Анализи

Европа: Пазарите во развој ќе го предводат економскиот раст

14 мај 2024

 Пазарите во развој на Централна и Југоисточна Европа се очекува да го предводат економското закрепнување. И покрај високите стапки на инфлација во последниве години, релативниот стандард на живеење во регионот се зголеми. Потрошувачите на „позрелите“ пазари доживуваат губење на куповната моќ.

Пишува: Себастијан Ренак, меѓународен ритејл аналитичар

 Пандемијата, придружена со високи стапки на инфлација, ја промени куповната моќ низ Европа. Неодамна, објавените податоци на „Еуростат“ покажуваат дека повеќето зрели економии на западниот и северниот дел на континентот доживеале релативен пад на животниот стандард во последните две години. Спротивно на тоа, јужниот, централниот и источниот дел на  Европа релативно добро ги помина  економските превирања. Многу пазари во развој забележаа зголемување на паритетот на куповната моќ. Врз основа на БДП по глава на жител, овој индикатор е општо прифатен како релативна мерка за севкупниот економски просперитет.

 Придружната табела илустрира како последните две години ги поделија европските региони на победници и губитници. Во долниот лев квадрант се балтичките економии, со животниот стандард под просекот на ЕУ-27, кои од крајот на 2021 година до крајот на 2023 година забележаа зголемен јаз со нивните европски пандани. Во горниот лев квадрант, нордиските земји, како и големите, позрели западни економии како Германија, Франција и Холандија, забележаа пад на нивниот животен стандард. Австрија беше единствената земја во ЕУ, која забележа подобрување на индикаторот, дури и од високото почетно ниво.

                       

  Спротивно на тоа, во долниот десен квадрант, потпросечните економии во развој како што се Полска, Романија, Хрватска, Унгарија, Словенија и Бугарија покажуваат највисоки стапки на раст на животниот стандард во Европската унија. Португалија, Шпанија и Грција, на долниот дел од развиените економии, исто така може да ја подобрат својата позиција во однос на другите развиени пазари.

 Изгледите за пазарите во Централна и Источна Европа остануваат позитивни. Пазарите во развој ќе го поттикнат закрепнувањето на Европа во 2024 година, според новата светска економска перспектива на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објавена во април.

Меѓу економиите на Европската унија се очекува да предводи Полска со реален раст на БДП од 3,1% оваа година, потоа Хрватска со 3,0%, Романија со 2,8%, Бугарија со 2,7%. Големите зрели економии како Германија и Франција се на дното на рангирањето. Реалниот БДП на Франција по глава на жител се очекува да порасне за само 0,7% оваа година, додека Германија е претпоследна со прогноза од 0,2%

Фото: Pexels

Себастијан Ренак е основач на „Алетос ритеил адвајсори“, меѓународен аналитичар и поранешен меѓународен дописник на Lebensmittel Zeitung (LZ), водечки економски неделник за FMCG–секторот.  Има големо практично искуство во индустријата како поранешен член на оперативните тимови на „Шварц груп“ и „Метро груп“ во Полска, Украина и Русија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...