Анализи

ИГД: Перспективи за 2021 година во Централна и во Источна Европа

11 May 2021

Анализа за приспособувањето на пазарот и за петте тренда за 2021 година, со фокус на четирите најдобри пазари во регионот.

Автор: Амин Алхатиб, меѓународен аналитичар за малопродажба, ИГД

Ковид-19 останува доминантен фактор што влијае врз бизнисот со прехранбени производи во Централна и во Источна Европа (ЦИЕ). Во продолжение прочитајте ја анализата за приспособувањето на пазарот и за петте тренда за 2021 година, со фокус на четирите најдобри пазари во регионот.

ПАЗАРОТ СЕ ПРИСПОСОБУВА КАКО ОДГОВОР НА КОВИД-19

Модерните малопродажни трговци инвестираат во продавниците за да овозможат побезбедна средина за купувачите. Тие го приспособуваат и асортиманот за да бидат релевантни за потребите на локалните купувачи што се соочуваат со карантин.

Интернетот ја зголемува пенетрацијата на пазарот и трговците продолжуваат значително да инвестираат во овој канал. Партнерствата со компаниите што нудат услуги за достава на храна стануваат сè попопуларни, како резултат на тоа што продолжува да се зголемува потрошувачката во домот.

Како резултат на опаѓањето на важноста на хипермаркетите за купувачите, водено од долгорочните социјални ограничувања, овој формат ќе продолжи да го губи пазарниот удел во целиот регион.

ПЕТ ТРЕНДА ЗА 2021 ГОДИНА

  1. Купувачите го преферираат онлајн-каналот

Купувачите сè повеќе се свртуваат кон онлајн-каналот, водени од погодностите што ги нуди во време на Ковид-19. Онлајн-купувањето станува сè подостапно за повеќе купувачи во регионот, со оглед на тоа што трговците отвораат нови е-продавници или ги прошируваат услугите преку партнерства со трети страни.

Онлајн-каналот (ќе) бележи пораст од 2020 до 2022 година, на штета на другите канали за прехранбени производи, како што се хипермаркетите.

Во фокусот: „Фудпанда“, Романија

„Фудпанда“ ја лансира концепт-продавницата „Пандамарт“. Купувачите преку интернет можат да нарачуваат директно преку платформата и да ги добијат нарачките за помалку од 30 минути.

  1. Е-трговците со прехранбени производи ги подобруваат достапноста и профитабилноста

Новите чисти е-играчи, како „Ролик“, го прошируваат опсегот на услуги што ги нудат на пазарите каде што се етаблирани, но се прошируваат и на нови – Германија, Полска и Романија.

Истовремено и повеќеканалните трговци, како што е рускиот Х5 со форматите „Перекресток“ и „Магнит“, го зголемуваат присуството на онлајн-каналот. X5 го зголеми опсегот на услуги додавајќи експресни испораки преку сопствениот сервис за испорака до последната милја „Около“.

Дисконтерите, како што се „Лидл“ и „Алди“, претходно немаа голема желба да се префрлат на интернет бидејќи тој начин на работа не го сметаа за доволно профитабилен. Сепак, со огромната промена на купувачките потреби и зголемувањето на обемот на продажба, онлајн-каналот веќе и за нив е привлечен предлог.

Во фокусот: „Ролик“, Чешка и Унгарија

Чешки „Ролик“, кој исклучиво се занимава со онлајн-трговија со прехранбени производи, планира да влезе во Германија, Австрија и во Романија до 2023 година. Тие планови следуваат по неговото проширување во Унгарија во 2019 година.

  1. Инвестиции во дигитални решенија за повеќеканални понуди

Голем дел од трговците на мало, вклучувајќи ги и поранешните безволни дисконтери, тестираат или прошируваат дигитални решенија и технологии во продавниците за да ја подобрат ефикасноста на работењето и да ги намалат трошоците и за себе и за купувачите. Активностите што ги преземаат се од решенија за снабдување до подобрени опции за плаќање во продавницата.

Други малопродажни трговци градат концепти со кои навлегуваат во други стратешки области, како што се одржливоста и повисоко ниво на разбирање на потребите и мотивациите на купувачите, преку подобрени малопродажни екосистеми.

Во фокусот: „Магнит“, Русија

„Магнит“ развива сопствен малопродажен екосистем со воведување на суперапликацијата „Магнит пеј“. Апликацијата комбинира неколку услуги, на пример, историја на онлајн-нарачките и лојалност, за да собере дополнителни податоци и увид во потребите на купувачите.

  1. Трговците соработуваат со оператори за доставување храна

Пандемијата на Ковид-19 го зголеми темпото на трошење на купувачите во онлајн-каналот. Тоа е зајакнато со зголемената конкурентност на трговците со прехранбени производи, кои исклучиво работат онлајн.

Трговците што работат со повеќе формати, исто така, почнаа да го забележуваат растечкиот удел на онлајн-каналот во продажбата. Сепак, за голем дел од нив предизвик останаа ограничената количинска продажба и влијанието врз маржата што го носи купувањето преку интернет.

Услугата стана поизводлива при партнерствата со етаблирани оператори за доставување храна до последната милја. Соработката со аутсорсинг-компании за испорака им овозможува на трговците да ги подобрат маржите на интернет, а на трговците со повеќе формати им помага да дознаат повеќе за тоа што сакаат купувачите.

Во фокусот: „Кауфланд“, Чешка, Романија и Полска

„Кауфланд“ соработува со „Глово“ и со „Еверли“ во Полска и на други пазари, како и со Košík.cz во Чешка. Услугите му помагаат на трговецот да го прошири географскиот дострел на неговиот онлајн-канал.

  1. Хипермаркетите го губат пазарниот удел во регионот

За да ги минимизираат контактите со други луѓе, купувачите сѐ повеќе одлучуваат да пазаруваат поретко, но со поголем размер. Како последица на тоа, хипермаркетот како формат забележа намалување на продажбата на многу пазари во 2020 година.

Предизвик за овој формат е да остане релевантен за потребите на купувачите, што може да се надмине со инвестиции во понудата за таа да се направи попривлечна.

Во фокусот: „Теско“, Полска

Продавниците на „Теско“ од голем формат главно се продадени на „Кауфланд“. Сепак, каналот ќе се намали откако по аквизицијата на „Нето“, поголемиот дел од продавниците на „Теско“ ќе бидат претворени во дисконти.

КЛУЧНИ СЛУЧУВАЊА НА ЧЕТИРИТЕ ВОДЕЧКИ ПАЗАРИ ВО РЕГИОНОТ

Русија

Водечките трговци инвестираат во дигитална трансформација на нивниот бизнис. Се забележува пораст на пазарниот удел на онлајн-трговијата со прехранбени производи, како резултат на тоа што трговците или лансираат или го прошируваат овој канал. Беа направени помалку спојувања и аквизиции, со оглед на тоа што најголемите трговци беа насочени кон сопствените деловни перформанси.

Полска

Новиот даночен закон, кој стапи во сила во јануари 2021 година, е построг за најголемите трговци со месечна заработка повисока од 17 милиони полски злоти (4,6 милиони долари). Пазарниот удел на модерната малопродажба се очекува да достигне до 75% до 2022 година. Дисконтите и к-продавниците (C-store, convenience stores) ќе придонесат најмногу за зголемување на продажбата од 2020 до 2022 година.

Турција

Владата планира да ја ограничи продажбата на некои непрехранбени производи во продавниците од мал формат, како поддршка за помалите локални компании. Планот е дел од просторот во продавницата да биде наменет за производи од локални или мали производители. Малопродажбата на прехранбени производи преку интернет се зголемува како резултат на експанзијата на новите играчи на пазарот.

Романија

Водечките трговци го развиваат присуството на интернет преку соработка со оператори за достава на храна или развиваат сопствени услуги.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...