Првичната процена на Меѓународната организација на трудот (MOT) за влијанието на вирусот Ковид-19 врз работата на глобално ниво укажува дека ефектите ќе бидат далекусежни и ќе истуркаат милиони луѓе во невработеност, недоволна ангажираност и работна сиромаштија. МОТ предлага мерки за одлучен, координиран и итен одговор.
Женева (МОТ) – Економската и трудовата криза создадена од пандемијата на вирусот Ковид-19 би можела да ја зголеми глобалната невработеност за речиси 25 милиони. Но, ако има меѓународно координирана реакција, како што се случи и со глобалната финансиска криза во 2008/2009 година, влијанието врз глобалната невработеност би можело да биде помало.
Документот за прелиминарна процена „COVID-19 и светот на работата: Влијанија и одговори“ повикува на итни, опсежни и координирани мерки во трите столба: заштита на работниците на работното место, стимулирање на економијата и вработеноста, како и поддршка за работните места и приходите.
Овие мерки опфаќаат проширување на социјалната заштита, поддршка за задржување на вработеноста (скратено работно време, платено отсуство и други субвенции), финансиски и даночни олеснувања, вклучително за микро, малите и за средните претпријатија. Освен тоа, документот предлага мерки поврзани со фискалната и монетарната политика, и финансиска поддршка и кредитирање за одредени економски сектори.
Врз основа на различните сценарија за влијанието на вирусот Ковид-19 на порастот на глобалниот БДП, проценките на МОТ укажуваат на пораст во глобалната невработеност меѓу 5,3 милиони („полесно“ сценарио) и 24,7 милиони („потешко“ сценарио) од основното ниво од 188 милиони во 2019 година. За споредба, глобалната финансиска криза во 2008/2009 година ја зголеми глобалната невработеност за 22 милиони.
Се очекува и зголемување на недоволната ангажираност, затоа што економските последици од ширењето на вирусот се преточуваат во намалувања на работното време и платите. Самовработувањето во земјите во развој, кое честопати служи за ублажување на влијанието од промените, овојпат нема да ја има таа улога поради ограничувањето во движењето на луѓето (давателите на услуги) и стоките.
Падот на вработеноста, исто така, значи големи загуби на приходи за работниците. Студијата проценува дека тие загуби би биле меѓу 860 и 3.440 милијарди американски долари до крајот на 2020 година. Тоа ќе предизвика пад на потрошувачката на стоки и услуги, што од друга страна, ќе влијае врз можностите на бизнисите и економиите.
Исто така, се очекува и значително зголемување на работната сиромаштија, затоа што ограничувањата на приходите што ќе произлезат од падот на економската активост ќе ги разори работниците што се блиску или под прагот на сиромаштија. МОТ проценува дека дополнително меѓу 8,8 и 35 милиони луѓе низ светот ќе се најдат во работна сиромаштија, споредено со основната процена за 2020 година (која предвидуваше пад од 14 милиони на светско ниво).
Ова веќе не е само глобална здравствена криза, туку и голема криза на пазарот на трудот и економска криза со огромно влијание врз луѓето, вели Гај Рајдер, генерален директор на МОТ, и додава: Во 2008 година, светот беше обединет фронт за справување со последиците од глобалната финансиска криза и се спречи најлошото. Потребно ни е такво лидерство и одлучност – сега.
Документот од МОТ предупредува дека кризата со работните места несразмерно ќе влијае врз одредени групи со што би можело да се зголеми нееднаквоста. Тука спаѓаат луѓе во послабо заштитените и слабо-платените работни места, особено младите и повозрасните работници, како и жените и мигрантите. Мигрантите се ранлива група поради недостигот од социјална заштита и права, а жените вообичаено повеќе се на ниско-платени работни места и во погодените сектори.
Во време на криза како оваа, имаме две клучни алатки што може да ни помогнат да ја ублажиме штетата и да ја вратиме довербата на јавноста. Прво, социјалниот дијалог, вклученоста на работниците, работодавците и нивни претставници, е суштински елемент за градење на јавната доверба и поддршка на мерките што ни се потребни за да ја надминеме оваа криза. Второ, меѓународните стандарди за трудот обезбедуваат докажана и доверлива основа за политички одговори, фокусирани на одржливо и правично заздравување. Треба да се преземе сè што е можно за да се намали на штетата врз луѓето во овие тешки времиња, заклучува Рајдер.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.