Свет

Владите интервенираат во борбата со високите цени

25 Sep 2023

Низ цела Европа потрошувачите продолжуваат да се соочуваат со инфлацијата и со високите цени на прехранбените производи, што резултира со интервенција на владите во ценовните политики.

Во обид да ја намали инфлацијата, унгарската влада воведе промени во економската регулатива. Од 1 август трговците со прехранбени производи се обврзани да понудат по еден производ во 20 категории со попуст од најмалку 15% за една недела. Трговците, исто така, треба да се погрижат да има доволно резерви од производите со попуст. За цените да бидат транспарентни, големите трговци треба тековно да ги објавуваат за повеќе категории. Потрошувачите можат да пријават прекршување на законот, што предвидува високи казни до 100.000 евра. Со воведувањето на задолжителната регулатива за попуст од 15%, владата ја прекина политиката на ограничување на цената на храната. Ограничувањата на цените се применуваа за широк спектар производи: шеќер во гранули, пченично брашно, сончогледово масло, свинско месо, пилешко месо, млеко, јајца и компири.

Романската влада воведе уредба со која се ограничува профитната маржа за овошјето, зеленчукот и десетина други основни свежи производи. Трговците на мало и „кеш & кери“ операторите не смеат да додадат повеќе од 20% на куповната цена.

Во меѓувреме, во Франција, министерот за економија и финансии Бруно ле Мер постигна договор со производителите на прехранбени производи за малопродажба за намалување на цените на 5.000 артикли, вклучувајќи тестенини, месо од живина, житарки и масло. Агенцијата за конкуренција и спречување измами DGCCRF редовно ќе ги проверува цените на супермаркетите и ќе има санкции за компаниите што не ги почитуваат правилата.

По францускиот договор, и белгискиот министер за економија Пјер-Ив Дермањ побара од производителите на храна да ги намалат цените. Според него, со оглед на тоа што цените на енергијата и на некои суровини се намалуваат на светскиот пазар, очекувано е намалување и на цените во супермаркетите. Прехранбената индустрија во Белгија е против задолжителното намалување на цените и побара од владата да примени други мерки, како што се намалување на трошоците за плати, и намалување на ДДВ-то за храната.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...