Британскиот трговски синџир „Сеинсберис“ претстави нов приватен бренд под кој ги обедини сите свои производи од секојдневниот асортиман.
Од компанијата наведуваат дека со овој потег ќе им помогнат на купувачите полесно да ги најдат секојдневните намирници по пристапни цени.
Производите од нашата сопствена палета стануваат сè поважни за купувачите бидејќи кризата со трошоците за живот продолжува да влијае врз многу домаќинства низ цела Велика Британија. Затоа, работевме на консолидација и ребрендирање на асортиманот Stamford Street за да им помогнеме на купувачите полесно да ги најдат неопходните артикли во продавницата и на интернет. Во срцето на нашиот бизнис повеќе од 150 години е желбата да им понудиме на купувачите вкусна храна по пристапни цени, па затоа сум многу горд што ги гледам овие производи на полиците, изјави Риан Бартлет, комерцијален директор за прехранбени производи во „Сеинсберис“.
Именуван според лондонската улица што беше седиште на трговецот на мало повеќе од еден век, новиот асортиман Stamford Street вклучува повеќе од 200 производи, вклучувајќи ги и линиите Mary Ann's и J. James, кои се редизајнирани и волуменски зголемени. Новата линија има препознатлив дизајн, кој овозможува овие производи полесно да се најдат во продавниците.
Потегот на „Сеинсберис“ следува по сличен чекор на трговскиот синџир „Асда“, кој минатото лето го ребрендира асортиманот Just Essentials. Оттогаш линијата доби толку голема популарност, што трговецот беше принуден на рационализација, спречувајќи ги купувачите да купуваат повеќе од три производи од еден артикл.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.