Организацијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО), соопшти дека светските цени на прехранбените производи во јуни останале непроменети.
Како што соопштуваат од ФАО, растот на цените на шеќерот, млечните производи и растителното масло во овој период бил надоместен од падот на цената на житариците.
Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на збир на глобално тргувани прехранбени производи, во јуни изнесуваше во просек 120,6 поени, исто како и неговата ревидирана бројка за мај.
Индексот сега е за 2,5 отсто понизок од неговата вредност од претходната година и 24,8 % под својот врв во март 2022 година.
Цените на житарките, според индексот на ФАО се намалија за 3,0% во јуни во однос на мај, делумно поттикнати од подобрените производствени изгледи во големите земји извознички. ФАО предвидува дека производството на пченица во Азија, особено во Пакистан, ќе го надмине очекуваниот пад во Руската Федерација поради лошото време во главните области каде што се произведува пченица.
Спротивно на тоа, глобалните цени на растително масло се зголемија за 3,1% во однос на мај, што беше поттикнао од оживувањето на глобалната увозна побарувачка за палмово масло и од секторот за биогориво во Америка за соја и сончогледово масло.
За 1,9% пораснаа и цените на шеќерот, по три последователни месечни падови, во голем дел поради загриженоста за веројатното влијание на неповолните временски услови и монсуните врз производството во Бразил и Индија.
Светските цени на млечните производи, според ФАО – индексот во јуни се зголемени за 1,2% во однос на мај, при што на путерот достигнаа највисоко ниво во последните 24 месеци како резултат на зголемената глобална побарувачка за краткорочни испораки во услови на силна продажба на мало, сезонски пад на испораките на млеко во Западна Европа и ниски залихи во Океанија .
Всушност, индексот на цените на месото на ФАО остана непроменет во јуни, бидејќи благите зголемувања на светските цени на овчо, свинско и говедско месо речиси го неутрализираа падот на меѓународните цени на месото од живина предизвикан од понудата.
Извор: ФАО
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.