Наташа Денковска-Бојковски, генерален менаџер на „Бучен Козјак“
Во мајскиот број на InStore зборувавме со генералната директорка на „Бучен Козјак“, Наташа Денковска-Бојковски, дипломиран економист, чии мастер-студии по стратегиски менаџмент се во тек. Во „Бучен Козјак“ работи 12 години, во секторот финансии и сметководство, а на позицијата генерален менаџер е од почетокот на 2020 година, кога почна ковид-кризата. Но, според Денковска-Бојковски: Клучот за успех во неизвесно бизнис-опкружување е во можноста за брза преадаптација и флексибилност на новонастаната состојба!
Успехот во текот на 40-годишното работење на „Бучен Козјак“ е во мисијата да се произведуваат традиционални млечни производи со висок квалитет чиј вкус поврзува генерации потрошувачи. Како што истакна таа, компанијата, и во годината кога го слави јубилејот – 40 години, ќе ја продолжи оваа мисија, бидејќи заедно со иновативното работење се покажа како успешна.
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
„Бучен Козјак“ одбележува 40 години работење. Која е Вашата дефиниција за успешно работење во текот на 40 години, колку што сте на пазарот? Дали е тешко да ја пронајдете вистинската рамнотежа меѓу традицијата и иновативноста за да привлечете нови генерации потрошувачи?
Уште од создавањето на млекарницата, основачите имаат јасно поставена мисија за компанијата, која е водич низ долгогодишното работење веќе четири децении - да се произведуваат традиционални млечни производи со висок квалитет чиј вкус поврзува генерации потрошувачи. Дополнително, нашата најголема вредност се вработените и богатото долгогодишно искуство во создавањето и развојот на брендот.
Поврзувањето на традиционалниот начин на производство и задоволувањето на барањата на потрошувачите токму за такви млечни производи нè издвојуваат и нè прават препознатливи на пазарот.
Во асортиманот на производи водечка улога во производство и продажбата има јогуртот, кој навистина е синоним за „Бучен Козјак“ и генерално прва перцепција од потрошувачите за компанијата. Како дел од таа програма е и Пробиотски јогурт, кој беше одговор токму на потребите од потрошувачите и во последниве години бележи континуиран и стабилен пораст во продажбата. Киселите млека, кравјо и овчо, кои се типични традиционални производи препознатливи за потрошувачите со кајмакот на површината на производот, се извојуваат на пазарот. Не заостанува и тврдата програма, која зазема сè поголем удел на пазарот.
„Бучен Козјак“ има дневен преработувачки капацитет од околу 50.000 литри млеко (откуп и преработка), а планираме проширување и зголемување на преработувачките капацитети, согласно барањата на пазарот.
Откако сте на позицијата генерален менаџер на „Бучен Козјак“, во кој сегмент од менаџирањето на компанијата имате најмногу предизвици?
Во „Бучен Козјак“ работам полни 12 години, почнувајќи во секторот финансии и сметководство и паралелно со порастот и развојот на компанијата, растев и јас. На позицијата генерален менаџер сум од почетокот на 2020 година, а почнав на почетокот на ковид-кризата. Во еден таков турбулентен период воопшто не беше лесно справувањето со сите предизвици со кои се соочувавме, меѓутоа, со посветено работење, истрајност, доверба и поддршка од тимот со кој работам, успехот е неминовен. Секојдневното соочување со нови предизвици и справување со нив додадоа нова вредност во работењето и покажаа дека и невозможното станува возможно.
Колкави се дневните капацитети за преработка на млеко и производство на млечни и кисело-млечни производи?
Млекарницата има дневен преработувачки капацитет од околу 50.000 литри млеко (откуп и преработка), за што планираме проширување и зголемување на преработувачките капацитети, согласно барањата и можностите што ги нуди пазарот.
Реализиравме инвестиција во фотоволтаична централа, а во завршна фаза е и инсталација на гасна станица, за замена на нафтата како енергент. И двете инвестиции се со значаен придонес за енергетска ефикасност, но и придонес за заштита на животната средина.
Примарното млекопроизводство одамна се соочува со тешкотии кои влијаат врз квалитетот на суровото млеко. Кои се Вашите предлози, како може да се подобри моменталната состојба?
Суровината се набавува од домашни млекопроизводители, со кои имаме воспоставена партнерска и долгорочна соработка. Досега имаме иницирано и реализирано повеќе различни заеднички проекти со фармерите, во насока на унапредување и развој на примарното производство. Од едукација со наши доктори ветеринари, обезбедување опрема за олеснето и поквалитетно работење, финансирање со бескаматни заеми за зголемување на количеството на откуп на суровина како потреба од наша страна, а порентабилно и квалитетно работење на страна на кооперантите. И во иднина се планирани проекти за остварување на поставените стратегии на компанијата за развој, унапредување и обезбедување квалитетна суровина како основа за производство на висококвалитетни млечни производи. Од друга страна, пак, специјализацијата на фармите, поголема автоматизација, ефикасно и продуктивно работење се модул за опстанок, пораст и развој на млекопроизводството.
ИПАРД-програмите, повиците за увоз на јуници, програмите за кофинансирање на опрема за фармерство треба да бидат подостапни за кооперантите бидејќи според досегашните сознанија, има голем дел средства што не се искористени поради недоволната подготвеност или отежнати услови и критериуми за исполнување. Во таа насока секогаш нудиме поддршка како млекарница, со обезбедување консултантска помош, поврзување и преговарање со комерцијалните банки, давање заеми и кофинансирање на кооперантите.
Како млекарница, вашите производи се познати по традиционалниот квалитет кој континуирано го одржувате. Но, што е со иновациите, во кој дел од работењето ги имате воведено и колку тие ви се важни за работењето?
Комбинацијата од традиционални рецепти на производство во индустриски капацитети е резултат на добра организација, инвестиции и голема посветеност во одржување на стандардите за квалитет. Секоја година реализираме инвестиции во опрема, машини, иновации во процесите за реализација на поставените цели кои се неопходни за одржувањето на порастот и развојот на брендот.
Во последните години, особено за време на пандемијата, дојде до промени во навиките во исхраната на потрошувачите, тие сè повеќе се грижат за своето здравје и хранливата вредност на производите што ги консумираат. Дали ги следите овие трендови и како одговарате на променетите потреби на потрошувачите?
Следењето на навиките и потребите на потрошувачите отсекогаш го дефинира развојниот тек на асортиманот на производите, а квалитетот секако е главниот фокус на внимание. Обезбедување висококвалитетна суровина од домашни фарми, природни состојки без додатоци, традиционални рецепти, надополнети со современи технолошки постапки, се основа на производите на „Бучен Козјак“. Нутритивните вредности на нашите производи одговараат на големиот спектар корисници на млечни производи кои ги препознаваат автентичните вкусови. Најнов производ во асортиманот е Трајно млеко со 3,2 % масленост, кое веќе ги достигнува проектираните количини на продажба и чиј квалитет се препознава од потрошувачите.
Тоа што одреден период е актуелно се високите цени на млекото и млечните производи на кои реагираат и потрошувачите. На што се должи тоа? Како би ја опишале моменталната ситуација на македонскиот пазар на млеко?
Како главен инпут во производството - млекото има најголемо влијание во покачувањето на цените на готовите производи кои ги преработуваме, покрај сите други зголемени трошоци во процесот. Засега цената на енергијата е донекаде стабилизирана, но цената на суровините и на репроматеријалите продолжува да расте.
Со истата ситуација се соочуваат и млекопроизводителите, а нивното работење стана нерентабилно во однос на набавка на храна, која како резултат на војната во Украина многу е поскапена и со поскапувањето на енергијата, придонесе за покачување на откупната цена на суровото млеко. Минатата година во одреден период се јави недостиг на млечни производи, намалени количества на откуп, увозните производи речиси и не беа присутни на македонскиот пазар, што резултира со зголемена побарувачка од домашните производители. Со ефикасна организација и оптимизација ги исполнивме барањата на пазарот за задоволување на потребните количества во продажбата. Од почетокот на годината состојбата е стабилизирана во однос на расположливи количества и во земјата и во регионот, за што будно ги следиме новонастанатите околности.
Владата ги замрзна цените на млекото и на млечните производи до 31 мај. Што, од друга страна, покажуваат Вашите пресметки? Како замрзнатите цени ќе се одразат врз работата на млекарниците?
Владините одлуки за замрзнување на цените и барањата за намалувања на одредена група млечни производи се исполнети и испочитувани во целост. Високите производствени трошоци секако не дозволуваат остварување на големи маржи во продажбата, а за поголемо разбирање на проблематиката ќе дадам објаснување поконкретно за генерираните залихи на тврдата програма - сирења. Најголемите количини се произведени од мај до септември минатата година, кога цените на струјата го достигнаа максимумот, а за целиот период до продажбата производот бара температурен режим и трошоци за одржување кои дополнително ја оптоваруваат цената на чинење на производите. На долг рок може да дојде до сериозно нарушување на ликвидноста на млекарниците и неможност од амортизирање на загубите на одредени производи на сметка на профит од други. За нас, потрошувачите се најважни и секако дека и понатаму ќе правиме напори за ублажување на инфлаторните ефекти со оглед на нивната намалена куповна моќ. Реализирање акциски продажби по намалени цени, давање одредена количина гратис производи се практики со кои ја изразуваме благодарноста кон верните потрошувачи веќе 40 успешни години.
Како компанијата се справува во поглед на инфлацијата, високите трошоци за транспорт, електричната енергија и сл.? Какви се очекувањата до крајот на годинава?
Последниве две години беа исклучително тешки за сите економски оператори во Македонија и во светот, ковид и постковид-кризата, сега и енергетска криза имаат огромно влијание врз ценовните шокови и стапката на инфлација која од месец на месец сè повеќе се зголемува. Она на што немаме влијание, односно надворешните фактори и опкружување ги балансираме со приспособување на внатрешните политики и стратегии на компанијата за амортизација на влезните параметри и зголемени трошоци на суровини и репроматеријали, со цените на готовите производи. Први чекори што се преземени се планови за оптимизација на производствените процеси, инвестирање во опрема за генерирање заштеди, проекти за ублажување и намалување на потрошувачката на енергија. Реализиравме инвестиција во фотоволтаична централа сo капацитет од 263,45 kWp, со вкупно 585 модули, на производствениот погон кој задоволува еден дел од потребите на електрична енергија, но сепак останува голем процент од потрошувачка на струја која ја набавуваме од слободниот пазар на енергија. Во завршна фаза е и инсталација на гасна станица, за замена на нафтата како енергент. И двете инвестиции се со значаен очекуван придонес за енергетска ефикасност, но и придонес за заштита на животната средина и развивање т.н. зелена економија.
Неизвесноста продолжува и во 2023 година, со тоа што сме подготвени акумулираните добивки од претходните години да ги реинвестираме во процеси и активности за долгорочна одржливост и развој.
Клучот за успех во неизвесно бизнис-опкружување е во можноста за брза преадаптација и флексибилност на новонастаната состојба!
Кои се новитетите што може да ги очекуваме годинава?
Годинава ја означуваме во контекст на обележување на 40-годишниот јубилеј, за што имаме предвидено повеќе активности и настани. Пуштање во продажба на производи со ознака на амбалажата 40 години традиција, како потсетување за поврзаност на генерации потрошувачи кои се пораснати со производите на „Бучен Козјак“. Настан со најмладата група на ценети потрошувачи - децата, со културно-забавна програма во јуни, јубилејна прослава со сите вработени и блиски соработници, заслужни за тоа што „Бучен Козјак“ е денес.
Кон крајот на годината, како резултат на инвестиции во иновации, планираме дополнување на асортиманот со нови производи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.