Радош Вукиќевиќ, генерален директор на „Тиквеш“
Радош Вукиќевиќ е скопјанец со дводецениско работно искуство во областа управување, особено во сегментот продажба и маркетинг, управување со синџир на набавки, проектен менаџмент и управување со промени. Пред доаѓањето на позицијата генерален директор на „Тиквеш“ во јули 2017 година, тој бил на различни менаџерски позиции во успешни компании, како што се „Пивара Скопје“ и „Алкалоид“, како и во „Кока-Кола компани“. Неколку години бил и економски промотор и економски советник на македонските амбасадори во Бугарија и во Србија работејќи на промоција на извозот на македонски производи во овие земји и на привлекување инвестиции. Дипломирал и магистрирал на Економскиот факултет во Скопје во доменот на надворешната трговија, а поседува и диплома за завршени специјалистички студии на академијата за бизнис „Котругли“ во Загреб, Хрватска.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
На функцијата генерален директор на „Тиквеш“ сте речиси пет години. Како накратко би го опишале овој период на менаџирање винарница со долга традиција? Кои се најважните работи што го обележаа Вашето работење во винарницата и кои се најголемите промени што се случија во овој период?
Имавме прилично динамичен и турбулентен период и две од овие речиси пет години што ги посочувате се години во кои живееме со промените предизвикани од пандемијата на корона. Од нас тоа бараше да се приспособиме на новонастанатите услови. Благодарение на одличниот тим на „Тиквеш“, знаењето и експертизата, но и храброста да се преземат одредени чекори, успеавме да се справиме со предизвиците и да продолжиме со инвестиции во сите сегменти од работењето, како во производството така и во маркетингот. Воведовме нови производи, реализиравме нови проекти и иницијативи со кои продолжуваме да го унапредуваме квалитетот на нашите производи, затоа што тоа е основата за успех на долг рок.
Би сакал да истакнам дека во овој период го надминавме нашиот рекорд на освоени награди на годишно ниво и сега оваа бројка изнесува над 100. Производството го проширивме надвор од границите на нашата земја, купувајќи винарница во срцето на еден од најпознатите вински региони – Јужна Рона во Франција. Исто така, ја воведовме бренд-платформата Tikveš Châteaux & Domaines за премиум вината произведени од специфични микролокации, бидејќи развојот на компанијата и на портфолиото бараше ваква дистинкција на вината за да се потенцира уникатниот карактер на специфичните локалитети во Македонија и во Франција.
Во „Тиквеш“ добро ја знаеме моќта на добро изградените брендови. Имаме силни брендови во нашето портфолио и стратегијата ни е да продолжиме со воведување и градење нови.
Последната новина од „Тиквеш“ е воведувањето на новиот бренд Luda Mara за вината што ја сочинуваа линијата Special Selection. Зошто се одлучивте на ваков чекор?
Во „Тиквеш“ добро ја знаеме моќта на добро изградените брендови. Имаме силни брендови во нашето портфолио и стратегијата ни е да продолжиме со воведување и градење нови, прераснувајќи во нешто што го нарекуваме „куќа на брендови“.
Дополнително, пазарните трендови наметнуваат потреба за истакнување на врската меѓу виното, специфичното поднебје и регионот од кој тоа потекнува. Па така, со цел да ја зајакнеме автентичноста на нашите вина, одлучивме да креираме нов вински бренд, кој го нарековме Luda Mara по името на реката што поминува низ Тиквешкиот Регион и Кавадарци. Со својот карактер, приказните и митовите поврзани со реката Луда Мара по многу нешта потсетуваат на карактерот на нашите вина. Сметаме дека на ваков начин ќе можеме полесно да ја раскажеме приказната за квалитетните македонски вина, особено на странските пазари, каде што се бараат и ценат уникатни и автентични вински брендови.
На празникот Свети Трифун ја споделивте веста дека „Тиквеш“ годинава првпат ќе произведе вино од органско грозје од локалитетот Лепово. До каде сте со реализацијата и што ќе значи за винарницата отворањето на ова ново поглавје?
Во 2021 година „Домен Лепово“ стана сертифициран производител на органско грозје, а за да се премине од конвенционален на органски начин на производство, беа потребни три години. Годинава ги очекуваме првите органски вина од овој локалитет и тоа не само како резултат на органското грозје од кое се произведуваат овие вина, туку и на примената на специфични практики во винарницата. На ваков начин одиме чекор подалеку во понудата на висок квалитет на нашите вина и на задоволување на потребите на потрошувачите за производи што се создадени во согласност со животната средина и со трендовите за консумација на органски производи.
Како „Тиквеш“ беше погоден од корона-кризата, дали и колку забележавте намалување на продажбата и приходите, со оглед што угостителските објекти не работеа со полн капацитет одредено време? Дали побарувачката во FMCG-секторот го надомести евентуалниот пад?
Ограничувањата во работата на угостителските и туристичките капацитети што беа воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот предизвикаа голем пад во продажбата, што нанесе значителни штети врз целокупната индустрија за пијалаци. Секако, во тој период во 2020 година и „Тиквеш“ претрпе огромен пад на продажбата на домашниот и на странските пазари. Последиците беа ублажени од воведените антикризни мерки од страна на државата, како и од промените што ги направивме во нашето работење со кои се приспособивме на ситуацијата, пренасочувајќи дел од нашите производи и кон онлајн-продажба. На тој начин, како и со постепеното нормализирање на вкупната побарувачка во текот на 2021 година во угостителството, почнавме повторно да остваруваме задоволителни резултати, иако сè уште не може да стане збор за целосно надоместување на падот на приходите што се случи во 2020 година.
Светот се соочува со недостиг на голем број суровини што се набавуваат од Русија и од Украина. Како тоа ќе се одрази врз вашата работа, со оглед на тоа што голем процент од состојките за ѓубрива потекнуваат токму од Русија? Дали очекувате поради тоа да „страда“ грозјето?
Не очекуваме ваквата состојба да предизвика недостиг на грозје кај нас или да се одрази врз неговиот квалитет, но секако се можни последици, особено во однос на трошоците за производство.
Дел од нашата стратегија за новите пазари е и симбиозата што ја обезбедивме со вклучувањето на француската винарница која, меѓу другото, ни обезбедува и полесен пристап до странските пазари на кои француското вино е добро познато и етаблирано.
Кои мерки, според Вас, треба да бидат донесени на државно ниво за да закрепне бизнисот, со оглед на тоа што кога веќе почна да се наѕира крајот на корона-кризата, се појави еден нов, многу поголем предизвик?
Многу е важно, покрај интервентните мерки што ги воведува државата за ублажување на ценовните шокови со кои се соочуваат граѓаните и стопанствениците, да не се запостават ниту долгорочните стратешки промени во одделните сектори што се неопходни за долгорочен развој и опстанок на индустриите.
Во винарството и лозарството ги имаме субвенциите што ги пополнуваа јазовите и пред кризната состојба. Во иднина треба да се води сметка тие да го стимулираат квалитетното производство и почитувањето на стандардите, што ќе резултира со зголемена конкурентност и континуиран напредок наместо зависност од државна поддршка. На долг рок потребна е поддршка на инвестициите во лозарството за подигнување или обновување на лозовите насади, за набавка на модерна механизација, за примена на современи практики во одгледувањето на грозјето за да се постигне повисок квалитет, но и за да се намалат трошоците на производство.
Дополнително, неопходно е да се обезбедат фондови за промоција на македонските вина на странски пазари. Само така можеме да ја зголемиме препознатливоста на вината, но и на земјата како производител на квалитетно вино. Тоа значително влијае врз побарувачката и врз пласманот на нашите вина на нови пазари.
На кои сè пазари се присутни вината на „Тиквеш“? Каква е извозната стратегија на винарницата – дали сте насочени кон барање можности за пробив на нови пазари или кон зајакнување на позицијата на пазарите на кои веќе сте присутни?
Вината на „Тиквеш“ имаат изградени позиции на пазарите во регионот и, се разбира, континуирано работиме на задржување и на зајакнување на нашето присуство на овие пазари. Во Србија сме винарница со најбрз пораст на продажбата, а тоа е резултат на голем број активности со кои сме постојано присутни на пазарот. Постои голема конкуренција и потребно е постојано да се следат случувањата на пазарот, потребите на потрошувачите, да се вложува во односите со купувачите, да се инвестира во промоција на брендот и едукација на потрошувачите за да се задржи изградениот имиџ и репутација што ги имаат „Тиквеш“ и нашите вина.
Иако свесноста за нашите вина на интернационалните пазари е далеку пониска од онаа во регионот, тие не се недостижни кога квалитетот е на наша страна. Сепак, тој не е единствен критериум. Препознатливоста на виното и на земјата од која потекнува игра голема улога и ние континуирано вложуваме во промоција преку присуство на најголемите вински саеми, учествуваме на најпрестижните вински натпревари и обезбедуваме простор во најзначајните вински списанија. „Тиквеш“ соработува со светски вински експерти и голем дел од нив стануваат наши амбасадори, промовирајќи ги регионот и нашите вина.
Дел од нашата стратегија за новите пазари е и симбиозата што ја обезбедивме со вклучувањето на француската винарница „Шато де Гурдон“ (Château de Gourdon) која, меѓу другото, ни обезбедува и полесен пристап до странските пазари на кои француското вино е добро познато и етаблирано.
Имаме долгорочна стратегија, која освен инвестиции во обновливи извори на енергија, опфаќа и управување со вода, управување со отпад и други комплементарни активности со кои ќе го намалиме влијанието на нашите деловни активности врз околината.
Што би издвоиле во претходната 2021 година како најголем успех за „Тиквеш“ како компанија?
Имаме многу резултати со кои се гордееме, но би го издвоил успехот што го постигнавме на еден од највлијателните специјализирани вински натпревари во светот. На германскиот „Мундус вини“ во 2021 виното Terrasse a l’Ombre освои златен медал и беше прогласено за најдобро од долината на реката Рона, еден од најпознатите вински региони во светот. Ова е најдобар доказ дека сме на врвот, најдобри меѓу најдобрите.
Какви се следните планови? Кој е првиот главен предизвик што треба да се надмине краткорочно, а кои стратегии ќе ги имплементирате за развој на долг рок?
Климатските промени и обезбедувањето одржлив развој се предизвици со кои веќе се соочуваме и почнавме со реализација на активности со кои ќе придонесеме за нивно ублажување или надминување. Планираме да станеме првата зелена винарница во регионот и предводник во регионот на ова поле. Имаме долгорочна стратегија, која освен инвестиции во обновливи извори на енергија, опфаќа и управување со вода, управување со отпад и други комплементарни активности со кои ќе го намалиме влијанието на нашите деловни активности врз околината.
Уште еден голем предизвик, кој очекуваме дека ќе добива на важност, и тоа не само кај нас, е недостигот на работна сила. Тоа е изразено во земјоделството, кое не претставува атрактивна гранка од повеќе причини. За да го надминеме овој предизвик, интензивно вложуваме во развој на човечки ресурси, задржување на кадрите, но и во модернизација на производството. Па така, инвестираме во подигнување лозови насади со сорти што се барани на пазарот, следејќи ги последните светски трендови во користењето механизација во лозјата. Понатаму, применуваме најмодерна технологија и користиме најсовремена опрема во целиот процес на производство што резултира со автоматизација на процесите каде што е тоа е возможно, без да се компромитираат автентичноста и квалитетот на нашите производи.
Што е следната голема инвестиција на „Тиквеш“?
Голем дел од нашите вложувања во рамките на новиот инвестициски циклус се насочени на обнова и подигнување нови лозови насади, како и набавка на нова современа механизација. Досега во овој сегмент се инвестирани над пет милиони евра, а инвестицискиот план предвидува до крајот на оваа година да се подигнат нови 180 хектари лозови насади. Ваквите вложувања, заедно со инвестициите во најсовремена опрема и технологија за примарно производство, микровинификација и одлежување на виното, кои во изминатите 15-ина години надминаа 45 милиони евра, придонесоа „Тиквеш“ да прерасне во винарница со најголем капацитет за производство на вина со премиум квалитет во нашата земја и поширокиот регион.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.