Марија Стојчевска, комерцијален директор на „Јус МБ“
Компанијата „Јус МБ“ почна со работа во 1992 година и за 30 години од мала семејна фирма прерасна во современа компанија со сопствен дистрибутивен центар од најсовремен ранг. Нашата соговорничка Марија Стојчевска е вработена во „Јус МБ“ од 2014 година, а веќе во 2017 година доаѓа на позицијата комерцијален директор. Таа е родена во 1983 година во Скопје и има завршено студии по менаџмент на човечки ресурси. Професионалното искуство го градела во неколку компании од FMCG-секторот, како „Унилевер“, „Битолска млекара“ и „Тедико Супер“. Сметам дека најголемата сила во секоја компанија е тимот, а без добар тим нема ни напредок, вели таа. Во интервјуто се задржавме на повеќе професионални теми поврзани со работата на „Јус МБ“, инвестициите, актуелните случувања и предизвици...
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Почетоците на компанијата „Јус МБ“ датираат од 1992 година. Иако 2022 на глобално ниво ќе остане запаметена како една од најпредизвикувачките години, кои се моментите што ја обележаа јубилејната 30. година за вашата компанија?
Има многу моменти што се вредни за паметење, а како едни од позначајните би ги издвоила инвестицијата во новиот дистрибутивен центар, како и инвестицијата во фотопанели, што претставуваат голем предизвик за нас. Покрај инвестициите, годинава и неколкуте други години претходно ќе ги запаметиме по учењето и приспособувањето на нов начин на продажба и дистрибуција, кои ни ги наметна кризата со пандемијата, но и економската криза со која сите се соочуваме во моментов и која најверојатно ќе потрае.
Изминатата година активно се вклучивме во развој на приватните марки и можам да кажам дека работите се одвиваат со доста голем интензитет и според планираното.
Три децении за една компанија се долг период на работење. Колку е тешко да се задржат квалитетот и репутацијата на една компанија во земјава?
Тешко е, но не и невозможно доколку имате добар тим околу вас кој ги спроведува и се држи до јасно зададените принципи на работа. Секојдневно се соочуваме со нови предизвици, но имаме брзи и ефикасни решенија за секоја новонастаната ситуација. Користиме современи техники за унапредување на продажниот процес, имаме јасно поставена цел и не дозволуваме да го изгубиме нашиот правец. Важиме за една од најкоректните дистрибутерски компании и се стремиме кон надградување и професионализам.
Од кога сте на позицијата комерцијален директор во компанијата? Кои се најважните работи што го обележаа тој период и кои се најголемите промени што се случија?
Во „Јус МБ“ сум вработена од 2014 година, а на позицијата комерцијален директор сум од 2017 година. Тој период го обележаа многу турбулентни моменти, се соочив со многу предизвици што ги носи функцијата, но бев сигурна и решителна во поставените цели, како и во дадената доверба. Воведовме нов принцип на работа, а главна цел ни беа тимското работење и човечките вредности, како и тоа да им се даде можност за поголема одговорност и флексибилност на сите поединци вклучени во работниот процес. Најнапред ја проширивме дистрибутивната мрежа и воведовме поголема контрола и увид во работењето, имплементиравме нов систем за брз и лесен пристап до податоци и анализи со цел да се подобри квалитетот во работењето. Почнавме соработка со голем број коминтенти со кои претходно не сме соработувале или само делумно сме соработувале и ги унапредивме и зацврстивме постојните соработки. Во текот на овие години секојдневно заеднички учиме и се развиваме... Сметам дека најголемата сила во секоја компанија е тимот, а без добар тим нема ни напредок.
Условите во кои работиме стануваат сè покомплексни, но постојано применуваме техники и модели со кои можеме најквалитетно да одговориме на барањата на трговските синџири, а тоа резултира со долгогодишна успешна приказна и заемно задоволство.
Досега многу производи и брендови пoминале низ магацините на „Јус МБ“... Како се развиваше вашето дистрибутивно портфолио? Со кој бренд сте најсилни на македонскиот пазар и колку изнесува неговиот удел во вкупната продажба на компанијата?
Токму така, изминатите години голем број брендови поминаа низ магацините на „Јус МБ“ како: Swisslion, Yumis, Vekić, Corn Flips („Мајевица“), Miros, Heba итн. Во моментов сме официјални увозници и дистрибутери на програмата за кондиторски производи „Пионир“ од Суботица и на програмата за брашно и тестенини на „Житопромет“ – Сента, а дистрибутери сме и на сончогледовото масло Sunce на групацијата „Бимал“ и на замрзнато месо. Имаме и сопствени приватни трговски марки – замрзнато месо Gold и шеќер, грав и ориз Јус МБ. Најсилен бренд секако ни е Pionir, но неговото учество во целокупната продажба на „Јус МБ“ трпи промени поради проширувањето на портфолиото, особено на замрзнатото месо и сончогледовото масло во последните 2 години.
На македонскиот пазар сè поголем е бројот на локални производители и сериозни компании чија главна дејност е увоз на странски брендови. Тоа укажува на фактот дека пазарот сè повеќе расте, а со тоа се зголемува и можноста за успех.
Каква е соработката со трговските синџири?
Нашата компанија континуирано вложува време и ресурси за градење успешна соработка со сите трговски синџири присутни на нашиот пазар. Нивниот прогресивен пораст во малопродажната мрежа за нас е дополнителен мотив за продолжување и унапредување на соработката. Условите во кои работиме стануваат сè покомплексни, но постојано применуваме техники и модели со кои можеме најквалитетно да одговориме на барањата на трговските синџири, а тоа резултира со долгогодишна успешна приказна и заемно задоволство.
Како гледате на конкуренцијата на македонскиот пазар и на кој начин Вашата компанија се бори за своето место на пазарот? Која вредност би ја истакнале како ваша конкурентска предност?
На македонскиот пазар сè поголем е бројот на локални производители и сериозни компании чија главна дејност е увоз на странски брендови. Тоа укажува на фактот дека пазарот сè повеќе расте, а со тоа се зголемува и можноста за успех. Конкуренцијата нè прави дополнително посветени, професионални, иновативни и лојални. Долгогодишната присутност на пазарот, тимската работа, внимателно избраните програми за работа, постојаното унапредување на системите за работа се наша сила со која дејствуваме успешно и конкурентно.
Како што споменавте, „Јус МБ“ се занимава и со производство на приватни трговски марки. Каква е стратегијата на компанијата во поглед на нивниот развој? Каде ги пласирате, кои се вашите главни соработници?
Веќе подолго време на пазарот имаме приватна марка на шеќер, грав и ориз, која досега не ни беше во фокусот на развивање, а од пред повеќе од една година имаме и приватна марка на замрзнато месо Gold. Изминатата година активно се вклучивме во развој на приватните марки и можам да кажам дека работите се одвиваат со доста голем интензитет и според планираното. Засега, не планираме дополнително проширување на приватните марки, фокусирани сме на развој на постојните и на зацврстување на нивното место на полица. Производите може да се најдат во поголемиот дел од маркетите на нашиот пазар, а соработници ни се и планираме да ни бидат сите оние кај кои има простор за пласман на нашите производи.
Нашите цели се јасни, планот за развој е постојано активен, но никогаш не е избрзан. Понатамошните планови и чекори се насочени кон нови остварувања со цел да се зајакне нашата позиција на пазарот.
Дали вашите производи се барани на странските пазари?
Не сме фокусирани на извоз, одредени брендови и не смееме да извезуваме од причина што дел од нив веќе имаат претставништва. Сепак, досега сме имале извоз за Америка, Италија и редовно имаме извоз за Канада.
Светот се соочува со тешкотии во синџирите на снабдување и со недостиг на голем број суровини. Зголемените трошоци значат и зголемување на цените во маркетите. Како тоа се одразува врз вашата работа и како влијае врз продажбата на вашите производи?
Сите сме погодени од случувањата на глобално ниво. Условите за работа се доста влошени, а поскапувањето на суровините доведе и до поскапување на цените на производите. Свесни сме дека оваа ситуација ќе продолжи и сето тоа ќе придонесе за намалување на продажбата. Куповната моќ е драстично намалена и се менуваат навиките на пазарот. Последици има и ќе има, иако ние како компанија се обидуваме да најдеме алтернативни решенија и да бидеме пофлексибилни, подобро да се приспособиме на сите новонастанати ситуации.
Во пандемската 2020 година направивте храбар чекор со пуштањето во употреба на нов дистрибутивен центар, инвестиција вредна 2,7 милиона евра. Како оваа инвестиција го подобри работењето на компанијата?
Тоа беше храбар, но и неопходен чекор. Обемот на работа драстично се зголеми, а за да ги оствариме нашите планови и цели, неопходно беше да се направи ваква инвестиција. Имплементирањето на системот WMS е нов концепт на работа, кој помогна операциите во магацинот да бидат поефикасни, работниот процес ни е многу олеснет, пофлексибилни сме и имаме контрола врз целокупното магацинско работење. Во рамките на магацинскиот простор имаме и три софистицирани комори, изградени според најновите стандарди и наменети за складирање на месо, месни производи и замрзната храна. Имаме и два посебни дела за пакување – едниот е наменет за пакување на шеќер, грав и ориз од приватната марка Јус МБ, а другиот е наменет за пакување на замрзнатото месо Gold.
Која е вашата стратегија во пресрет на „најтешката зима“? Дали произведената енергија од фотоволтаичните панели, кои ги поставивте во јуни годинава, целосно ќе ги задоволи потребите на компанијата или имате и други стратегии?
Со оглед на фактот што поставените панели имаат капацитет од 999,99 киловат-часови, произведената електрична енергија сметаме дека во целост ќе ги задоволи потребите на компанијата, а произведениот вишок ќе го продаваме на соодветен купувач. На тој начин сметаме дека полесно ќе ги поминеме тешкиот период и кризата со електрична енергија што ни претстои.
Во овие турбулентни и неизвесни времиња неопходни се постојани промени, приспособувања и инвестиции. Која е следната инвестиција што планирате да ја реализирате?
Амбициозни и неуморни, се стремиме да одговориме на секој предизвик. Нашите цели се јасни, планот за развој е постојано активен, но никогаш не е избрзан. Понатамошните планови и чекори се насочени кон нови остварувања со цел да се зајакне нашата позиција на пазарот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.