Свет

ЕЦБ ќе ја поддржи економијата до крајот на кризата

21 Jul 2020

Европската централна банка(ЕЦБ) објави дека е подготвена да ја поддржи ликвидноста во Еврозоната сè додека не биде сигурна дека корона кризата е завршена.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард им порача на владите дека мора да помогнат и да дадат поддршка за закрепнувањето на економијата.

Економската активност во Еврозоната се стабилизираше во последните неколку недели благодарение на олеснувањето на рестриктивните мерки за карантин и движење на населението, но неизвесноста околу брзината и обемот на закрепнувањето и понатаму останува огромна, изјави Лагард на онлајн конференција по редовната седница на ЕЦБ.

Управниот одбор на ЕЦБ ги задржа клучните каматни стапки на сегашното ниво, вклучително и каматната стапка за главни операции на рефинансирање од нула проценти и негативната каматна стапка на депозитите од 0,5 проценти.

На претходната седница, ЕЦБ ја зајакна својата поддршка за европската економија во корона кризата, зголемувајќи ја ликвидноста преку удвојување на вредноста на специјалната програма за откуп на обврзници (PEPP), на 1.350 милијарди евра.

До крајот на јуни, Европската централна банка купила обврзници за повеќе од 360 милијарди евра.

Осврнувајќи ја инфлацијата, Лагард рече дека основната инфлација е намалена заради пониските цени на енергенсите. „Притисокот врз цените треба да остане многу пригушен заради големиот пад на БДП и придружните поизразени слабости во економијата“, додаде таа.

ЕЦБ воведе итни вонредни мерки за ублажување на економската штета предизвикана од пандемијата на коронавирусот, но владите мора да помогнат со дополнителни фискални мерки, истакна шефицата на ЕЦБ.

Лагард се осврна и на предлогот на Европската комисија за фондот вреден 750 милијарди евра за закрепнување на ЕУ од корона кризата и порача дека е важно европските лидери брзо да постигнат договор за овој амбициозен пакет за закрепнување на економијата. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...