Локално

Силвија Димитрова, СОС Детско село: Секој предизвик е чекор напред

25 May 2022

На сегашната позиција можам да ги употребам сите претходни знаења и да ги ставам во функција на промоција на брендот и мисијата на СОС Детско село

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Предизвиците се дел од животот и често се наметнати од надворешни фактори, но според нашата соговорничка Силвија Димитрова, многу пати треба и сами да си ги поставуваме, да се преиспитуваме, да се коригираме, да не оставиме работите да одат по инерција, да бидеме проактивни и да си ги креираме идните патишта.

„Late bloomer“ во светот на бизнисот

Силвија признава дека како мала немала јасна визија што сака да биде кога ќе порасне. Сепак, знаела дека сака да има динамична работа поврзана со контакти со луѓе и да биде област во која ќе може да ја изрази љубовта кон естетиката и креативноста. Истовремено, како и секое дете, растела под влијание на родителите, кои за неа претставувале вистински пример како да се развива како личност, но и за нејзиното работно насочување. Го следела едниот од родителите при определбата на правец за високо образование во областа на техничките науки, како и во правец на почеток на изградба на академска кариера.

Уште на почетокот наидов на првиот предизвик – усогласување на улогата на родител со професионалните обврски. Тргнувајќи од карактерот и од личните животни ставови, донесов одлука да се посветам на семејството, вели таа. Нејзиниот личен став (и можностите во тоа време) бил дека ќе им биде 100-процентно потребна на двата сина во првите години на развој и воспитување, до нивното базично осамостојување. Истовремено, бев сигурна дека со тој пристап нема да можам да го дадам максимумот на работното место. Тие мои ставови беа формирани растејќи со родител со прекар Железната Дама, од чија енергија и посветеност постојано впивав и се угледував на неа, и како личност и како професионалец.

Тој период Силвија имала можност да размислува  и да се соочи со нов предизвик – каде, како и што понатаму. Имала потреба да ја изрази сопствената креативна енергија и одлучила дека треба да си даде можност и шанса за развој во областа на маркетингот. Влегла во светот на маркетингот работејќи во неколку агенции. Тука се и нејзините почетоци во градењето експертиза во таа област, што ѝ овозможило и соработка со клиенти од бизнисот. Динамиката на тој свет, разновидноста на работата и движењето претставувале позитивен предизвик за неа и ја дефинирале нејзината определба за правец во кариерата.   

Кариерата во бизнис-секторот ја почнав релативно доцна, на 35 години, како што велиме во маркетингот „late bloomer“, на позицијата јуниор бренд-менаџер во интернационалната компанија „Империал тобако“. Интересен предизвик како да се поставиш  како „повозрасен“ колега, кога почнуваш од почеток, учиш и  извршуваш задачи, раскажува таа.    

Следувал развојот на кариерата, како што вели Силвија, „by the book“, со брз премин кон бренд-менаџер на интернационални, регионални и локални брендови, по што следувал нов предизвик – понуда за привремена работа во централното седиште на „Империал тобако“ во Велика Британија, како чекор кон позиција раководител на маркетинг-секторот: Сè се одвиваше многу брзо и морав да одлучам во краток период. Тоа значеше и дека треба да го оставам семејството на 6 месеци. Не можам да кажам дека таа одлука беше донесена со леснотија, но бев решителна дека треба да вложам во себе и во мојот иден развој. Се стекнав со знаења за развој на глобални стратегии и централизирано работење со повеќе земји, што понатаму ќе ми помогне во преземањето постратешки кластерски позиции.

Според Силвија, развојот на кариерата во следните 9 години се одвивал природно и со заемен поттик од нејзина и од страна на компанијата: Како што влегував во зона на комфор и чувствував дека ми се потребни нови предизвици, односно кога од компанијата ќе видеа дека веќе ја „владеам“ територијата, следуваше нова кариерна можност. Следувале и зголемени одговорности не само за консумер, туку и за трејд-маркетинг, проширување на пазарите на дејствување на кластер Јужен Балкан и член на кластерскиот лидерски тим, со што таа учествува и во развој на долгорочни стратегии и донесување важни бизнис-одлуки.

Желбата за знаење и за нови искуства на нашата соговорничка ѝ „наметнала“ да се декларира како некој што е спремен да работи на друг пазар, што резултирало со понудата за работна позиција во Полска. Тоа ме постави пред различен предизвик – дали да ја прифатам позицијата, но без можност да бидам со семејството, или да направам сериозен чекор во мојата кариера. По повеќе разговори, овој пат носам негативна одлука. Подолго време бев во недоумица дали сум направила грешка, но од денешна перспектива, мислам дека во соодветниот момент одлуката не беше погрешна. Одвоеноста од семејството во тој период не беше компромис што бев спремна да го прифатам.

Сепак, останале желбата и потребата да научи нешто ново, надвор од тоа што се нуди во нашите граници. По осамостојување на синовите, повторно се актуализира можноста за интернационална работа во рамките на пазарите на „Империал тобако“ и Силвија сега е спремна за овој предизвик и да живее и работи во странство.

Откако биле создадени услови, таа доаѓа на позицијата маркетинг-директор во „Империал тобако Ибериа“. Покрај директните одговорности во доменот на маркетинг, овие пазари (Шпанија, Португалија, Гибралтар, Канарски Острови и Андора) наметнале покомплексни и стратешки процеси – спојување на маркетинг-функциите на кластерот, проследено со водење и имплементација на нов оперативен модел за стратешко, оперативно и егзекутивно дејствување, како и имплементација на принципите на раководење со промени за успешна реализација. Членството во извршниот одбор, можноста за презентирање пред акционери од Лондонската берза, секојдневниот контакт и комуникација со највисоките позиции во компанијата доведоа до заокружување на мојот профил како сениор со широка експертиза во маркетинг и бизнис-менаџмент. Тоа почувствував дека на некој начин ја заокружи и мојата 16-годишна кариера во „Империал тобако“.

За повисока кауза

Таа верува дека секој човек доаѓа до одреден момент на проверка, поставување и одговори на суштински прашања. Верува и дека секоја деценија од животот носи свои обележја, предизвици и  процес на себеиспитување. Тогаш сфатила дека го достигнала максимумот во „Империал тобако“, и од аспект на знаење и од аспект на кариера. Не само во таа компанија, туку веќе почнаа да се отвораат и други прашања и дилеми. Дали и понатаму се гледам и гледам предизвици во корпоративниот свет? Дали е можно и колку е лесно/тешко да се премине во сосема нов сектор? Дали е време за реализација на импакт-цели за општествено добро?

Силвија имала една и пол година да одговори на овие прашања и да го пронајде следниот предизвик во контекст на потребата да дејствува „for the good cause“. Била охрабрена од тоа што забележала дека во одредена животна фаза многумина од бизнис-секторот преминуваат во граѓанскиот.

Следниот предизвик го пронашла на позицијата раководител на сектор за обезбедување донации и комуникации во СОС Детско село, на која сè уште работи. Позиција што покрај хуманитарниот белег, има и комерцијален карактер – обезбедување средства за реализација на програми за децата од ранливи категории, без родителска грижа. Тоа беше позицијата на која можам да ги употребам сите претходни знаења и да ги ставам во функција на промоција на брендот и мисијата на СОС Детско село и за обезбедување средства од компании и индивидуалци, со цел да се зголеми одржливоста на организацијата.

За неа, тоа е голем чекор и излегување од комфорната зона, но, токму каузата за која дејствува го прави целиот процес на адаптација полесен и брз.

Секој ден се учи нешто ново – нов проект, запознавање со нови луѓе, нова комуникација и контакт... сето тоа е нова можност за личен раст и развој. Извлекувањето на максимумот од секоја ситуација нè поттикнува да одиме напред, заклучува Силвија на крајот од нашиот разговор и додава дека енергијата ја полни во дружба и разглобување животни теми со најблиските, другарување со планините низ Македонија и според можностите, со слушање на тишината на длабочините.

 

Биографски податоци

Образование: Диплома по биотехнологија и прехранбено инженерство на Технолошко-металуршкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Кариера:

  • Агент за продажба во ИБМ – Македонија (од 1994 до 1995 година);
  • Проектен асистент во УНИЦЕФ – Македонија (од 1996 до 1998 година);
  • Менаџер за услуги на клиентите „Сачи & Сачи“ – Македонија (од 1999 до 2001 година);
  • Бренд-менаџер во „Империал тобако“ – Македонија (од 2001 до 2005 година);
  • Бренд-менаџер во „Империал тобако“ – Велика Британија (2005 година);
  • Консумер и трејд маркетинг-менаџер во „Империал тобако“, кластер Јужен Балкан – Македонија, Косово и Албанија (од 2005 до 2014 година);
  • Маркетинг-директор во „Империал тобако Ибериа“ – Шпанија, Португалија, Гибралтар, Канарски Острови и Андора (од 2014 до 2016 година);
  • Проектен лидер и консултант за косовскиот пазар во „Империал тобако“, кластер Јужен Балкан – Македонија, Косово и Албанија (од 2016 до 2018 година).

Моментална функција: раководител на сектор за обезбедување донации и комуникации во СОС Детско село.

Хоби: дружба со најблиските, планинарење, нуркање.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...