Свет

Петти последователен месечен пад на цените на храната

09 Nov 2018

Индексот на цените на храната* во октомври годинава во просек изнесуваше 163,5 поени, што претставува пад за 0,9% во споредба со септември, односно пад за 7,4% во споредба со нивото од истиот период минатата година. Октомврискиот пад беше резултат од намалувањето на цените на млечните производи, месото и маслото, кој го неутрализира порастот на цените на шеќерот и на житарките. Октомврискиот индекс е на најниско ниво од минатиот мај.

Извор: www.fao.org

  • Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 166,3 поени во октомври годинава, што претставува пораст за 1,3% во споредба со септември и пораст од 8,9% на годишно ниво. Меѓу најголемите житни култури најмногу се зајакнаа цените на пченката од САД, поддржани од силниот извоз, а цените на пченицата беа повисоки како резултат на обилните резерви на глобално ниво.
  • Во октомври годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 132,9 поени, што претставува пад за 1,5% на месечно ниво. Деветмесечниот последователен пад резултира со достигнување на најниско ниво од април 2009 година. За падот најмногу придонесоа пониските цени на палминото масло, како одраз на притисокот од големите резерви што ги држат главните земји-извозници.
  • Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 181,8 поен, што претставува пад за 4,8% во споредба со септември. Тоа е петтиот последователен месец на опаѓање на цените на млекото. Последната слабост на цените ги рефлектира зголемените извозни резерви кај сите големи млечни производители, особено од Нов Зеланд.
  • Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 161,6 поен во октомври годинава, што е намалување за 2% во споредба со ревидираната вредност за септември. Во октомври цените на сите главни категории месо се намалија, а најголем пад забележа овчото месо.
  • Септемврискиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 175,4 поени, за 8,6% повисок од септемврискиот, што претставува втор последователен месечен пораст. Зголемувањето на цените се должи на негативните изгледи за производство во регионите за производство на шеќер, особено во Индија и во Индонезија, главно како резултат на временските услови.

* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и забележаните цени.

Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...