 2002 година, почнавме да произведуваме мајонез. Во тој период развојот, главно, се базираше на продлабочување на асортиманот и на изградба на нов производствен и деловен објект, кој беше пуштен во употреба во 2003 година. Со тоа ни се отвори можност за проширување на производствениот асортиман. Покрај производство на кечап и на мајонез, сега асортиманот е проширен на повеќе групи производи, како што се џемови и мармалади, чоколаден прелив и гелови за декорирање, сосови, маринирани печурки и доматни преработки. Во  2012 и во 2013 година инвестиравме во проширување на постојниот и во изградба на нов објект, со што вкупната површина за реализација на производствените процеси и за складирање изнесува 2.500 квадратни метри. Тековната 2015 година влеговме во нова инвестиција, во опрема за преработка на свежи домати во доматно пире, пасата и лупени домати.

Колкава е вредноста на инвестицијата реализирана во 2012 и 2013 година, а колкава на онаа за производство на доматно пире? Што значат овие инвестиции за развојот на компанијата?

Поради зголемениот обем на работа се јави потреба од поголем простор за складирање и на инпути во производството и на готов производ. За реализација на плановите со цел зголемување на постоечките капацитети како и набавување и инсталирање на нови производствени линии, неопходни беа инвестиции за проширување на постојните објекти. Затоа во 2012 и 2013 година се инвестирани 500 илјади евра за изградба на современ магацински простор со површина од 1.000 квадратни метри и негово комплетно опремување со најсовремен систем за магацинско работење, како и вградување на нови разладни комори за складирање на мајонезот. Дограден е простор и за ново одделение за пакување, каде се сместени нови етикетирки. Овие инвестиции се неопходни за развој на компанијата и за долгорочна одржливост на пазарот, како и обезбедување на една од основните суровини. Воедно, овозможивме и производство кое има поголем потенцијал за извоз.

Дали имате сопствено земјиште каде ги одгледувате зеленчукот и овошјето потребни за производството или сите суровини ги набавувате? Дали станува збор за домашно произведени или увезени суровини?

Не располагаме со сопствено земјиште за одгледување на овошјето и на зеленчукот што ги преработуваме, така што ги набавуваме потребните суровини. Особено ни причинува задоволство што потребните суровини се од домашно производство, растени на македонско поднебје. Изминатите неколку години се соочувавме со недостиг од доматно пире неопходно како суровина за производство на поголем број производи, па затоа и решивме да инвестираме во производствена линија со која самостојно ќе го произведуваме. Нашите производи се произведени од најквалитетните македонски зеленчук и овошје. Свесни сме колку е значајно суровините што ни се потребни да бидат од домашно производство, бидејќи на тој начин се стимулира развојот и во другите сектори.

Колку производствени линии имате и колкав е годишниот обем на производство? Дали сте задоволни од досегашното производство и дали планирате инвестирање во нови линии и во зголемување на вашите капацитети?
 
Во моментов располагаме со седум производствени линии, од кои две се инсталирани годинава и се наменети за преработка на свежи домати. Вкупниот капацитет за производство изнесува 3.000 тони на годишно ниво. Пред три години инвестиравме во обновување на линијата за производство на кечап. Минатата година го зголемивме капацитетот за производство на мармалади и на џемови и, како што веќе споменав, претходно, во тековната 2015 година, влеговме во нова инвестиција во опрема за преработка на свежи домати во доматно пире, пасата и лупени домати.
 
Колкав процент од вашето вкупно производство се пласира на домашниот пазар, а колку е наменето за странските пазари?
 
Досега најголем обем на продажба остваруваме на домашнот пазар. Од вкупниот обем на производство, 80 отсто оди на домашен пазар, а другите 20 отсто од произведените количества се извезуваат. Се стремиме да обезбедиме и континуиран пораст на извозот.
 
На кои пазари извезувате во моментов? Колкав е процентот на извезени брендирани производи? Дали произведувате за други компании или трговци во светот и колкав е процентот на таквите извезени производи?

Во моментов поголем асортиман од своите производи извезуваме на пазарите во шест земји во Европа, а неодамна дел од нашиот асортиман почнавме да го извезуваме и во Австралија. Позначајни пазари на кои извезуваме за нас се: Албанија, Косово и Германија, а помало количество извезуваме во Босна и Херцеговина, Црна Гора,Србија и во Шведска. До пред неколку години имавме значителен извоз во Хрватска, но поради преориентација на хрватскиот дистрибутер да им дава предност на домашните производители, излеговме од игра. Но, се трудиме да се вратиме на тој пазар и да освојуваме нови пазари. За освојување нови пазари, покрај конкурентни цени и квалитет, потребни се и значителни финансиски средства за маркетинг, со оглед на големината на околните пазари, што е едно доста горчливо прашање. Зголемувањето на извозот и пласирањето на производите во повеќе земји е една од поставените цели за остварување на визијата. Се обидуваме да се пробиеме на странските пазари со квалитетни производи и со конкурентни цени, следејќи ги светските трендови и во дизајнот на пакувањата. Некои од производите се брендирани, додека дел од производите што се извезуваат се под приватна трговска марка. Сепак, поголем дел од извезените производи со под брендот КIМ.
 
Колкав е асортиманот на производи на КИМ? Колкав процент заземаат КА, ЛКА и ТТ-каналот?
 
Со оглед на тоа дека произведуваме прехранбени производи за широка потрошувачка, производите еднакво се наменети за малопродажните објекти и за хорека-секорот. Со порастот на националните КА, голем дел од продажбата се остварува токму во нив - 50 отсто, додека 30 отсто од продажбата е во ЛКА и 20 отсто од продажбата припаѓа на ТТ-каналот. Исто така имаме добар пазарен удел и во хорека-секторот.
 
Каква е конкуренцијата во Македонија, дали ви се поголема конкуренција домашните или странските брендови?
 
Конкуренцијата во секторот во кој работиме е навистина голема. И домашната конкуренција не е за занемарување, ниту, пак, странските брендови кои се финансиски многу помоќни од македонските и можат да си дозволат значително поголеми маркетинг-буџети за подобра пенетрација на пазарот на кој настапуваат. Притоа, речиси секое појавување на нов бренд на пазарот во дадена категорија може, во некоја мера, да се почувствува, што, главно, произлегува од моќта на апсорпција на пазарот. Отежнувачки момент е фактот што премногу брендови се застапени на вака мал пазар. Но, тоа не е причина за откажување.
 
Каква е сегашната состојба во преработувачката индустрија? Што, според Вас, треба да се направи за подобрување на ситуацијата на домашниот пазар, но и подобро пласирање на брендираните производи на странските пазари?

Што се однесува на проблемите воопшто во конзервната индустрија, голем проблем се проблемите со обезбедување на потребните суровини. Неколку години по ред се соочувавме со недостиг на индустриски домати, а повремено и на пиперки. Тоа е една од причините која влијаеше за определување на насоката во која ќе се развиваме како компанија. Исто така, конзервната индустрија има мал степен на обрт и перманентно се јавува недостиг на обртни средства, поточно кредити со ниска каматна стапка за финансирање на производство, а со тоа и на извозот. Мислам дека едно од решенијата се токму кредитите со ниски каматни стапки за обртни средства. Многу често странски конкурентски производи се субвенционирани за извоз од матичната земја од која потекнуваат, а тоа не се практикува кај нас. Во секој случај, добредојдена би ни била помош при извозот, во смисла на неколку годишни директни поттикнувања на секој извезен килограм производ. Познато е дека и брзината на порастот и развојот на една компанија делумно произлегува и од големината на пазарот на матичната земја. Лимитираниот пораст и развој кој во добар дел произлегува од големината на пазарот не ни остава многу средства за маркетинг, кои би ги издвоиле за настап на странските пазари. Конкуренцијата на домашниот пазар е изразено голема. Лојалната конкуренција ни помага да станеме подобри, но поради нелојалната конкуренција настануваат бројни проблеми на пазарот, кои негативно се одразуваат на сите други лојални конкуренти. Сметам дека треба да се води поголема контрола на тоа какви производи се пуштаат во промет на домашниот пазар.

Како ги мотивирате Вашите вработени за подобрување на резултатите во работењето?
 
Обуките се неизбежен дел за самостојно извршување на работните обврски. Неопходен е и континуиран професионален развој на вработените. Со тоа обуките, воспоставениот систем на наградување и неформалните дружења се начини што ги применуваме за вработените да останат мотивирани и да се стремат кон остварување повисоки резултати. 
 
Какви се резултатите од работењето во првата половина од 2015 година и кои се очекувањата до крајот на оваа година?
 
Според досегашните резултати од продажба, заклучно со јуни 2015 година имаме околу 17 отсто зголемен приход во однос на истиот период во 2014 година. Посветено работиме за да ја одржиме оваа разлика во приходите. Планирани се и дополнителни приходи од пласирање на нови производи на пазарот. Со тоа ќе го продолжиме континуитетот на пораст и оваа година, но со зголемени трошоци поради поскапување на некои суровини и изострената конкуренција на пазарот.
 
Колку време е потребно да помине од идеја за нов производ до поставувањето на новиот производ на полиците?
 
Имаме континуиран развој на нови производи. Притоа потребна е голема внимателност и во процесот на развој и на лансирање на новиот производ. Времето на реализација на идеите за нови производи до негово поставување на полици во голема мера зависи и од типот на производот на кој се работи. За развој на некои производи се потребни неколку месеци, за некои можеби и две години. Сепак, крајната цел е на потрошувачите да им се понуди вкусен, но пред сè безбеден производ.
 
Дали наскоро може да очекуваме нов производ? Во која насока е планиран развојот на асортиманот на КИМ (нови вкусови, дизајн, засилен маркетинг и сл)?

Производството на здрави и на квалитетни производи од домашни суровини е наш императив и нашата главна предност, токму тоа ни овозможи сите овие години да ја задржиме високата позиција на пазарот и довербата на нашите потрошувачи. И понатаму вложуваме во развој на нови производи и во нивниот дизајн, како и во континуирано унапредување на процесот на производство. Постојаното трагање на потрошувачите за нови вкусови и за нови додатоци во исхраната е предизвик за нашата компанија. Потрошувачите се тие што нè поттикнуваат да бидеме сè подобри. Остварувајќи ја нивната визија за квалитетно живеење, ни овозможуваат да правиме квалитетни производи, а со тоа да се остваруваме и самите себе како компанија. Во ноември ќе бидат пуштени во продажба нови производи, сродни на постојните.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...