Локално

Ласко Јованов: Секоја промена e иницирана од желбата за развој

17 Feb 2021

Ланската година беше јубилејна - 30-та од основањето на кавадаречката компанија „Слога Пром“, позната по широкиот спектар на замрзнати производи. Денес со семејниот бизнис управува Ласко Јованов, кој е роден во 1984 година. Тоj е дипломиран менаџер и магистер по маркетинг и промоција, чие хоби се пешачењето, возењето велосипед и музиката. Со него разговаравме за почетоците и развојот низ годините, реализираните инвестиции, потребите на современиот потрошувач, очекувањата за понатамошниот развој на категоријата замрзната храна и на други актуелни теми.

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Иако 2020 година на глобално ниво ќе остане запаметена по Ковид-19, кои се моментите што ја обележаа јубилејната 30. година за Вашата компанија?

Многу нешта се случија и по многу нешта 2020 година ќе остане запаметена како  невообичаена. Иако произлегоа од негативна околност – појавата на вирусот, таа година донесе и многу позитивни тенденции, кои ги разбудија солидарноста, сочувството и емпатијата, ја зголемија одговорноста кон себеси и кон другите. Културолошките и социолошките вредности излегоа на површина, но економијата и различните индустрии неминовно ќе ги пребројуваат последиците и во наредните година-две. Сепак, прехранбената индустрија се издвојува затоа што кај нас не може и не смее да има застој под никакви околности. „Слога Пром“ во текот на целата година работеше непрекинато, постојано доставувавме производи и не изостана ниту еден дел од малопродажната мрежа. Освен континуираната работа со целосна одговорност кон процесот, вработените, партнерите и кон граѓаните, целата измината година ја обележаа човечките и хумани вредности. Одговорни и професионални кон обврската што ја имаме, кон колегите и кон заедницата, годината нè научи на многу нешта, на вредности според кои и понатаму ќе се раководиме, но да се надеваме без негативни поводи. Од оперативен аспект, 2020 година ја искористивме за внатрешна реорганизација во делот на трошоците и за спроведување неколку проекти поддржани од ЕБОР, во делот на човечките ресурси и заштитата на личните податоци, според европските стандарди.

Раскажете ни нешто повеќе за почетоците... Какви беа условите за работа тогаш и денес? Каков беше потрошувачот во 1990 година, а каков е денес?

Многу работи се сменија, целиот пазар е променет. Почетоците не беа лесни, со оглед на фактот што почнавме да работиме во транзицискиот период. Тогаш овој дел од пазарот воопшто не беше дефиниран и на некој начин ја презедовме пионерската улога во негово моделирање. Исто така, има големи промени и во однесувањето на потрошувачите, почнувајќи од навиките и потребите. До крајот на 2000 година фрижидерите за длабоко замрзнување беа присутни речиси во секој дом и граѓаните се снабдуваа со месо за цела година. Достапноста на повеќе производи од сегментот замрзната храна и нашата услуга радикално ја сменија таа длабоко вкорената навика на домаќинствата. Со тоа на потрошувачите им овозможивме да ја увидат можноста дека постои поинаков начин на снабдување со замрзнати производи и им го овозможивме тој нов начин. Денес е сосема поинаку. Може да се каже дека понудата на пазарот ги создава консумерските навики, но кога станува збор за прехранбената индустрија, еднаква улога во креирањето на пазарот и понудата има и потрошувачот со наметнување специфични барања, потреби и нутритивни навики. Се трудиме да ги препознаеме и соодветно да реагираме на тие барања.

Последниот од низата инвестициски зафати беше изградбата на нов капитален објект, ладилник со јавен царински склад со вкупен складишен капацитет од 4.400 тони замрзната стока, во вредност од повеќе од 5 милиони евра.

Имајќи го предвид фактот дека за успешна транзиција на втората генерација во семејните компании е потребна речиси една деценија, како одеше тој процес? Кога се вклучивте во бизнисот?

Кога имате знаење, желба и начин да го работите тоа што го сакате, процесот на вклучување не мора да биде тежок, само е исполнет со неизвесност, со предизвици. А, кога станува збор за семеен бизнис, тогаш вредноста на сè е поголема, па така и заложбата, посветеноста и мотивираноста беа многу поголеми. Пред повеќе од 30 години, кога моето семејство ја основа „Слога Пром“, почна со продажба на производи за секојдневна употреба. Се работеше посветено и се бараа начини како да се прошири обемот на работа и дејноста. Тоа се одвиваше пред моите очи и уште пред да сфатам, бев вклучен во процесот. Низ годините компанијата се усовршуваше на сите полиња. Како што се зголемуваа потребите на пазарот и задоволувањето на барањата на клиентите, така беше неопходно и поголемо вклучување во управувањето на компанијата. Во 2009 година, кога беше создаден брендот Слога, веќе бев дел од овој значаен пресврт. Станувајќи дел од создавањето на брендот, целосно бев вклучен во бизнисот и тоа е природен и континуиран процес што сè уште трае. Развојот на компанијата, зголемувањето на обемот на работа и проширувањето на дејностите наметнуваат и пропорционално зголемување на човечкиот капитал, инвестициите и знаењата.

Три децении за една компанија се долг период на работење, во кој се неопходни постојани промени, приспособувања и инвестиции. Колку инвестирате и која досегашна инвестиција би ја издвоиле како најважна? Која е следната инвестиција што ја планирате?

Како резултат на брзо растечкиот процес и побарувачката на пазарот во Македонија, компанијата во текот на овие 30 години често влегуваше во инвестиции и зголемување на капацитетите. Прва, во 2005 година, беше изградбата на сопствен ладилник со капацитет за складирање до 1.000 тона, а потоа следуваше имплементација на HACCP-стандардите во 2008 година. Следен голем чекор беше отворањето на новиот погон за препакување и конфекционирање на дистрибутивните производи, кога и беше создаден брендот Слога. Секој од овие чекори значеше влегување во нова инвестиција поголема од претходната, со која знаевме дека ја создаваме иднината на компанијата. Последниот од низата инвестициски зафати беше изградбата на нов капитален објект, ладилник со јавен царински склад со вкупен складишен капацитет од 4.400 тони замрзната стока, во вредност од повеќе од 5 милиони евра. Тоа беше најзначајната инвестиција. Следното кон што се стремиме е проширување на дејноста на сопствено производство и извоз на странските пазари, со што ќе се профилираме како компанија што обезбедува комплетен производ. Со тоа ќе ја однесеме компанијата на едно повисоко ниво и верувам дека тоа ќе биде наскоро.

Колкав е денес вкупниот број на вработени во компанијата, а со колку почнавте?

Како семеен бизнис, почетоците беа со целосен ангажман на помал број вработени, но набрзо бројката порасна на 22 вработени, кои посветено се грижеа за успешно работење и креирање на брендот. По секоја инвестиција или проширување на обемот на работа се зголемуваше и бројот на вработени, за денес да достигнеме до 120 вработени.

Колку и кои производи го сочинуваат портфолиото на „Слога Пром“ на македонскиот пазар? Колкав е годишниот капацитет на производство?

Денес „Слога Пром“ е модерна компанија која работи за задоволување на потребите на современиот потрошувач, применувајќи ги најновите знаења и стандарди за пласман на квалитетна и здрава храна. Нашето портфолио е богато и разновидно, пред сè, исполнето со тоа што е барано на пазарот и од потрошувачите. Нудиме пакувани производи Слога, кои вклучуваат риба, пилешко, свинско и говедско месо. Моменталната бројка на пакувани производи од брендот Слога е петнаесетина, со годишен капацитет од околу 3.500 тони. Исто толку разновидна е и понудата од рефусни производи (пилешко, свинско и јунешко месо, риба, помфрит, зеленчук, овошје, млечни производи и растителни масла), со што понудата вклучува околу 160 производи. Постојано следиме што недостига на пазарот и што бараат купувачите, така што бројката со нови производи постојано се зголемува.

Дали освен под сопствен бренд, Вашите производи ги пласирате и како приватни трговски марки? Кои се Вашите главни соработници?

Во моментот нашите производи ги пласираме главно под сопствениот бренд Слога. Отворени сме за соработка и за приватни трговски марки за нашите клиенти, кои доаѓаат од повеќе сектори – од маалски продавници до големите дисконти и синџири маркети, како и од хорека-секторот.

Како одеа преговорите со трговците некогаш и сега, со оглед на тоа што станува збор за специфични производи со посебен режим на чување?

Како и производителите, и дистрибутерите и трговците се суштински дел од пазарот. Сите ги знаеме и добро ги разбираме улогата и одговорноста што ги имаме, работејќи во прехранбениот сектор. Сите ги следиме промените и трендовите и соодветно се опремуваме. Ако пред 20 и повеќе години одговорноста да се снабди потрошувачот беше сконцентрирана на еден или неколкумина, сега пазарот е многу позгуснат и сите ја делат одговорноста на, пред сè, квалитетна и богата понуда и услуга. Преку подобра и поквалитетна услуга и поголем избор си создаваат поголема конкурентност.

Каков е FMCG-пејзажот во нашата земја? Кој ги наметнува правилата на игра – трговците, производителите или потрошувачите?

Комплексен, моќен, разновиден, динамичен – секторот на производи за широка потрошувачка е сето тоа, една постојано растечка и силно компетитивна средина. А кога зборуваме за правилата на функционирање на овој сектор, не може да се каже дека се наметнати од една страна. Премногу нè има и сите сме со, донекаде, различни потреби за само еден да ги наметнува правилата. Тоа е композитна конструкција, во која се застапени барањата на сите фактори во синџирот – и трговци, и производители, и потрошувачи. Можеби најголема улога во воспоставување фер и отворени пазарни релации имаат регулаторите, авторитетите и надлежните институции. Тие ја поставуваат основата, а ние го креираме пазарот со понудата, која е направена според тоа што сме го антиципирале како потреба или барање од потрошувачот. Колку и да велиме дека крајниот потрошувач е тој што го моделира пазарот, сепак, ние сме тие што му ја даваме опцијата избор, за потрошувачот да ја има најголемата привилегија – да одлучи и да избере.

Какви се Вашите очекувања за понатамошниот развој на категоријата замрзната храна на пазарот во Македонија? Кои би биле евентуалните пречки за развој и како би можеле тие да се надминат?

Оваа категорија е барана и потребна, но не само кај нас, туку и воопшто, глобално. Се појавуваат сѐ повеќе производители и доставувачи, а иновативните технологии и научните сектори бараат нови методи на ефикасно и безбедно замрзнување на храната. Според тоа, се зголемува и бројот на замрзнати производи, асортиманот се збогатува со нови видови храна што се замрзнуваат, но сепак го задржуваат нутритивниот и хемискиот состав. Тоа се следи и кај нас. Ги имаме сите услови за дополнително да го развиеме овој сектор. Притоа, заедно со институциите работиме на запазување на сите светски стандарди и протоколи кога станува збор за безбедноста на оваа храна. Единствено може да се поработи на обезбедувањето дополнителен и соодветен простор за овие производи во продажниот синџир, простор што би ги исполнувал сите услови за овој вид храна.

Создавањето сопствен бренд во веќе развиена бизнис-средина, на дефиниран и конкурентен пазар, за семејна компанија е многу голем и значаен чекор.

Претпразничниот период беше и време на донации... Последната Ваша донација беа интерактивните табли за посебните паралелки во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци. Колку „Слога Пром“ е активна на општествено одговорен план?

Како компанија која произлегува од локална средина, целосно сме свесни за улогата и одговорноста што ги имаме во заедницата. Ние сме дел од оваа заедница, а условите и состојбите што се присутни тука се одразуваат на нас и како поединци, но и како колектив. Затоа често сме присутни преку донации. Со општествената одговорност како значаен дел од компанијата, покрај донациите, сакаме да постигнеме поголем ефект и да предизвикаме вистинска и значајна, квалитативна промена во заедницата. Преку одговорниот ангажман сакаме да иницираме сеопфатна помош за таму каде што е потребно, да поттикнеме и мотивираме на поголемо и помасовно вклучување на сите значајни фактори и да ја зголемиме свеста за потребите на поединци или на група граѓани.

Кој момент би го нагласиле како пресврт во досегашното работење? Која е најзначајната одлука што сте ја донеле досега?

Во изминативе 30 години многу промени се случија во „Слога Пром“, а секоја промена беше иницирана од желбата за развој на компанијата. Пресвртен момент е 2009/2010 година, со излегувањето на меѓународниот пазар и стапување во директен контакт со доставувачите, како и добивањето ексклузивно право за дистрибуција на нивните производи. Периодот што следуваше беше период на комплетен развој на компанијата на повеќе нивоа и сегменти во работењето, по што следуваше и најголемиот скок – создавањето на брендот Слога. Влегувањето во оваа промена подразбираше и обемна инвестиција во опрема и материјали, стратегија и детален бизнис-план. Создавањето сопствен бренд во веќе развиена бизнис-средина, на дефиниран и конкурентен пазар, за семејна компанија е многу голем и значаен чекор. „Слога Пром“ комплетно ја исполни задачата и покажа дека имаме знаење, капацитет и можности за уште поголеми и позначајни чекори. Тоа ме прави неизмерно горд, но и подготвен за следната голема промена.

Што по Ковид-19, кои се Вашите планови за 2021 година?

Изминатата година можеби малку го забави темпото на работа и динамиката по која вообичаено се одвиваат работите, но во ниту еден момент не запревме со работа и доставата на замрзнатите производи се одвиваше континуирано и непречено. За годинава останува да го спроведеме тоа што ни беше поставено како бизнис-план, да ја забрзаме динамиката на работа и да ја зголемиме достапноста на нашите производи. Со професионалност, одговорност и квалификации ќе продолжиме да обезбедуваме висококвалитетни производи до граѓаните на Македонија, а истовремено дел од нашето внимание ќе биде насочен и кон заедницата и нејзините потреби, исполнувајќи ја и таа страна од нашата компаниска одговорност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...