Локално

Искра Ветаџокоска-Муцунска: Го трасираме патот на конзистентноста и иновативноста

03 мај 2023

Искра Ветаџокоска-Муцунска, генерален менаџер и косопственик на „Виталиа“

Како магистер по технички науки, со 10 години искуство како асистент при Машинскиот факултет во Скопје, Искра Ветаџокоска-Муцунска се впушта во приказната наречена „Виталиа“, која 30 години се обликува и надградува. Ветаџокоска-Муцунска своето искуство, знаење и стил на живеење ги пресликува во работењето создавајќи бренд кој денес е синоним за здравата исхрана.

Во интервјуто за InStore таа ни ги открива досегашните достигнувања на компанијата, ни откри како „Виталиа“ го контролира квалитетот на суровините, како се справува со повисоките цени на производите, но и кои се трендовите што ќе ги реализира во иднина. 

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

„Виталиа“ годинава одбележува 30 години работење. Почетоците на компанијата сигурно го одбележаа периодот на едукација на пазарот, со оглед на тоа што здравата храна не беше толку популарна. Каква е ситуацијата сега?

Многу поразлична од тогаш – како за нас така и за македонскиот пазар. Ако пред 30 години поимот „здрава храна“ беше поврзуван само со салати и зеленчуци, сега потрошувачите имаат подлабоко разбирање за тоа дека здравата храна доаѓа во секакви форми и можеме да ја најдеме секаде околу нас. Сè повеќе луѓе ги следат глобалните здравствени трендови, внимаваат на исхраната, но најважно – сѐ повеќе сакаат да јадат здрава храна! Да не заборавиме дека здравјето влегува преку устата, а храната која е правилно избрана може да е лек. Токму затоа „Виталиа“ веќе 30 години активно вложува во промена на прехранбените навики на потрошувачите, првично на домашниот пазар, а потоа и пошироко, преку осознавање на принципите за здравата исхрана. Тој процес е секако надополнет со определбата да креираме квалитетни здрави производи кои ги задоволат нутритивните потреби, но кои истовремено ги задржуваат природниот вкус, мирис и текстура.

Според Вас, кои се најголемите достигнувања на компанијата во изминативе 30 години, а што сметате дека можеше да се направи подобро? На што ќе се фокусирате во наредниот период?

Фактот дека „Виталиа“ денес е глобален бренд, лидер во сегментот на здрава и функционална храна во регионот се должи на конзистентноста во работата, иновативноста и одржувањето на високото ниво на квалитет на нашите производи.

„Виталиа“ веќе 30 години активно вложува во промена на прехранбените навики на потрошувачите, првично на домашниот пазар, а потоа и пошироко.

Ако треба да зборувам за конкретни достигнувања, тогаш би сакала да ги издвојам многубројните иновации во поглед на здравата храна низ годините чиј квалитет беше препознаен како од потрошувачите така и од организациите за промовирање здрава храна. Признанија од саемите ISM Келн, PLMA Амстердам, медали за квалитет, награди за иновативност и слично се само мал дел. Поддржавме и низа општествено-одговорни проекти од корист на заедницата, ја почнавме и нашата „зелена иницијатива“ и го проширивме бројот на пазари на кои сме присутни... Сепак, најголемо достигнување за нас е довербата на потрошувачите, чиј број се зголемува од година на година. Потврда за тоа е фактот што во 2022 бевме на високото 4. место меѓу најуспешните компании во прехранбениот сектор, како и бренд-лидер во категоријата здрава храна.

Во јубилејната 2023 година „Виталиа“ ќе биде hub за иновации во здравата храна, каде што ќе се спојат најновите идеи од аспект на технологија, рецептури и состојки. Во тој процес значајна улога ќе има нашата лабораторија „Виталиа лаб“, која ја отворивме 2022 година. Лабораторијата е опремена со најсовремената апаратура за вршење физичко-хемиски анализи, а веќе следната година ќе биде акредитирана според стандардот ISO 17025 за лаборатории. На овој начин „Виталиа лаб“ ќе ѝ помогне не само на нашата компанија, туку и на сите други компании во земјата за добивање прецизни, точни и ценовно конкурентни лабораториски анализи, како вистинска додадена вредност во сервисот на лабораториски услуги.

Со какви капацитети располага производствениот погон на „Виталиа“ и колкаво е дневното производство? Каде гледате можност за понатамошен пораст и напредок на производството?

Преку континуирани инвестиции во врвна технологија за производство, денес располагаме со 7 погони и 13 производствени линии со вкупен капацитет од над 13.500 тони годишно. Така, во 2020 година инвестиравме во изградба на нов еколошки производствен објект од над 700 м². Од септември 2022 година, на ниво на целата компанија, поставен е фотоволтаичен систем за генерирање електрична енергија од 410 kw, кој со моменталната поставеност обезбедува максимална ефикасност за исполнување на потребите за електрична енергија која се користи за производствените процеси, како и во другите објекти во компанијата.

Во наредните години во план е и изградба на нов магацински простор и воведување две нови производствени линии за новитетите што ги планираме.

Колку луѓе се вработени во „Виталиа“? Колку е тешко денес да се најдат работници, особено во професиите каде што има дефицит? Што правите за да ги задржите да работат во компанијата?

Денес, успешниот тим на „Виталиа“ брои 201 вработен, кои се целосно посветени на производството на здрави производи со врвен квалитет и енергично работат, ги создаваат и ги живеат вредностите на брендот. Тимската синергија и духот на заедништво на сите вработени во компанијата придонесоа да ги надминеме сите пречки.

Големо внимание посветуваме на нивната континуирана едукација и надградба за да бидат задоволни од себе и од својата работа. Денес во „Виталиа“ ќе сретнете вработени кои се со нас од почетокот, кои напредувале и дошле до одговорни позиции и кои компанијата ја чувствуваат како своја, на што сум особено горда.

„Виталиа“ е вистински пример на компанија во која индивидуата се цени според квалитетот и способноста, независно од полот, возраста или националноста.

Во јубилејната 2023 година „Виталиа“ ќе биде hub за иновации во здравата храна, каде што ќе се спојат најновите идеи од аспект на технологија, рецептури и состојки.

На кој начин успевате да го контролирате квалитетот на суровините и нивната континуирана достапност?

Одржувањето на високото ниво на квалитет на нашите производи е контролирано од најстрогите глобални стандарди BRC/IFS. „Виталиа“ е единствената компанија за производство на здрава храна во регионот која втора година по ред ја добива највисоката оцена А+ на престижниот сертификат BRC, што е признание за беспрекорната работа и посветеност на целиот тим.

BRC е еден од двата „клучни“ стандарди што се одобрени од Глобалната иницијатива за безбедност на храната (GFSI), покрај стандардот IFS (International Food Standard), кој практично се смета за негов еквивалент. Двата стандарди ги гарантираат безбедноста и квалитетот на производот во прехранбената индустрија. Со добивањето на сертификатот BRC и IFS, производителот дава до знаење дека поседува високо ниво на компетентност за следење и постојано подобрување на квалитетот и безбедноста на производот и дека ги презел сите можни мерки на претпазливост.

Како се справувате со цените на суровините, а со тоа и со цените на готовите производи со оглед на инфлацијата, високите трошоци за транспорт и сл.?

 Инфлацијата и другите економски фактори директно влијаат врз цените на нашите готови производи, но со длабоки анализи и алатки за оптимизирање на процесите во компанијата, континуирано развиваме стратегии за ефикасно управување со овие предизвици.

Најпрвин, мора да се истакне важноста на одржување блиски односи со нашите доставувачи и соработката со нив за да го ублажиме секое зголемување на трошоците. Ние веруваме во градење долгорочни односи со нив, а тоа ни овозможува да преговараме за подобри цени и да обезбедиме сигурни синџири на снабдување за суровините што ни се потребни.

Покрај тоа, постојано ги прегледуваме нашите производствени процеси и логистиката на синџирот на снабдување за да ги идентификуваме сите можности за заштеда на трошоци или ефикасност. Ова вклучува истражување на алтернативни доставувачи, оптимизирање на транспортните патишта и инвестирање во нови технологии кои можат да ги намалат трошоците за производство.

Кога станува збор за цените на нашите готови производи, ние секогаш се стремиме да бидеме фер и конкурентни на пазарот, истовремено обезбедувајќи константен квалитет на нашите производи. 

Секако, свесни сме дека секогаш ќе има предизвици на пазарот, но остануваме посветени на изнаоѓање креативни и ефективни решенија за справување со нив.

Кои се последните трендови во здравата храна што „Виталиа“ веќе ги има воведено во работењето, но и во портфолиото? Кои брендови се предводници во продажбата и на што се темели нивната сила?

Следењето на трендовите за здрава храна, на најновите нутриционистички согледувања и научни анализи, како и на очекувањата на потрошувачите и нивните современи потреби, ќе биде наша појдовна точка и во годините што следуваат.

За истакнување е линијата Probiotic, која ја лансиравме во 2022 година и која беше наградена за иновативност на саемите ISM во Келн и PLMA во Амстердам! Особено сме горди и на нашата најнова иновација во категоријата Веган - лансирањето на Veggie Joy смеси кои претставуваат идеална замена за месо.

Успешните брендови стануваат лидери во продажбата нудејќи додадена вредност на производите, со градење силни професионални врски со клиентите и креирајќи позитивни искуства на потрошувачите. Најпрофитабилните брендови се оние што ефикасно управуваат со нивните ценовни стратегии, што нудат иновација во развојот на новите производи, соодветен маркетинг и едукација на финалниот потрошувач. За да се постигне ова, брендовите мора да инвестираат во разбирањето на потребите и преференциите на нивните клиенти, да го оптимизираат нивниот синџир на снабдување и операции и постојано да иновираат за да останат пред конкуренцијата.

Колкав дел од производството е наменет за извоз? На кои пазари се присутни вашите производи?

Ние произведуваме 92% од производите што ги продаваме и практично сме најголемиот производител на здрава храна во Источна Европа. Само во 2022 година 75% од производството беа наменети за извоз. Во години на криза, учеството на нашиот извоз е зголемено од 67% на 75%, фирмата е девизно активна и е додадена вредност во економијата. „Виталиа“ во моментов е присутна во 57 пазари низ светот, со над 600 артикли. Извезуваме во дел од земјите на ЕУ, САД, Австралија, Јапонија, Саудиска Арабија, Дубаи и сл.

Годинава ќе се фокусираме и на emerging markets, Африка како огромен потенцијал, каде што веќе сме присутни во 8 држави, од кои Буркина Фасо, Руанда, Нигерија, Гана, Конго..., а следната година планираме дополнително проширување. Нашата цел е да го развиеме брендот на овој континент, да ја креираме и зголемиме свесноста за здравата исхрана и нејзината важност, да помогнеме во градењето култура на здраво живеење. Затоа што ние знаеме како, 30 години know-how во пишување на нашата успешна приказна во Македонија и регионот.

Како „Виталиа“ успеа да се справи со турбулентниот период одбележан со пандемија, војни, инфлација... Дали сте задоволни со финансиските резултати?

Секој бизнис го почувствува тешкиот период, тоа е факт. Но, ние го задржавме оптимистичниот дух  и тоа ни донесе планиран и очекуван тек на настаните и мирна работа. И покрај проблемите со глобалните синџири на снабдување откако некои земји го ограничија извозот на суровини и ги зголемија стратешките залихи, сепак „Виталиа“ успеа дури и да забележи зголемување на продажбата во текот на 2020/21 година. И во 2022 година компанијата забележа позитивен тренд во работењето и покрај турбулентниот период. Резултатот најмногу се должи на посветеноста на нашите вработени и доследноста до нашиот изменет план на работа. Но, иако се соочивме со овие специфични и отежнати околности, покажавме отпорност, мотивација и брза реадаптација за да ги постигнеме нашите цели.

Мора да се истакне важноста на одржување блиски односи со нашите доставувачи и соработката со нив за да го ублажиме секое зголемување на трошоците. Ние веруваме во градење долгорочни односи.

Се сменија ли трендовите кај потрошувачите по пандемијата? Што ново може да се очекува периодов од „Виталиа“?

Радикалните промени во животниот стил ги мотивираа потрошувачите да прават внимателни и промислени одлуки при изборот и начинот на купување храна. Фокусот е даден на подобрување на функционалноста на имунолошкиот систем и регулација на тежината и намалување на ризикот од дебелеење во време на намалена физичка активност и при зголемен внес на comfort food.

Во наредните години, потрошувачите ќе бараат повеќе производи и услуги што нудат придобивки за менталното и емоционалното здравје. Функционалните формулации и иновативната храна и пијалаци ќе им помогнат во тоа.

Поттикнати од неопходноста, потрошувачите стекнуваат поголема доверба и навика во онлајн-шопингот, и тоа за многу побрз период од тоа што се предвидуваше на овие простори. Нашите очекувања се дека овој тренд продолжува да расте, што остава простор за креирање иновативни алатки и услуги со кои ќе ги доближиме здравите продукти на „Виталиа“ поблиску до модерниот потрошувач.

Во 2023 година на нашите потрошувачи ќе им понудиме нови Веган алтернативи на месо, како дополнување на нашата линија. Ќе ја збогатиме понудата на протеински производи кои го следат трендот за спорт и рекреација, солени ужини збогатени со протеини, како и напитоци.

Потрошувачите можат да очекуваат и иновација во суровините и вкусовите. Ќе ја тестираме нивната подготвеност за прифаќање на инсектите како извор на здрави нутритиенти во храната, како и влијанието на азиската кујна.

За нашите најмлади, „Виталиа“ ќе понуди детска линија креирана според најновите препораки од нутриционисти и педијатри, со нови функционалности, без компромис на вкусот и со атрактивен дизајн.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...