Слободан Кутревски, прв извршен директор на „Пекабеско"
Способноста да се препознаат можностите на еден пазар во вистинското време, визијата како максимално да се искористат и истрајноста во таа цел е она што ги карактеризира луѓето што стојат зад секоја успешна компанија. Задоволството да разговараме со еден таков човек го имавме во просториите на македонската компанија „Пекабеско", каде што со господинот Слободан Кутревски, првиот извршен директор на компанијата, разговаравме за развојниот пат на „Пекабеско" и за тоа како се станува и останува производствен и дистрибутивен гигант на нашиот пазар.
Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk
(Интервјуто беше направено на 30 јули 2014 година)
„Пекабеско" е една од првите приватни компании во Македонија. Можете ли да ни го опишете работењето на компанијата пред и по приватизацијата?
Земјоделскиот комбинат Белград – ПКБ со своите производи (млеко, брашно, шеќер) во Македонија е присутен од 1972 година. Од 1980 до 1983 година фирмата во Македонија се реструктурира, во неа влегуваат нови луѓе, меѓу кои и јас доаѓам на позицијата помошник-директор. Во 1986 година јас станувам генерален директор и оттогаш сум на чело на оваа компанија. По фазите на полуприватизација и приватизација, во 1994 година „Пекабеско" станува 100% приватно друштво. Но, и по приватизацијата ПКБ остана зад нас да нè храни со стока. ПКБ беше силен бренд на пазарот и немавме никакви тешкотии со пласманот на неговите производи. Освен производите на ПКБ, со текот на годините почнавме да продаваме и други производи. Во тоа време бевме исклучиво трговска фирма, меѓутоа увидовме дека транзицискиот период ни пречи и нè гуши во работењето.
Така, во 1998 година решивме да почнеме со производство. Млеко дотогаш многу продававме и бевме најпрепознатливи по него, но во тие години имаше проблеми меѓу краварите и производителите на млеко и идејата да произведуваме сувомесни производи ми се виде многу поедноставна. Така, во 1999 година во постоечките простории во Шуто Оризари направивме еден погон од 300 м2 во кој работеа 12 луѓе. Произведувавме од 30 до 70 тони месни производи месечно и веднаш ги продававме. Кога видовме колку е тоа исплатливо, во 2003 година со инвестиција од околу 2,5 милиони евра, направивме комплетно опремена фабрика. Од тие 70 тони дојдовме на 170 тони месечно производство, а во фабриката станавме околу 90 луѓе. Во 2005 година ги проширивме производните погони и почнавме да размислуваме за извоз. Во 2007 година прво извезовме во БиХ, па во Косово, па во Србија и полека стигнавме до 300 тони производи месечно.
Паралелно со производството ја одржувавме и дистрибутивната дејност. Имавме брендови како „Дијамант" од Зрењанин и „Звјезда" од Загреб. Во 2007 година нè напуштија „Фриком" и „Имлек" – „Фриком" си отвори своја фирма, а „Имлек" ја купи „Битолска млекара". Ги работевме и италијанскиот бренд Hopla, летонскиот Esva, замрзнати месни производи, нашиот бренд Timko, па направивме бренд за пакување на зеленчук Пекабеско, a во 2008 година станавме дистрибутери за брендовите на ТДР. Отворивме стоваришта во Битола и во Струмица, а во Шуто Оризари локацијата ни стана тесна.
Во 2012 година инвестиравте во нов објект, на нова локација. Што значеше тоа за „Пекабеско"?
Во 2010 година по пат на јавно наддавање купивме 4 хектари земјиште тука, во село Кадино, каде што изградивме објекти под покрив со површина од 2 хектара. Си рековме ќе направиме простор за следните 20 години, за да не градиме нови објекти на секои три години како дотогаш. За тоа многу ни помогна „НЛБ Тутунска банка", којашто преку Македонска банка за поддршка на развојот ни даде кредит од 9,5 милиони евра, на 12 години, со камата од 5,5%. Кога се преселивме тука во 2012 година од 311 вработени поради оддалеченоста останавме на 270. Денес броиме 410 луѓе, што значи дека оттогаш па наваму имаме вработено уште 140 луѓе, од кои 92-ца се од општина Илинден. За жал, сè уште чекаме да бидеме приклучени во канализациската мрежа и да добиеме околен пат околу објектот од општината и искрено се надевам дека тоа во брзо време ќе се среди.
Од друга страна, во објектот во Шуто Оризари ни останаа некои машини што работат на струја и што не се вклопуваат во тукашниот систем на работа на пареа и топла вода. Имаме идеја тој објект минимално да го опремиме и таму да воведеме Халал-систем.
Кои се главните категории на месни производи што денес се произведуваат во „Пекабеско"?
Производите на „Пекабеско" генерално можат да се поделат на чадени сувомесести производи, барени колбаси (шунка, паризер...), конзервирани производи (паштети) и трајни производи (чајна, кулен...).
Дали имате сопствена фарма за одгледување на стока или суровините ги набавувате од кооперанти?
Сопствена фарма за производство на сувомесни производи во Македонија нема никој. Месото 99% се увезува од надвор во смрзната конфекционирана состојба. Ние земаме месо од земји како Шпанија, Германија, Австрија, каде што свињарството, и сточарството воопшто, се на многу повисок степен од нашиот. Во Македонија нема фарма што може да нè следи нас во капацитет. Домашното месо може да го покрие пазарот на свежото месо што се купува во продавница за готвење.
На кои пазари извезувате во моментов?
Нашите производи ги извезуваме во БиХ, Србија, Косово и Црна Гора, којашто се покажа како многу, многу голем пазар за нас. Од една страна, таа е голема туристичка дестинација, а од друга и народот јаде многу месо. Колку за илустрација, за Нова година бев таму и со свои очи видов како од Шпанија во еден ден се истоварија 16 шлепери со бут, каре и плешка без коска, месо што за четири дена се продаде само во еден синџир маркети.
Каква е конкуренцијата на македонскиот пазар? Кои ви се поголема конкуренција – домашните или увозните месни производи?
Има една поговорка што вели: Мала бара, полно крокодили. Факт е дека месната индустрија не беше развиен сектор во Македонија додека не се осамостоивме. Единствено постоеше „МИК Свети Николе". Во 1990 година ние увезовме и продадовме 3.000 тони сувомесни производи, за во 2011 година да ги стигнеме тие 3.000 тони со производството во нашата стара фабрика. Од денешните поголеми произведувачи на месни преработки во Македонија ние се појавивме последни, но сепак се изборивме за нашето место на пазарот. Денес реална конкуренција на пазарот ни се само големите домашни фирми, кои не се во мал број, како и „Перутнина Птуј" од Словенија. Останатите странски компании имаат незначителен удел на пазарот на сувомесни производи.
Каква ви е соработката со трговците низ Македонија – почнувајќи од најголемите па до најмалите? Колкав процент зазема ТТ-каналот во вашата продажба?
Во нашето портфолио има меѓу 3.500 и 4.000 купувачи. Со главните купувачи имаме мошне успешна соработка, а најмногу можеме да се пофалиме од соработката со „Тинекс". Соработката со сите трговци се темели на долгогодишните партнерски односи, нашиот цврсто изграден став кон купувачите и нашиот коректен однос. Односот ни е одличен и со помалите купувачи, со кои се обидуваме секогаш да имаме разбирање. ТТ-каналот, во кој влегуваат само малите продавници, од нашата вкупна продажба влече околу 10-15 отсто.
Во која насока размислува „Пекабеско" кога станува збор за маркетингот?
Нашата стратегија за маркетинг се разликува од школската стратегија. Пред 3-4 години имавме кампања во која вложивме речиси 400.000 евра за рекламирање на телевизии, билборди, весници, но од неа не забележавме некаков поголем ефект. Затоа, сега решивме да му дадеме примат на трејд-маркетингот и најмногу да вложуваме кај нашите први купувачи – трговците и тоа преку ценовни корекции, акции, откупување на палетни места, награди за надминат продажен таргет.
Летово особено актуелна е ситуацијата со бактеријата листерија во земјава. Што значи таа за „Пекабеско" и за целата месна индустрија во Македонија?
Тука веднаш би сакал да се повикам на презумпцијата на невиност. Откога стартуваше оваа појава, ние од месната индустрија бевме обвинети без никаков доказ и тоа е нешто што навистина пречи. Не велам дека вината не е во месната индустрија, но таа треба прво да се докаже, па потоа нека се удри на барабан, нека се каже на сите. Од друга страна, инкубацијата на бактеријата трае 70 дена, а има многу други начини таа да се внесе во организмот освен преку месо. На пример, последната жртва на бактеријата кажа дека никогаш не јадел сувомесни производи. Од Агенцијата за храна од кај нас зедоа 20 производи за испитување, но уште ги немаме добиено резултатите. Јас само би додал дека нема ништо повредно од човечки живот, но надлежните институции треба соодветно да реагираат само врз основа на докази.
Имате ли лабораторија за сопствени анализи на производите?
По ситуацијата со листеријата, подготвени сме да опремиме наша лабораторија. Можеби нема да бидеме акредитирани за анализи за надвор од земјата, но кога сами ќе бидеме сигурни дека нема листерија во нашите производи и нема да зависиме од државните лаборатории, ќе ни биде многу полесно.
Да позборуваме малку за другиот сегмент од вашето работење – дистрибуцијата. Кои се најсилните брендови во дистрибутивната програма на „Пекабеско"?
Најсилните брендови во нашето дистрибутивно портфолио моментално се ТДР и „Дијамант" од Зрењанин. Потоа доаѓаат Hopla, па конзервираната риба Timko, рибата пакувана во кеси и смрзнатиот зеленчук. Порано многу продававме тестенини и брашно од „Кикиндски млин", но заради новите прописи за маркици на брашното, односно за водење евиденција од денот на увоз до денот на продавање да не поминат повеќе од 30 дена, ситуацијата повеќе не е таква. Меѓу останатите наши производи спаѓаат и производите на „Звјезда", ајдамерот на германската фабрика „Молкереј", како и сирењата АБЦ на „Белје" кои ги презедовме од Нова година.
Вие сте дистрибутери и на производите на „Суташ". Каква ви е соработката со турската млекарница?
Соработката со „Суташ" произлезе по препорака од „Тутунска банка", којашто нè предложила за нивни дистрибутивен партнер. „Суташ" е многу голема фабрика во Турција, лидер на пазарот, со речиси милијарда евра промет, меѓутоа ова тука е Македонија и правилата на игра се поинакви. Во Македонија „Суташ" не го познаваше никој и рекламата на телевизија беше навистина добар потег, но нејзиниот ефект беше краткотраен – само за време на месецот додека се емитуваше и потоа интересот повторно опадна. Веќе подолго време не можеме да најдеме заеднички јазик околу стратегијата на продажба и маркетингот, така што на 15 јули ја прекинавме нашата соработка, а до 15 август останува да се раздолжиме. Млекарницата набави сопствени возила за дистрибуција и веќе почнаа сами да го работат тој дел.
Последниве два месеца споменавте дека сте забележале рекордни резултати. На што се должи тоа?
Оваа година имавме дополнителни инвестиции во вредност од околу 700.000 евра за машини за производство, што придонесе за надоместување на недостатокот на трајните производи, со што отворивме уште една дивизија за продажба на сувомесни производи. Во овие два месеца нашите производствени капацитети произведуваат по 35 тони месни производи на ден, односно околу 840 тони месечно. Од друга страна, овој период имаше промена на акцизите на цигарите и ТДР успеа да ги задржи цените на своите производи исти подолго време, така што продажбата беше навистина добра. Сите овие работи подеднакво придонесоа за добрите резултати во последните два месеца.
Дали можеме да очекуваме некој нов производ во скоро време?
Во моментов сме во процес на правење пршута. Зошто да ја прават само Италијанците, Далматинците, Словенците? Можеме да ја правиме и ние. Исто така, имаме планови и за искористување на стоката што ни се враќа од продажните места пред да ѝ помине рокот и да почнеме со производство на храна за домашни миленици.
Што ви е зацртано за реализација до крајот на годинава?
Како што се развиваат работите, верувам дека годинава добро ќе заврши. Досега успеавме да го надоместиме недостатокот на трајни производи, а сега воочуваме недостаток на производство на паштети и нарезоци, така што планираме инвестиција од околу 400.000 евра во тој сегмент.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.