Анализи

Валикон: Најдобрите 25 регионални брендови во 2016 година

29 Mar 2017

На листата на најсилните 10 брендови во Македонија за 2016 година на „Валикон", се најдоа само два македонски бренда – Bitolski jogurt и Stobi flips. Меѓу десетте најсилни брендови, кај нас има најголем број глобални брендови во однос на другите земји од регионот. Македонски бренд во топ 25 брендовите во регионот – сè уште нема!

Извор: „Валикон", www.valicon.net

„Валикон" ја објави листата на најсилните брендови во Јадранскиот Регион за 2016 година. „Топ 25 регионални брендови" е независно рангирање, кое се базира на анкетирање за брендовите од FMCG-секторот на пет пазари: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

Новиот лидер на листата е глобалниот бренд Coca-Cola, но забележително е дека речиси половината од брендовите во последното истражување, се брендови со регионално потекло. Во 2015 година резултатот беше 15:10 во корист на глобалните брендови, додека минатата година, тој се намали на 13:12.

Coca-Cola ја замени позицијата со претходниот лидер Milka, кој сега е втор најсилен бренд. Третото место ѝ припадна на Cedevita, која во однос на претходното рангирање, ја замени позицијата со Vegeta. Chipsy, Kiki и Sprite се новите брендови на листата на најдобрите 25 брендови, а брендови што најмногу напредуваа во 2016 година се Chipsy и Colgate.

Дел од најинтересните регионални приказни

  • По повеќегодишното лидерство на Milka, Coca-Cola во 2016 година го зазеде првото место во регионот. Сепак, безалкохолниот бренд не е на првата позиција ниту на еден од петте пазари. Coca-Cola е на второто место на сите пазари, освен на македонскиот, каде што е на третата позиција.
  • Српскиот бренд Chipsy, ја подобри позицијата во Словенија и во Хрватска и на тој начин го зајакна регионалниот успех. Резултатот што беше остварен, е најголемиот скок меѓу сите измерени брендови, од 26. на 13. место.
  • Пастата за заби Colgate е вториот бренд, кој направи голем скок и претходниот пласман на 21. место, го замени со 11. место во 2016 година.
  • Минатата година, беше забележано зголемување на групата српски брендови, така што сега ги има вкупно четири: Smoki, Chipsy, Plazma и Jaffa cakes.

Најсилните брендови на поединечни пазари

Ако ги погледнеме поединечните пазари што го формираат регионалното рангирање, сите локални лидери ги задржаа своите позиции. Argeta е единствениот бренд, кој е на првото место на два пазари. Регионалните и локалните лидери и понатаму се многу силни во секоја од земјите – глобалните брендови држат само две позиции (во Словенија, Хрватска и во Србија) или три позиции (во БИХ) меѓу десетте најсилни брендови. Исклучок е Македонија, каде што има пет глобални брендови меѓу десетте најсилни.

  • Македонија: Новата листа во Македонија, донесува и новини. Тоа што остана исто е лидерската позиција, која и понатаму ја држи паштетата Argeta. На овој пазар, се забележува еден од најголемите скокови на листата на најдобрите 10 – станува збор за пастата за заби Colgate, која веднаш ја зазеде 4. позиција. Уште една новина на листата на десетте најдобри се хартиените марамчиња Paloma, кои се најдоа на 10. место. Bitolski jogurt имаше скок од пет места и стигна до 2. место, а веднаш по него е новиот регионален лидер Coca-Cola. Бројот на локалните брендови се намали на два – тоа се Bitolski jogurt и Stobi flips. На листата се три регионални брендови (Argeta, Vegeta и Paloma) и дури пет глобални (Coca-Cola, Colgate, Nescafѐ, Milka и Orbit). Во Македонија, меѓу десетте најсилни брендови, има најголем број глобални брендови во однос на другите земји од регионот.
  • Србија: Во листата на десетте најдобри се наоѓаат дури четири марки од компанијата „Мои брендови" – Plazma на 1. место, Moja kravica (јогурт) на 4. позиција и Moja kravica (млеко) на 8. место, како и Knjaz Miloš на 6. место. Moja kravica е единствениот бренд во регионот, кој освои две места на локална топ 10 листа.
  • БИХ: Два регионални бренда се најдоа на листата на најсилните десет – тоа се Chipsy и Pardon. Argeta останува лидер на локално ниво.
  • Хрватска: Jana останува лидер на хрватскиот пазар како единствен бренд на пакувана негазирана вода меѓу најсилните 25 регионални брендови. Domaćica е нова на листата на најдобрите 10.
  • Словенија: Donat Mg влезе во најсилните 10 во земјата. Првпат, на кој било од петте пазари, еден премиум бренд се најде на листата топ 10. Barcaffè останува бренд број еден во Словенија.

Како критериум за рангирање на листата на „Валикон" се зема силата на брендот, која се пресметува врз основа на препознавање, искуство и користење на брендот во конкретна категорија. Резултатите се пондерирани според големината на популацијата на одредена земја.

Собирањето на податоците беше извршено во септември и во октомври 2016 година, на репрезентативен примерок од 1.000 до 1.500 испитаници по земја. Примерокот е репрезентативен по пол, возраст, образование и религија, на популација од 15 до 65 години. Т.н. „mix-mode" анкетирање, се заснова на компјутерска технологија, која вклучува веб-репрезентативно анкетирање, какои дополнително теренско анкетирање, за популацијата која не користи интернет.

Забелешка:
Меѓу брендовите на позициите од 3 до 9, постојат многу мали разлики, што треба да се има на ум, кога зборуваме за пад или за пораст на одделни брендови. Веќе во листата за  2017 година, ситуацијата меѓу брендовите би можела да се промени.
На македонската топ 10 листа има два локалните брендови (Bitolski jogurt и Stobi flips), три регионални (Argeta, Vegeta и Paloma) и пет глобални (Coca-Cola, Colgate, Nescafѐ, Milka и Orbit).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...