Локално

Виктор Петков: Први извезовме домашен ајвар од Македонија

08 Nov 2013

Виктор Петков, сопственик и директор на „Випро" – Гевгелија

Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk
 
„Випро" денес произведува околу 4.000.000 единици производи годишно, а нашиот производствен капацитет го користиме флексибилно, во зависност од побарувачката. Имаме три линии, што одговараат на горенаведеното портфолио, а чијашто искористеност се движи од 50 до 100%. Исто така, моментално сме во фаза на имплементација на уште две производствени линии, што треба да почнат со работа до крајот на 2014 година.

„Випро" е една од водечките компании во конзервната индустрија во Македонија, што околу 70% од своето производство го пласира надвор од земјата под свој бренд. Компанијата на македонскиот пазар постои од 1992 година и на пазарот нуди широко портфолио од над 150 производи. За предизвиците и успесите на компанијата разговаравме со сопственикот Виктор Петков, како што самиот вели, „виновникот" за употребата на зборот „ајвер" на македонскиот ајвар.
 
Како дојдовте до идејата да отворите фабрика за конзервирање и преработки од зеленчук и овошје? Дали за тоа придонесоа вашето образованието и претходното искуство?
 
Компанијата „Випро" од Гевгелија е формирана во 1992 година и првобитно работеше со освежителни пијалаци – соковите Наја. Инаку, јас сум дипломиран економист и пред да почнам со работа со „Випро" имав искуства во повеќе слични компании, како што се тогашниот агрокомплекс „Винојуг Гевгелија", компанијата „Магро" од Скопје во делот на комерцијата и увоз-извоз. Тоа искуство значително придонесе за да се решам да отворам сопствена компанија.
 
Во едно интервју споменувате грчка инвестиција во вашиот бизнис. За каква инвестиција станува збор?
 
Тоа е точно. „Випро" е формиран како компанија со мешан удел – мој и на комерцијален партнер од Грција, кој поради некои тогашни проблеми со имотно-правни работи и со локалната администрација, се повлече и својот бизнис-пат го продолжи со инвестиција во Турција. Денес, „Випро" е друштво со ограничена одговорност на едно лице.
 
„Випро" е првиот производител на домашен ајвар. Како успеавте да пробиете на пазарот производ што дотогаш Македонците биле навикнати да го произведуваат само дома, но не и да го купуваат?
 
„Випро" го постави процесот на производство на домашен ајвар и го воведе овој производ во индустриски услови, не само во Македонија туку и во целиот регион, а веројатно и во светот. Моја идеја и желба уште во времето кога работев во „Винојуг" беше да се занимавам со производство на конзервирани производи и производи од типот „home made", како што е домашниот ајвар, што во тоа време ниту во Македонија, ниту во цела поранешна Југославија не се произведуваа. Во периодот од 1996 до 1998 година работевме на оваа идеја. Не беше воопшто лесно, затоа што опремата генерално е многу скапа, а дополнително, во тоа време не постоеше опрема за производство на домашен ајвар. Бевме принудени сами да го креираме тоа што сметавме дека е најцелисходно.
 
Така и направивме. Првичното печење на пиперките беше со низа на таванки што пневматски се поттурнуваа една со друга во некој вид на континуирана тунелска печка. Процесот беше бавен и тежок. А како „капак" на тоа, она што го произведовме не успеавме да го продадеме. Едноставно, луѓето не беа научени да купуваат домашен ајвар во продавница, а и не беа подготвени да платат за домашен ајвар речиси двојно повеќе отколку за обичниот индустриски ајвар што е подложен на многу поедноставен и полесен процес на изработка. Целото производство од првата година (1997/98) за жал ни остана непродадено. Луѓето нè фалеа, блиските купуваа, но целиот пазар го прифати нашиот производ дури наредната година.
 
Со истиот проблем се соочивме и на меѓународните пазари, со тоа што процесот таму не траеше една, туку десетина години, а на некои пазари и сè уште трае. Како главни проблеми цело време се јавуваат навиката и цената. Но, по поминати 15 години откако го воведовме домашниот ајвар, тој веќе се етаблира во Македонија и во голем дел од странските пазари. Добро сме поставени во земјите од ЕУ, Швајцарија, Канада, САД, Австралија, а во поново време и на Блискиот Исток, каде што има дијаспора од југоисточна Европа, односно од земјите од поранешна Југославија, Бугарија, Албанија, Грција, Косово, Романија... Можеме да се пофалиме дека „Випро" беше пионер во извозот на домашен ајвар во многу земји од светот (Канада, САД, Англија...) каде што на некој начин го подготви теренот и сега извезуваат повеќе производители од Македонија.
 
Повеќе прочитајте во електронското и печатеното издание на InStore број 12. 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...