Анализи

БРИМА: Каде пазарат граѓаните?

09 Aug 2023

Годинава, граѓаните почесто пазарат во супермаркети и во киосци, а помалку на пазари и во специјализирани продавници

Автор: Калина Медаровска-Михајловска, БРИМА

БРИМА, која е прва агенција за истражување на јавното мислење и пазарот во Северна Македонија, повеќе од дванаесет години го спроведува омнибус-истражувањето од кое ги добивме резултатите за анализата во врска со пазарењето на граѓаните и навиките за онлајн-пазарењето кое го вршат за потребите на нивните домаќинства. Начинот на спроведување на ова истражување е четири пати во годината, односно на секои три месеци (февруари, мај, август и ноември), и ова истражување има многу бенефити од аспект на тоа дека лесно може да се следи одреден тренд, односно да се следат промени во одредени параметри (како навики, ставови и слично) на подолг временски период. А сето тоа е возможно и компарабилно поради фактот што секое истражување следи исти методолошки правила. Резултатите за оваа тема анализирани подолу се од истражувањето спроведено во февруари 2021 март 2021 на примерок од 1.200 граѓани на Македонија, национално репрезентативен примерок на популација 15+ години во домовите на испитаниците и сегашното истражување кое е спроведено во февруари 2023 година (со ист тип и големина на примерок). Истражувањата се спроведени со помош на TAPI (Tablet Assisted Personal Interview) методата, а се направени со член од семејството на кого прво му доаѓа роденденот. Маргината на грешка е +/- 2,81%. Примерокот се подготвува на ист начин во сите истражувања: повеќестепен стратификуван репрезентативен примерок на Македонија.

Омнибус-истражувањето е едно од многуте различни типови истражувања што ги спроведува БРИМА, а кое се разликува од другите истражувања по тоа што клиентите ги делат трошоците за неговото спроведување и секој од нив поединечно учествува со сопствени прашања и ексклузивност во користењето на резултатите.

БРИМА употребува различни методологии, а истражувањата се однесуваат на задоволство на клиентите од услугите на угостителите, таен купувач (Mystery Shopping); навики и ставови (U&A) на корисници на разни производи/услуги; истражувања во врска со одредени лојалити-програми; истражувања наменети за одредени таргет-групи и други ад хок и брендирани солуции (NeedScope, BrandZ, Link+, AdNow, TRI*M, Conversion Model и најново е Kantar Marketplace, но и други брендирани решенија).

Исто така, секој читател може да стане панелист со регистрација на платформата seeintouch.mk.

Кога ги прашавме граѓаните: Каде најчесто пазарите намирници за потребите на домаќинството?, (можност за повеќе одговори) во највисок процент тие одговорија дека пазарат во супермаркетите, што е за 3% процентни поени повеќе отколку во 2021 година, кога 81% го велат тоа (84% во 2023 година). На графикон 1 се прикажани одговорите на овие прашања, меѓу кои и дека дури 55% од нив пазарат најчесто во минимаркет/бакалница (исто како и истражувањето во 2021 година). На отворен/зелен пазар купувањето се намалува за 8% процентни поени, што е забележлива разлика (значајна) во споредба со 2021 година. Истиот тренд на намалување на купување во специјализирани продавници како месарници и слично се забележува во 2023 во споредба со 2021 година (26%:39% соодветно). Зголемување на купувањата во тобако/киоск се забележува во 2023 година каде што 14% од испитаниците велат дека често купуваат за потребите на домаќинството, што е за 5% процентни поени повеќе отколку во 2021 година. Спонтано се јавува одговор на ова прашање во однос на онлајн-пазарењето каде што 2% од испитаниците велат дека пазарат за потребите на домаќинството.

 

Вардарскиот (93%), Југозападниот (91%) и Пелагонискиот (91%) Регион се истакнуваат како региони во кои во највисок процент се пазари во супермаркетите за потребите на домаќинствата, додека пак најмалку се пазари во Источниот (72%) и Североисточниот (72%) Регион. Минимаркетите/бакалниците се најмногу посетени од граѓаните од Полошкиот (76%), Пелагонискиот (72%) и Југоисточниот (70%) Регион, додека пак се најмалку посетени од граѓаните од Скопскиот (36%) и Источниот (49%) Регион. Големи разлики се забележуваат и во посетите на отворените зелени пазари каде што само 19% се посетени во Југоисточниот, а 21% во Североисточниот и Скопскиот Регион (имајте на ум дека сепак посетеноста на зелените пазари од Скопскиот Регион е повеќе отколку во другите региони бидејќи бројот на граѓани е поголем). Најпосетени се зелените пазари во Вардарскиот (57%) и Полошкиот (54%) Регион. Што се однесува до специјализираните продавници како пекарници, месарници и слично, во највисок процент ги посетуваат граѓаните од Југозападниот (43%), Пелагонискиот (42%) и Вардарскиот (40%) Регион, а најмалку од Источниот (13%), Скопскиот (15%) и Североисточниот (16%) Регион.

Следно, анкетираните одговараа дали тие следат попусти/акции кои се промовирани од маркетите/супермаркетите за потребите на домаќинството. Од графиконот 2 може да се увиди дека најголем процент (двајца од пет анкетирани (44%)) повремено следат промоции за потребите на домаќинствата, додека тие што не следат или следат редовно се во слични проценти 26%:28% соодветно. Анкетираните од македонска и албанска националност речиси еднакво велат дека најмногу следат акции повремено, додека пак анкетираните од другите националности речиси еднакво ги следат промоциите, односно не ги следат (во слични проценти следат редовно, повремено и не следат).

 

Анкетираните што редовно ги следат промоциите во највисок процент живеат во Скопскиот (38%), Источниот (37%) и Вардарскиот (30%) Регион, а тие што во највисок процент нe следат промоции, живеат во Североисточниот (48%) и Југоисточниот Регион (44%). Месечните приходи на граѓаните играат улога во редовноста на следење на промоциите на маркетите, односно тие со пониски приходи во повисок процент редовно следат од тие со повисоки приходи.

За крај, може да заклучиме дека се зголемува трендот на пазарење во супермаркетите, а пак се намалува пазарењето на отворените пазари. Речиси еднакво, но и најмногу се пазари во супермаркетите во Вардарскиот, Југозападниот и Пелагонискиот Регион. Што се однесува до следењето на промоциите од супермаркетите, повеќе од четвртина од анкетираните граѓани редовно ги следат. Тие граѓани се најмногу концентрирани во Скопскиот, Источниот и Вардарскиот Регион и се со пониски приходи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...