Локално

Душко Стојков: Целта на секој бизнис е да создаде препознатлив бренд

27 Nov 2024

Од своите почетоци во 1994 година, па сѐ до денес, компанијата „Колид С Тим“ е една од водечките дистрибутивни компании за стока за широка потрошувачка. Сите овие години компанијата континуирано инвестираше во развојниот процес и во создавањето професионален кадар и прерасна во еден од најголемите производители на приватни трговски марки за регионалните и интернационалните малопродажни трговски синџири. Со господинот Душко Стојков, генерален директор на „Колид С Тим“, разговаравме за развојниот пат на компанијата, предизвиците со кои се соочуваат на пазарот и за инвестициите што ќе следуваат.

Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

„Колид С Тим“ триесет години е присутна на пазарот. Раскажете ни повеќе со какви предизвици се соочивте во овој период?

Почетоците на „Колид“ како дистрибутивна компанија датираат од далечната 1994 година. Тоа е периодот во кој големите општествени претпријатија полека ги губеа својата сила и моќ и постепено се отвораше простор за малите трговски фирми. Специфично за тоа време е што директорите или трговските претставници на фирмите од поранешната држава ги приватизираа тие фирми и со одреден капитал, знаење и искуство, на релативно лесен начин можеа да ги приватизираат или да основаат свои приватни фирми. Ние како „Колид“ не бевме во таква ситуација, јас и мојот партнер имавме предизвик како да најдеме средства за почеток на нашиот бизнис. Јас имав неколкугодишно искуство како одговорен за набавка на стоки за широка потрошувачка за неколкуте продавници што ги имаше тоа претпријатие и имав точни сознанија што недостига на пазарот. Но, предизвикот беше како да дојдеме до средства и единствен начин беше да бараме заеми од луѓето во Колешино, местото во кое што живееме. Бидејќи тоа беше време во кое луѓето ја имаа изгубено довербата во банкарскиот систем на земјата, во нас гледаа сигурност за чување на нивните скромни заштеди, што секако беше од голема корист за нас.

Нашиот прв планиран проект беше увоз на сладолед од Грција, но бидејќи немавме никаква инфраструктура – складиште, ниту возила, мораше да најдеме начин како да го реализираме тоа. За среќа, грчкиот партнер во тоа време ни понуди услуга со нивни камион да го дистрибуираме сладоледот во регионот на Југоисточна Македонија, па на крајот на денот, кога стоката беше продадена, возилото пак се враќаше во Грција. На ист принцип увезувавме и дистрибуиравме сувомесни производи од Австрија и од Франција. По царинење на стоката доаѓаа купувачите и за неколку часа производите беа распродавани директно од самото возило. Клучен момент за развојот на фирмата беше кога ги „намирисавме“ кроасаните како категорија која воопшто не беше застапена кај нас, а во која видовме голем потенцијал. Во тој период потпишавме договор со грчката компанија „Чипита“ и со брендот 7 days направивме импозантни резултати. Со текот на времето најдовме уште неколку квалитетни брендови и компанијата продолжи да се движи во многу добра насока. Во 2012 година, по повеќемесечно размислување и консултација со мојот партнер, одлучивме компанијата „Колид“ да ја поделиме на две компании и „Колид С Тим“ е една од двете компании што се правни наследници на „Колид“. Главен мотив за оваа одлука беше да го забрзаме процесот на донесување деловни одлуки, бидејќи сфативме дека е застарен изразот „Големите риби ги јадат малите“, туку е актуелен „Брзите риби ги јадат бавните“, така што секој од партнерите ќе може самостојно да одлучува за идните потези и инвестиции. Иако знаевме дека потегот е многу ризичен, бевме убедени дека е исправен и дека позитивно ќе влијае врз натамошното работење. Гледано од денешна перспектива, се докажа дека таа одлука е исправна и од една добра дистрибутивна компанија „Колид“ израснаа две одлични компании.

Се ближи крајот на годинава. Какви резултати оствари „Колид С Тим“ годинава и колку сте задоволни од оствареното?

И оваа година, како и претходните, „Колид С Тим“ бележи добри резултати. Последните неколку години растеме по петнаесетина проценти и за првите девет месеци од годината сме во истите рамки. Релативно сум задоволен од резултатите, но гледајќи го капацитетот на брендовите што ги застапуваме, сметам дека можеме повеќе од тоа и во наредните години можеме да очекуваме и подобри резултати.

      

Вашата компанија е една од водечките дистрибутивни компании во Македонија, кои регионални и глобални брендови ги застапувате?

Во нашето портфолио имаме навистина квалитетни брендови без кои е невозможно да функционира еден малопродажен објект. Од глобалните брендови тука се, пред сѐ, „Барила“, „АИА Вуди“, „Мути“, а исто така имаме и едни од најдобрите регионални брендови како што се „Краш“, месна индустрија „Пивац“, „Полимарк“, „АБЦ Белје“, „Беохемија“, „Жито Лукс“, нашиот бренд Sunday и многу други.

„Колид С“ оваа година во своето портфолио има околу 1.500 производи во рамките на четириесетина брендoви кои активно се работат на македонскиот пазар.

„Колид С Тим“ е лидер во производство на категоријата домашни и рачно правени колачиња и десерти познати под брендот Sunday. Како се роди идејата за овој бренд?

Производството на нашите домашни колачиња и десерти започна во 2002 година и до 2008 година се продаваа под брендот „Колид“. Со изградбата на новата фабрика истата година, сакавме да го раздвоиме брендот за колачиња од името на фирмата. За таа цел ангажиравме маркетинг-агенција од Атина. Нивниот предлог беше името да биде SUNDAY, а слоганот „Sunday и секој ден е празник“, што секако се совпаѓаше со перцепцијата која сакавме да ја постигнеме кај потрошувачите - дека нашите колачи и десерти треба да се консумираат во секакви пригоди. Малку подоцна на некои пазари го лансиравме брендот Domenica, кој во суштина го има исто значење како брендот Sunday.

Колку производи имате во портфолиото и кои од нив се предводници во продажбата?

„Колид С“ оваа година во своето портфолио има околу 1.500 производи во рамките на четириесетина брендoви кои активно се работат на македонскиот пазар. Предводници на продажбата се во делот на прехрана, како добро познатите Bajadera и Životinjsko carstvo, кечапот Polimark, Barilla, далматински деликатеси на „Пивац“, не постои маркет без ABC крем-сир, италијанските виршли Wody, Aleva crvena paprika, која ја има во секое домаќинство, како и во делот на хемија - лидерот омекнувач Duel, Kosili програмата за деца и возрасни итн.

Сметам дека ограничувањето на маржите на прехранбените производи како непазарна мерка нема да ги даде очекуваните резултати.

Што, според Вас, е клучно за создавање успешен бренд?

Целта на секој бизнис е да создаде препознатлив бренд. Долг и тежок е патот, но секако првиот чекор е да се креира производ кој ќе ги задоволи потребите, вкусовите и желбите на определена целна група. Потоа, клучна е дистрибуцијата на производите, видливоста на продажните места, како и маркетинг-активностите кои треба да креираат приказна со која ќе ги освојат крајните потрошувачи.

Актуелно е ограничувањето на маржите на прехранбените производи и стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики. Дали сметате дека тоа ќе придонесе за создавање фер услови на пазарот и развој на трговските компании?

Сметам дека ограничувањето на маржите на прехранбените производи како непазарна мерка нема да ги даде очекуваните резултати. Пазарот е најголемиот регулатор на цените и сѐ надвор од тоа создава конфузија, збунетост кај потрошувачите, многу административна работа и проблеми за производителите, дистрибутерите и продавачите на мало. Што се однесува до Законот за нефер трговски практики, сметам дека е корисен и ќе создаде фер услови за стопанисување. Мое мислење е дека во законот недостига една одредба со која би се ограничило рушењето на малопродажните цени, поточно трговецот (малопродавач) да не смее да продава под нето-набавната цена. Со тоа домашните малопродажни субјекти би се заштитиле од нелојалната конкуренција на големите светски синџири кои се спремни да работат со загуба во почетните години од влегувањето на македонскиот пазар.

       

Колку и како ги применувате технолошките иновации во вашата работа?

Можеби е нескромно, но во последно време слушаме од соработниците кои се ангажирани во делот на ИТ-инфраструктурата и софтверската поддршка дека нашата компанија котира на високо ниво на дигитализација во работењето и процесите во однос на нивото на развој на компаниите во Македонија. Тоа, секако, е процес за кој сме свесни дека не смее да запре или стагнира, и ние како менаџмент на компанијата сме цврсто убедени дека технолошките иновации се исклучително битен сегмент во развојот на еден систем. Во време кога вештачката интелигенција е следната голема алатка во работењето, оние што сѐ уште мислат дека можат да опстојат и воедно да се натпреваруваат со конкуренција, без притоа да се на високо технолошко ниво, најверојатно ќе се соочат со стагнација во развојот и работењето.

Со какви предизвици се соочува дистрибуцијата во Македонија и што недостига за подобрување на условите за работа на компаниите?

Како и во другите дејности, главен предизвик е недостигот на квалитетна работна сила. За жал, тој недостиг се чувствува во сите сегменти на работењето, почнувајќи од недоволно квалитетен менаџерски потенцијал, завршувајќи со возачи (дистрибутери) кои сѐ потешко се наоѓаат на пазарот на трудот.

Какви мерки преземате како компанија за одржливо и општествено одговорно работење?

Една од нашите најголеми инвестиции во однос на одржливо работење и зелена енергија беа двете фотоволтаични централи кои компанијата ги постави во логистичкиот центар во Скопје и во производствениот погон во Колешино. Во насока на одржливо работење, веќе 3 години нашите производствени погони се комплетно гасифицирани, со што успеавме влијанието врз животната средина во подножјето на планината Беласица да биде сведено на минимум. Рециклирањето на отпадот кој се генерира од работењето, како во логистичките центри така и во фабриката, е веќе стандардна постапка кон која се придржуваме во соработка со лиценцирани соработници во делот на собирање и преработка на отпад.

„Колид С Тим“ како општествено одговорна компанија поддржува неколку спортски клубови, многубројни музички манифестации, хуманитарни организации и културни настани за кои мислиме дека се од исклучителна важност за развој на здрава младина и напредно општество. Овие активности го обезбедија и сертификатот “EcoVadis”, кој е глобално призната платформа за одржливоста на бизнисите врз основа на четири клучни категории: влијание врз животната средина, работна сила и стандарди за човекови права, етика и практики за набавки.

Кои инвестиции/иновации може да се очекуваат во следниот период во „Колид С Тим“ и дали може да очекуваме лансирање на нов бренд или производ?

„Колид С Тим“ започна голем инвестициски проект минатата година, кој би требало да биде завршен до средината на 2025 година. Се работи за инвестиција во проширување на производството со нова опрема и објект во вкупна вредност од 5.500.000 евра. Со зголемување на капацитетот на досегашните производи и лансирање на неколку нови, главно за извоз, се надеваме дека уште повеќе ќе ја зацврстиме нашата пазарна позиција, пред сѐ, на пазарот во западноевропските земји.

Од аспект на нови брендови за дистрибуција, во моментов сме во напредна фаза на преговори со еден голем регионален бренд и се надевам дека преговорите успешно ќе бидат завршени до крајот на оваа година.

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...